Достапни линкови

САД гледаат „огромна разлика“ во реакциите на Русија и Украина на наводите за воени злосторства


Форензичари ексхумираат тело на лице кое, според украинската полиција, било убиено и закопано на позиција на руски војници за време на руската инвазија, во близина на селото Ворзел во областа Буча, регионот Киев, Украина на 13 јуни.

Законите за војна важат подеднакво за сите страни, вели американската амбасадорка за глобално кривично право Бет Ван Шаак која рече дека внимателно ги следат случувањата во Украина, вклучително и руските наводи дека украински војници пукале врз руски војници кои се предале. Таа наведе дека ,сепак, гледаат голема разлика во реакциите на Русија и Украина на наводите за воени злосторства.

Американската амбасадорка за глобално кривично право Бет Ван Шаак ги коментираше руските наводи дека украинските војници можеби пукале врз руските војници кои се предале, велејќи дека има значајна разлика помеѓу тоа како Москва и Киев реагирале на таквите обвинувања.

„Очигледно е дека тоа внимателно го следиме“, рече Ван Шаак за време на конференцискиот повик со новинарите на 21 ноември.

„Навистина е важно да се нагласи дека законите за војна важат подеднакво за сите страни, и за државата агресор и за државата бранител, и тоа во иста мера“, рече таа.

Таа исто така додаде дека гледаат навистина голема разлика кога станува збор за реакциите на ваквите обвинувања.

„Русија неизбежно одговара со пропаганда, демантирање, дезинформации, додека украинските власти генерално ги признаа злоупотребите, ги осудија и ветија дека ќе ги истражат.

Таа ја повика Украина да продолжи да ги почитува своите меѓународни обврски, додавајќи дека, сепак, обемот и бројот на наводите за воени злосторства против руските сили во Украина се „огромни во споредба со обвинувањата против украинските сили“.

Ван Шаак рече дека има „сè повеќе докази дека (руската) агресија е придружена со системски воени злосторства извршени во секој регион каде што се распоредени руските сили.

Таа истакна дека има „намерни, неселективни и непропорционални напади врз цивилното население и цивилната инфраструктура“.

Исто така наведе и дека има и „злоупотреба на цивили и воени затвореници во притвор, како и напори за прикривање на овие злосторства“.

Руската амбасада објави соопштение во кое тврди дека „САД овозможуваат попустливост и неказнивост на неонацистите во Украина со прикривање на лудилото на украинските насилници“, објави денеска руската државна новинска агенција ТАСС.

На 18 ноември, руското Министерство за одбрана објави видео фрагменти на кои се чини дека украинските сили убиваат руски војници кои лежеле на земја и се предале.

Украинскиот омбудсман Димтро Лубинец изјави дека руските војници само се преправале дека се предале и дека нивните другари први отвориле оган врз Украинците.

Лубинец вети дека ќе спроведе истрага за инцидентот што се случи околу 12 ноември во селото Макиевка во областа Луганск.

Откако започна руската инвазија врз Украина во февруари оваа година, бројни обвинувања беа упатени кон Русија за можни извршени воени злосторства.

Меѓу првите меѓународни осуди кон Русија беа по наводите за можни воени злосторства извршени од руските сили во киевското предградие Буча и во други делови на Украина.

За овој случај беа објавени фотографии и снимки од трупови на улиците беа, како и дека некои од убиените биле со врзани раце зад грб и со бели ленти на рацете за да ги означат како цивили.

Тогаш и меѓународниот кривичен суд отвори истрага за наводните за воени злосторства извршени од руските сили во Украина.

Во мај годинава Советот за човекови права на ОН (УНХЦР) со големо мнозинство одобри резолуција за покренување истрага за наводите за злоупотреби од страна на руските војници во областите на Украина коишто тие привремено ги контролираа.

Во резолуцијата на УНХЦР се наведуваат очигледни случаи на тортура, пукање и сексуално насилство, како и други злосторства документирани на теренот од страна на тим на ОН.

Во септември беше објавено дека истрагата на ОН заклучила дека во Украина биле извршени воени злосторства.

Независната истражна комисија за Украина заклучила дека во Украина биле извршени воени злосторства врз основа на доказите собрани од четири региони во таа земја.

Во наодот на Комисијата се цитираат сведоштва на поранешни затвореници во руските притворски установи, во кои се наведени тепања, електрични шокови и присилна голотија. Панелот, исто така, изрази голема загриженост за егзекуциите во регионите Киев, Чернихив, Харков и Суми - сите претходно окупирани од руските сили.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG