Хотелот Холидеј Ин во Сараево стана иконски белег и симбол на опстанокот за време на опсадата на босанската престолнина 1992-95 година. За време на војната во Босна, хотелот остана отворен и стана база за странските новинари кои го покриваа конфликтот. Денес познат како Хотел Холидеј, зградата сега се соочува со друга егзистенцијална криза - пандемијата со ковид-19. Со драматичниот пад на туризмот и недостатокот на гости, хотелот е пред затворање. Но, како што пишуваат Уна Чилиќ и Џенана Карабеговиќ, новинарки на РСЕ, има знак на надеж откако босанската влада неодамна ги олесни ограничувањата за странските посетители.
Холидеј Ин во Сараево за прв пат ги отвори своите врати за Зимските олимписки игри во 1984 година. Светло жолтата зграда сместена во центарот на Сараево честопати се споредува со Лего коцките, а ја дизајнираше познатиот босански архитект Иван Штраус.
Со почетокот на војната во април 1992 година, лидерот на босанските Срби Радован Караџиќ, кој сега е осуден воен злосторник, ги имаше своите привремени канцеларии во хотелот.
Откако Караџиќ побегна, хотелот стана центар за странските новинари кои известуваа од скоро четиригодишната опсада на Сараево.
Настаните во хотелот честопати личеа на сцени од филмот Казабланка. Тоа беше место каде што се собираше избрана екипа на ликови на крајот на секој опасен ден.
„Холидеј Ин беше чудно место. Скоро како тврдина во средина на опсадата“, вели Пол Лоу, фотограф кој работел со агенцијата „Магнум“. Хотелот многу пати беше цел на напади, но Лоу вели дека сепак бил најбезбедното место за новинарите.
„Многу интригантно место. Беше полно со интересни ликови, новинари кои доаѓаа од различни места, вклучувајќи ме и мене“, вели Лоу.
Од олимписки луксуз до прогон на новинарите
Првиот хотел со меѓународен бренд во Сараево, Холидеј Ин беше официјално отворен во пресрет на Зимските олимписки игри во октомври 1983 година. За време на Игрите тоа беше седиштето на Меѓународниот олимписки комитет и неговиот претседател Хуан Антонио Самаранч.
Захид Буква работеше во хотелот уште од Олимписките игри, прво како келнер, а потоа и како директор на холот, позиција што тој сè уште ја држи денес. Буква вели дека во тоа време хотелот бил секогаш полн. „Сè се вртеше околу давањето услуги за нашите гости“, се сеќава Буква. За време на Олимпијадата, вели Буква, во Сараево немало празни места. „Во тоа време во хотелот имаше околу 300-400 вработени, можеби и повеќе, но секако 400 за време на Олимпијадата“.
На почетокот на војната во Босна и Херцеговина, Холидеј Ин стана место каде се собраа политичките елити, објаснува Кенет Морисон, професор на универзитетот Де Монтфорт во Британија и автор на книгата за “Сараево Холидеј Ин: На предните линии на политиката и војната”. „Исто така, тоа беше хотел каде Радован Караџиќ и комисијата за кризи на Српската демократска партија имаа свое привремено седиште на почетокот на 1992 година“, изјави Морисон за Радио Слободна Европа.
Но, најважните гости на хотелот за време на војната беа бројните странски новинари кои живееја и работеа во хотелот од 1992 до 1995 година. Зградата се наоѓаше во близина на одбранбените линии и беше гранатирана безброј пати.
„Верувајте ми, немаше парче стакло на прозорците во хотелот, се беше искршено, разнишано“, вели Буква. "Мислам дека една граната дојде од Врача [ридска населба Сараево] и мина низ два sида и падна на скалилата каде што експлодираше. Можете да ја замислите катастрофата”.
Заедно посилни
Имаше само неколку безбедни области во зградата од 10 ката. „Беше многу опасно кога имаше многу пукање врз самиот хотел“, вели Буква. „Се криевме во вечерните часови. Верувај ми, новинарите ќе не следеа до приземјето, каде порано имаше ноќен ресторан. Се криевме и бевме безбедни таму. Еднаш, дури сите спиевме долу заедно. Не бевме безбедни горе “.
Без оглед колку беше лоша ситуацијата, хотелскиот персонал сè уште имаше свои гости - новинари од целиот свет и тие дадоа се од себе за да обезбедат гостопримство. „На овие новинари им обезбедивме услуги за да се чувствуваат како дома“, вели Буква.
Еден од гостите на хотелот за време на војната беше дописникот на Си-Ен-Ен Кристијан Аманпур. „Холидеј Ин беше дом за многу од нас што ја покриваа Босанската војна и опсадата на Сараево во текот на 90-тите години на минатиот век“, изјави таа за „РСЕ / РЛ“. „Засекогаш е поврзан со тоа време и со нашите напори да ги прикажеме фактите додека се наоѓавме под оган“.
За време на војната, хотелот немаше редовно вода или електрична енергија. Што се однесува до храната, новинарите и хотелскиот персоналјадеа заедно.
Буква се сеќава на американскиот воен дописник Курт Шорк, кој известуваше за опсадата на Сараево, а подоцна беше убиен во 2000 година додека беше на задача во Сиера Леоне.
„Курт Шорк, почивај во мир. Многу добро се сеќавам на тој човек. Исклучително добар новинар“, вели Буква. "Тој отиде во градот Кисељак, мислам, и се врати со неколку десетици јајца. Тој беше вегетаријанец и ме замоли да ги чувам јајцата, за никој да не ги земе. И тогаш, секое утро, подготвував пржени јајца. За вечера, тој јадеше претежно ориз со сос, како и сите, ако имаше сос од домати, кој доаѓаше со хуманитарна помош. Ние едноставно успеавме, а тие ни помогнаа “, се сеќава Буква , кој вели дека гостите и вработените во хотелот се чувствувале како семејство.
Самите новинари сведочат за снаодливоста на вработените во Холидеј Ин. Зоран Стевановиќ, кој работеше за телевизијата Ројтерс за време на војната, вели дека единствено што може да каже за нив е дека тие биле совршени.
"Не можам да дадам подобар комплимент. Мислам дека тие беа најдобриот хотелски персонал што сум го видел во животот. Во атмосфера кога снајперист стрела два часа, имаш насмеани луѓе работејќи, иако надвор има комплетен хаос “, вели Стевановиќ.
Пол Лоу вели дека никогаш не знаел како, но хотелот успеа да има вода и електрична енергија барем дел од денот преку поголемиот дел од војната, дозволувајќи им на новинарите да работат на нивните приказни.
"Беше многу нереално. Одите надвор, сликате, паѓаат гранати. И тогаш се враќате во хотелот, има луѓе кои пијат кафе, одите на вечера, понекогаш со свеќи ако нема струја. И тогаш ќе бидете услужени од келнери во костуми што беа фантастични “, вели Лоу. "Кога излегувате од хотелот, тоа беше како да патувате во паралелен универзум. Слично како во филмот Казабланка. Вистински воен хотел".
Надреалните сцени го потсетија и Стевановиќ на класичниот холивудски филм. „Во Казабланка, имате бар каде што сите се собираат, а тука имате Холидеј Ин каде што сите се собираат“, вели тој.
Потребни беа нерви и малку расположение да се живее надвор од хотелот лоциран среде опсаден град каде што секој ден паѓаат гранати. Секој секогаш знаеше која страна на хотелот е безбедна.
„Предниот дел на хотелот со поглед на Народниот музеј и на Грбавица беше целосно уништен и тие простории не беа користени“, вели Стевановиќ, додавајќи дека хотелот претставувал еден вид лажен нормален живот и исто така покажал колку се колегијални новинарите.
„Никогаш не видов новинари да споделуваат информации толку брзо и лесно, ниту во Багдад, ниту во Пакистан. Доволно беше да викнат во лобито:„ Еј, дали некој оди во РТВ [зградата на државното радио и телевизија]? “ Воопшто немаше конкуренција “.
Кога не известуваа за војната, новинарите го минуваа времето играјќи покер или свирејќи пијано. Стевановиќ се сеќава дека имало и некои необични начини за забава, како врзување на планинско јаже на горниот кат и спуштање во холот на хотелот.
"Пол Маршанд, кој за жал се самоуби, работеше за сите радио станици што зборуваат француски јазик во светот. Еден ден, тој дојде до луда идеја да користи планинарски јажиња што ќе ви овозможи да се спуштите од големи височини", се сеќава Стевановиќ. "Тој сакаше да го стори тоа од надворешната страна на облакодерите Момо и Узеир (две деловни згради во центарот на Сараево). Ние му рековме дека е луд и дека снајперист ќе го собори. Затоа, го сторивме тоа одвнатре во лобито на Холидеј Ин од горниот кат “.
Богата историја, неизвесна иднина
Хотелот повторно започна да пречекува „нормални гости“ во февруари 1996 година, вели професорот Кенет Морисон.
Во 2013 година, договорот за франшизата на хотелот Холидеј Ин истече и името беше сменето во хотел Холидеј. Денес, зградата е во сопственост на хотелската групација Европа, која е сопственик на повеќето од најголемите хотели во Сараево. Минатата година групата објави дека ќе отвори мултиплекс кино до хотелот во партнерство со Сараевскиот филмски фестивал.
"Кога тие ја презедоа сопственоста на хотелот, имаше ренесанса. Плановите за изградба на синеплекс до хотелот не само што ќе обезбедат дополнителен простор за фестивалот, туку ќе ја обезбеди и иднината на хотелот. За жал, кризата со ковид-19, што е многу штетна за туристичката индустрија, стави многу хотели под значителен финансиски напор “, вели Морисон.
Денес заради пандемијата нема гости во хотелот Холидеј. Захид Буква вели дека не можел да сонува дека ќе се случи вакво нешто.
"Дали можевте ова да го замислите? Имаше војна и сега коронавирус. Ова е незамисливо. Тука има огромни загуби кога станува збор за туризмот. Минатата година, оваа сала, па и сите други простории беа полни, беше полно со туристи. Сега има огромни загуби, мислам дека ќе треба да се затворат сите хотели. За жал, и овој“, вели Буква.
Сите резервации се откажани до 2021 година поради пандемијата. Милиони долари приходи се изгубени, според Расим Бајровиќ, сопственик и генерален директор на хотелот Холидеј.
Групата објави дека ќе мора да ги затвори најпрестижните хотели во Сараево ако не се отворат границите.
На 14 јули, Советот на министри на Босна им даде на хотелите во Сараево малку надеж. Советот објави дека границите на Босна ќе бидат отворени за граѓаните на ЕУ од безвизната Шенген зона, доколку можат да обезбедат негативен тест за коронавирус, направен во последните 48 часа.
„Тоа е добра вест за туризмот и хотелската индустрија. Тоа е чекор кон зачувување на нашата индустрија“, вели Бајровиќ.
За оние кои работеа и најдоа прибежиште во Холидеј Ин за време на војната, Сараево ќе беше незамисливо без неговиот иконски жолт хотел.
"Тоа беше симбол на заедништво за мене и за сите странски новинари во Сараево. Мислам дека ако хотелот исчезне, голем дел од градот ќе исчезне со него", вели Стевановиќ.
За професорот Морисон, Холидеј Ин е повеќе од хотел. Тој посочува дека иако хотелот е стар само 37 години, тој има богата и фасцинантна историја.
„Морам да ви ја раскажам оваа приказна. Кога правев истражување за книгата, не можев да најдам книга на гости за периодот 1984-1992 година. Истата исчезна за време на опсадата“, вели Морисон. "И тогаш добив повик од американски новинар кој ми рече дека тој ја шверцувал книгата во август 1992 година и заборавил на тоа. Тој се согласи да ми ја испрати книгата, која потоа јас лично ја однесов кај Хајро Ровчанин, кој работеше во хотелот од 1984 година. Прекрасно беше да се врати нешто во хотелот. Беше како да се даде дел од историјата назад во градот". По повеќе од три децении во хотелот како вработен, Захид Буква вели дека планира да замине во пензија во ноември. Тој се надева дека хотелот ќе остане отворен откако ќе замине. „Ова е симбол на градот, симбол на државата. Многу гости и државници го посетија и спиеја овде“, вели тој. „Ќе биде голема штета да го затвориме. Барем да можеме некако да работиме како што сторивме за време на војната, кога некако успеавме. Добрите луѓе можат да најдат начин за да не се затвори“.