Достапни линкови

Хрватска во трка со коронавирусот до стартот на туристичката сезона


Плажата Бање кај Дубровник речиси празна, во јули 2020 година
Плажата Бање кај Дубровник речиси празна, во јули 2020 година

Хрватските жупании на Јадранско Море, од Дубровник на југ до Истра на север, бележат зголемен број новозаболени од Ковид-19. Огромен број луѓе зависат од успехот на туристичката сезона во регионот и затоа многу е битно да направиме се за намалување на бројот на заразени, велат туристичките работници

За драстично намалување на бројот на новозаболени до летото и туристичката сезона, за јадранските жупании се воведени две групи на мерки. Првата е премин на повеќето одделенија во основните и средните училишта на онлајн настава, освен матурантите, а втората е поостар надзор и санкции за угостителите кои ја злоупотребуваат 20 дена старата одлука дека е допуштена работата на терасите. Имено, се повеќе се оние кои под тераса ги пласираат и застаклените загреани простори, што дефинитивно не е исто.

Шефот на Националниот штаб за Цивилна заштита, министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ на прес конференција призна дека досега се казнети 30-ина угостители кои не се придржувале до мерките. Најавено е дека оние што не ги почитуваат мерките нема да добиваат надомест поради намалениот обем на работа од Хрватскиот завод за вработување.

„Сигурно е дека оние што ќе ги прекршуваат мерките нема да имаат право на компензација, бидејќи тоа нема логика. Од една страна да добиваш надомест од државата, а од друга да не се придржуваш до елементарните епидемиолошки мерки. Но, составен дел на една од овие одлуки е и сите да се повикуваат доследно да ги спроведуваат токму оние делови на законот што се однесуваат на санкции“, изјави Божиновиќ.

Во Приморско-горанската жупанија, која со 234 новозаразени сочинуваат 20 насто од вкупниот број на новозаболени, можни се и поостри мерки.

„Доколку во наредните денови не дојде до пад на бројот на новозаразени, ќе побараме и ќе разгледаме затворање на терасите и дополнително ќе го ограничиме бројот на луѓе на јавните собирања“, најави пред новинарите началникот на жупанискиот Штаб за Цивилна заштита Младен Шќулац.

Croatia - Дубровник - 28Mar2019
Croatia - Дубровник - 28Mar2019

На сите кои се во туризмот и тоа како им е важно ситуацијата да се стабилизира до сезоната. Во изјава за Радио Слободна Европа директорот на Туристичката заедница на Сплитско-далматинската жупанија Јошко Стела рече:

„Нашата инциденца не е катастрофална во споредба со земјите околу нас, но не е добра. Мораме паралелно да работиме на маркетингот и на тоа ова да се намали. Значи, Владата треба да направи се за да ја намали инциденцата и да спроведе мерки кои се потребни, затоа што без туристичка сезона нам ни се под знак прашалник многу работи во економска смисла на ниво на приватни изнајмувачи, хотелиери, угостители и сите оние што се занимаваат со туризам во нашата жупанија“, рече првиот човек на жупаниската Туристичка заедница.

Само во таа жупанија има 25 илјади приватни изнајмувачи, па кога ќе се додадат нивните семејства, околу 100 илјади луѓе само тука директно или индиректно живеат од приватно изнајмување, предупреди Стела.

„А тука не ги сметавме ни хотелиерите, ни угостителите, ни агенциските работници, ни други луѓе кои живеат од туризмот. Огромен број луѓе зависат од успехот на туристичката сезона и во нашата и во други жупании и затоа многу е битно не само заради здравственото, туку и заради економското здравје, да направиме се за инциденцата да биде минимална. Мислам дека е подобро да се жртвуваме во претсезоната, отколку да ја почнеме сезоната со лоши бројки кои нема да можеме да ги поправиме“, предупредува Стела.

Инциденцата (број на заболени на 100 илјади жители во период од 14 дена) во Хрватска е 248,5, соопшти Националниот штаб за Цивилна заштита. Најдобра е во Вировитичко-подравската жупанија- 67,8 новозаболени на 100 илјади жители, а најлоша во Приморско-горанската- дури 666,3.

Хрватска е осма во Европската Унија (ЕУ) по инциденцата, односно помалку новозаразени имаат седум држави, меѓу кои се и две конкурентки на медитеранскиот туристички пазар- Шпанија и Португалија. Ниска инциденца има уште една конкурентка на тој пазар - Турција, која не е во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG