Достапни линкови

Чешко-македонска уметничка врска во Галерија „Ко-Ра“


„Варијанти“ - дело на уметницата и кураторка на проектот Петра Јовановска
„Варијанти“ - дело на уметницата и кураторка на проектот Петра Јовановска

„Временските граници не постојат“ е насловена меѓународната ликовна изложба и проектот во кој учествуваат чешките уметници Ленка Сасова Малиска и Карел Штаинер и нашата Петра Јовановска, што од 9 април ќе се одржи во Галерија „Ко-Ра“ во Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

Во своето кураторско обраќање до македонската ликовна публика, уметницата и учесничка во проектот „Временските граници не постојат“ – Петра Јовановска најнапред со констатација дека токму дадениот момент ги поврзува нив како творци и дека на тој начин прави една симбиоза на нивните ликовни дела ставени во еден простор во одределена временска отсечка. „Времето како еден несфатлив феномен на настани. Талкање наназад со цел да се преиспита помнењето. Од минатото да се разбере сегашноста. Да се води личен дијалог со она што е зад нас“, ќе забележи Јовановска.

Таа појаснува дека секој „ го согледува времето на различен начин, дека некогаш тоа е апсолутно време во смисла на еволуција во природата, некогаш време на лично паметење, кое репрезентира сцени од сопствениот живот или спирално циклично време на творењето“.Време на разни сличности, на континуирано движење, променливост, минливост и можност на доживување.

Со посредство на ликовните дела се визуализира времето минато и се внесува во експозиција и време сегашно. Компониран лавиринт на разни времиња станува целиот изложбен простор, кој воедно е и средина отворена кон лична асоцијација, емоција, состојба и расположение, пишува во каталогот уметницата и кураторката Петра Јовановска.

Ленка Сарова Малиска, уметница од Република Чешка

И, по ваквиот вовед за меѓународната изложба „Временските граници не постојат“ која од 9 април, согласно сите новодонесени протоколи за заштита од пандемијата во земјава, се одржува во галерија „Ко-Ра“ на Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје секој работен ден и на социјалните мрежи, збор-два за учесниците.

Ленка Сарова Малиска е родена 1981 година во Република Чешка. Дипломирала на Универзитетот Ј.Е.Пуркиње во Усќи над Лабем и во текот на својот досегашен творечки живот се бави со сликарство и со дизајн. Таа зад себе има повеќе самостојни изложби не само во родната земја, туку и во Бугарија, Германија... Била учесничка и на голем број групни претставувања, работилници, меѓународни ликовни колонии, симпозиуми... и за својата уметност добитничка е на неколку значајни награди и признанија. Работи во Карлови Вари, каде има свое дизајнерско студио за порцелан.

„Туристи“ - дело на фотографот и уметник Карел Штаинер

Карел Штаинер е роден 1953 година во Прага, а дипломирал на Хемилти колеџ и Моден институт за технологија во Њујорк, САД. Има реализирано голем самостојни изложби (Р. Чешка, Франција, САД, Италија, Луксембурк итн.) Учесник е на голем број меѓународни групни изложби, симпозиуи и работлници за фотографија.

Работи како професор по фотографија во Париз, Франција.

Нашата Петра Јовановска, пак, е родена 1972 година во Јесеник, во Република Чешка, но студиите ги завршила на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа до сега има реализирано 47 самостојни изложби, изложувала во Франција, Германија, Хрватска, Полска, Р.Чешка ... а била учесничка и во над 300 групни поставки, бројни ликовни колонии, симпозиуми... Член е на ДЛУМ и добитник е на неколку значајни награди и признанија, меѓу кои и годишната награда за графика „Димче Николов“ во 2012 година и Гран-при на 14-от Зимски салон.

Нашата заедничка соработка започна во 2016 година. Непланирано и со посредство на заедничката пријателка Хелена Фенцлова, која тогаш беше и кураторка на Зимски салон во Скопје. Потем Ленка и Карел беа дел од мојот проект – патувачката изложба на група автори од Република Чешка и од Македонија, кој се реализираше во текот на 2017 год. низ неколку градови, во Скопје, Велес, Демир Капија, Струмица, Прилеп, Кавадарц и Неготино . Со Ленка посебно уметничкиот пат ни се вкрсти неколку пати и тоа со нејзино присуство на неколку ликовни колонии во земјава, оние во Охрид и во Струмица, но исто така и на неколку заедничи изложби во Чешка, како „Македонски рефлексии“, во Замок Кленова на пример... А, со Карел се сретнавме и бевме учесници во уметничкиот проект „Корени и крила“, кој се реализираше во Плзењ. Секогаш ме радува кога од една уметничка средба, без разлика дали се работи за изложба, ликовна колонија, симнозиум и т.н. ќе произлезе понатамошна соработка, и тоа се по случаен“ пат, и таа потем се развива и станува поинтензивна, вели Петра Јовановска.

На прашањето каде се допираат нивните интереси, нивните уметнички потраги, со оглед на тоа што творат во различни медиуми, таа со објаснување „дека е само навидум така, но дека смета оти во визуелната уметност не постојат ограничувања“.

Да, секој од нас твори во друг медиум, кој само навидум е различен, но мислам дека во визуелната уметност не постои ограничување. Самиот уметник мора да биде со слободен поглед кон нештата, кон животот, на патот......Карел исклучиво твори во областа на фотографијата, но неговите методи во сферата на фотографијата, неговите циклуси на црно-бели фотографии или композиции со минимален колорит за мене лично имаат голема допирна точка со мојата графика, како медиум. Ленка пак твори во областа на сликарството, најчесто работи акрил на платно и највеќе се занимава со дизајн и рачна изработка на порцелан. Нејзините совршени форми и мотиви одушевуваат и допираат кон моето творештво во смисла на минимализам. Мислам дека баш разликата на медиумите и мотивите на нашето творештво е тоа што не врзува, дека треба да ја почитуваме таа разлика и индивидуалност и таа да не обединува. Исто така Ленка и Карел не само што се одлични уметници, но пред се се прекрасни луѓе, со кои е радост и задоволство да се соработува, истакнува Петра Јовановска.

Мојата родина - дело на Сарова - Малиска

Уметницата и со дополна дека би било убаво изложбата „Временските граници не постојат“ по Скопје да се прикаже и во другите поголеми градови низ Македонија, доколку постои интерес за тоа од некоја од нашите културни институции. Згора на тоа таа не се сомнева дека со своите колеги и пријатели Карел и Ленка во иднина повторно ќе се сретнат во некој заеднички творечки проект, или на некоја меѓународна ликовна колонија.

Кон ова само уште и информацијата дека ликовниот проект „Временските граници не постојат“ е поддржан од Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје, Град Скопје и од Амбасадата на Република Чешка во нашата земја.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG