Достапни линкови

Хуманоста побрза од институциите за лекување во странство


илустрација, операција
илустрација, операција

Хуманоста на народот е подобра и посигурна потпора за пациентите кои си бараат лек отколку комисиските лавиринти во македонските институции заклучува 35 годишната скопјанка Анета Јовановска која неодамна се врати од Турција каде што беше на радиотерапија, благодарение на донациите кои ги собра за своето лекување. Долгото чекање за одобрување, тешките бирократски процедури како и малиот избор на болници во странство за кои се одобрува лекување на државен трошок за Јовановска, но и за многу други пациенти, значи барање донации од хумани граѓани за лекување во странство.

На Анета Јовановска од Скопје пред две години и бил дијагностициран рак на грло на матка. Карциномот бил откриен на време ѝ била направеа операција и како што вели тогаш сè било во ред. По две години таа заболува од рак на левото белодробно крило. Хемотерапијата што и била препишана не можела да ја издржи, не сакала да оди на зрачење, а операција во тој момент ни била во опција. Откако лекарката што ја лечела немало веќе што да понуди, Анета и нејзиното семејство решиле таа да оди на лекување во Турција.

„Тие ми беа уште поголемиот мотив во животот. Си реков заминувам, што сака нека биде, мора да се најдат пари, мора да се оди понатака на лекување, ги избришав солзите и му реков на синот – Ветува мама нема да ве остави, нема да умре, туку ќе оди понатаму“, раскажува Јовановска за РСЕ.

Со сопругот се јавувале по приватни клиники, истражувале на интернет и се одлучиле за лекување во клиника во Турција, кое чинело 18 илјади евра.

„Кога ја видов сумата, а во тој момент ги немаш тие пари, а си ветил на некого нешто, си реков ако треба со ноктите ќе гребам по земјата и ќе се најдат тие пари“, вели таа.

Откако не добила конзилијарно мислење за лекување во странство кое ќе оди на товар на Фондот за здравство, се одлучиле да побараат пари преку донации. Една пријателка и помогнала да се отворат броеви за донации и да се прошири тоа на интернет.

„Благодарение на сите, и на знајни и на незнајни, во рок од една недела се собраа бараните средства и ние заминавме на лекување во Турција. Благодарна сум на сите што дале сè од себе “, вели Анита Јовановска.

Во Турција добила лекување како што и било ветено. Јовановска вели дека навистина лекувањето чини, но дека здравството таму било одлично. Таа прави споредба со здравството тука и вели дека во земјава треба да ги бркаш лекарите само за да ги прашаш нешто, а таму, како што вели, тие сами ти ја отвораат вратата.

„Патот е многу тежок, битката е многу тешка, но нема откажување. Си велам до последно ќе бидам со позитивна мисла, имам за кого да живеам, имам за кого да се борам. Јас имам два сина, треба да ги израснам, да ги школувам, им требам и јас на нив и тие на мене“, вели таа.

Јовановска вели дека хуманоста е поедноставен пат отколку да се оди преку конзилиарно мислење и да се чека на Фондот. Во разговор со луѓе кои го поминале тоа, дознала дека доста време се чека на одобрениe од Фондот за здравство, оти треба да се поминат две комисии пред да се добие одобрени.

Јовановска е само една од многуте луѓе кои секојдневно бараат помош од сограѓаните за лекување во странство. Со најмало пребарување на социјалните мрежи ќе наидете на голем број на повици за помош.

Слична судбина со неа дели и една медицинска хируршка сестра на која пред три години и бил дијагностициран канцер, кој по толку време лекување сега се шири на белодробното крило. Таа сега бара помош од своите сограѓани да собере 15 илјади евра за да проба лекот да си го најде во Турција.

Последниот повик кој го најдовме на социјалните мрежи е за десет годишно девојче Ангела која го губи својот вид, па за лекувањето и дијагностика испратена е на лекување во Германија. За таа цел и се потребни вкупно 13 200 евра, пари кои нејзините родители ги немаат. На социјалните мрежи се шири повик за помош за донирање на пари со цел семејството да може да и овозможи лекување и безгрижно детство.

Неорганизираното здравство раѓа проблеми

Проблемите со кои се справуваат здравствените осигуреници кои бараат од државата да им плати лекување во странство ги забележал и државниот ревизор. Во последниот ревизорски извештај на Фондот за здравство се нотирани серија на слабости и неправилности во системот за лекување на македонски пациенти односно осигуреници во странство. Една од клучните забелешки е дека постапката за одобрување за лекување во странство е долготрајна, односно дека трае повеќе од предвидениот законски рок од 45 дена.

„Не е воспоставена ex-post контрола, односно систем на следење и анализи на успешноста на лекувањето во поединечните болници за лекување во странство врз основа на кои би се утврдиле приоритетни болници за успешно лекување на одделни заболувања“ се вели во ревизорскиот извештај на ФЗО за 2019 година.

Ревизорот утврдил дека комисиите кои постапуваат по барањата за лекување во странство дел од пациентите ги препраќаат на дополнителни прегледи во „една приватна здравствена установа“ иако тие веќе доставиле медицинска документација и конзилијарно мислење. Дополнителен проблем е што таквата пракса не е легитимна (односно нема основ за неа во Правилникот на ФЗО) и е непотребна, заклучил ревизорот.

„Со увид во документацијата која ни беше доставена утврдивме дека со записниците од работата на комисијата не се дава никакво образложение за причините за упатување на пациентите на дополнителни лекарски прегледи. Наведената состојба има големо влијание на одолговлекување на упатувањето во странство на лекување, успешноста на лекувањето и додадената вредност на потрошените буџетски средства, а со упатувањето на дополнителни прегледи во ПЗУ пациентите се изложуваат на дополнителни и непотребни трошоци“ се вели во ревизорскиот извештај.

Ревизорот утврдил дека Фондот нема функционален систем за следење и анализи на ефектите од лекувањето во медицинските установи во странство и во земјата во кои е реализирано одобреното лекување на осигурениците и успешноста на истото. Како резултат на ова Фондот нема изработено листа на болници во која ќе биде содржана и успешноста во лекувањето на различни дијагнози која ќе послужи како основ за упатување на лекување на идни осигуреници ниту пак е изработен акт врз основа на кој ќе се врши изборот на овие медицински установи.

„Отсуството на ваква листа и акт со критериуми овозможува нееднаков третман на осигурениците во однос на изборот на болницата каде што се упатуваат на лекување. Утврдивме случај во кој е извршено менување на медицинската установа каде што се упатува осигуреникот на лекување, без консултации со осигуреникот, и тоа во здравствена установа без специјалност во третман на болни лица поврзано со состојбата во која се наоѓал пациентот, при што во записниците не е дадено образложение за причините за извршената промена ниту пак на кој начин медицинската документација потребна за давање понуда стигнала до оваа здравствена установа“ вели ревизорот.

Над 45 милиони евра се потрошени во изминативе осум години за македонските граѓани да се лекуваат во странство на државен трошок, покажуваат податоците од Фондот за здравство. Најмалку пари биле исплатени во 2014 година вкупно 2,3 милиони евра, додека во 2019 таа сума достигнала 6,8 милиони евра. Во 2020 година за таа цел биле потрошени 4,7 милиони евра, додека лани за таа цел од буџетот на фондот биле одвоени 5,6 милиони евра.

Нецелосни известувања - ревизорите сомничави

Но, еден од клучните проблеми во ваквото финансирање на Фондот е во тоа што нема точна евиденција за исплатените пари и конечната цена на фактурата од странските болници. Државниот ревизор не е уверен во објективноста на финансискиот извештај на ФЗО за лекувањето во странство, затоа што во отсуствува информација за статусот на лекувањето како и конечната фактура по пациенти. Ревизорот во извештајот за ФЗО за 2019 година вели дека оваа проблематична состојба е забележана и минатите години, но се уште не е постапено по препораките.

Според податоците од годишните извештаи на ФЗО, по стотици барања пристигнуваат за лекување во странство од кои две третини се одобрени. На пример во 2018 година пристигнале 348 барања од кои 275 биле одобрени. Во наредната 2019 година од 309 биле одобрени 233 барања за лекување во странство додека во 2020 биле поднесени 193 од кои 142 биле одобрени. Дел до поднесените барања се однесуваат и на продолжено лекување во странство.

„Осигурениците чии барања за лекување во странство се одбиени од комисијата за лекување во странство, поради тоа што не биле исцрпени можностите за лекување во постојните здравствени установи во Републиката, или поради тоа што не постоеле можности за успешно лекување на заболувањето во странство, имаат право да поднесат жалба до второстепениот орган, односно до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, се вели во извештајот на ФЗО.

Според податоците на Фондот за здравство најчесто на лекување во странство се испраќаат пациенти со неврохируршки, уролошки и торакални проблеми. Речиси една половина од пациентите се испраќаат во Турција, и по десетина во Германија, Австрија и Србија. Во 2020 година на 16 пациенти им било одобрено и лекување во приватните македонски болници.

Неодамна од ФЗО реагираа на вест објавена во медиумите во која се наведува дека се бараат донации за лекување во странство затоа што Фондот одбил да го плати лекувањето.

„Често се случува да се злоупотреби ФЗО бидејќи барањата кружат со изговор дека„ Фондот не одобрува“, иако пациентот воопшто не поднел документи во ФЗО, а со тоа не побарал лекување во странство преку Фондот. Со ова, не само што се злоупотребува институцијата, Фонд за здравствено осигурување, туку се манипулира и со граѓаните“, се вели во соопштението.

Граѓаните со кои разговаравме уверуваат дека токму процедурите и долгото време потребно за одобрување ги отргнува од барањето системот да им го реши проблемот со лекување.

Ревизорот препорачува измени на законот за здравствено осигурување со цел поедноставување на процедурите, со точно дефинирани рокови и намалување на обемот на документација. Потоа препорачува Фондот да воведе контрола на содржината на доставените фактури од странските болници како и да се пропише начинот на кој ќе избираат странските болници во кои се упатуваат пациентите кои во својата земја не можат да ја добијат потребната здравствена нега.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG