Достапни линкови

Функционерите прво да сработат, па да одмараат


Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

За десет месеци колку што работи овој парламентарен состав, завршени се 20 пленарни седници, а 16 се незавршени. Пред пратениците месецов стојат нови обврски, а треба да се распишат и избори, по што тие треба да заминат на едномесечен одмор. Но дали одморот им е заслужен?

Пред пратениците во следниот период треба да се најде ребалансот на Буџетот , Предлог - законот за еколошка такса на горивата и предлогот за намалување на ДДВ-то за струјата, а треба да се изберат и тројца уставни судии. Претседателот на Собранието треба да ги распише и локалните избори кои треба да се одржат наесен. Пратениците овие работи треба да ги завршат пред да заминат на годишен одмор во август.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој е дел од владиното мнозинство предлага пратениците и министрите одморот да го одложат за подоцна, а овие месеци да се посветат на реформите, кои се во застој, вели тој.

„Мислам дека Владата треба да подготви акциски план за тоа кои се приоритетните работи, кои закони треба да се донесат. Што треба да се направи за да се консолидира државата и да се подготви за почеток на школската година со физичко присуство, потоа овој процес на имунизација да биде поефективен овие два месеци, да се предвиди што сè треба да се направи за да профункционира бизнисот и стопанството. Реформите околу судскиот систем, јавната администрација, за да може животот од септември да се нормализира“, вели Трајанов.

Но не само пратениците да доаѓаат на работа и да седат, туку треба да се направи план по кој ќе се работи поорганизирано и поефикасно, додава Трајанов.

Собранието често пати работи на раб на кворум. Како една од причина досега беше што дел од пратениците беа во изолација поради пандемијата со ковид-19, а работата на Парламентот се блокираше и со илјадници амандмани што ги поднесуваа опозициските партии. Премиерот Зоран Заев се среќаваше со претседателите на опозициските партии за да се одблокира работата на Собранието. За да ги запазат здравствените протоколи поради пандемијата пратениците до почетокот на месецов работеа во Големата сала и гласаа со картончиња и гласовите се броеја рачно. Тие на 8 јуни се вратија во салата Македонија каде има можност за електронско гласање.
Првата година на овој собраниски состав го одбележа пандемијата, па голем дел од пратениците беа заразени со ковид, поради што не доаѓаа на работа, но имаше и случаи кога за битни закони гласаа и заразени пратеници во скафандери и од посебни кабини. Пратениците не се согласија за одржување на онлајн седници.

Пола од седниците завршени, половина не

Овој парламентарен состав почна со работа кон крајот на август минатата година, по изборите кои се одржаа на 15 јули. За десет месеци колку што работи овој состав, завршени се 20 пленарни седници, а 16 се незавршени. Од завршените 20, само на 8 на дневен ред имало предложени закони, а имаше и седум седници за пратенички прашања. Меѓу завршените седници се и они на кои се верификуваа мандатите на пратениците, се бираа потпретседатели на Собранието, се конституираше влада, се бираат членови на ДИК, а тука е и редовното годишно обраќање на Претседателот на државата, на една седница се обраќаше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, а на една словенечкиот претседател Борут Пахор. Но без разлика дали сработиле или не пратениците не заборавиле да си земат патни трошоци. Тие за девет месеци од конституирањето на Собранието зеле 193.000 евра за патни трошоци, објави пред неколку денови порталот „СДК“, според добиените податоците од собраниското сметководство.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, пак, вели дека она што не го сработиле пратениците досега нема да го сработат во времето предвидено за одмор.

„Ако се земе ни призмата колку пратениците сработија досега, тогаш тие воопшто не треба да имаат одмор, но ако се земе предвид фактот дека тие се постојано во Собранието и имаа исти права како и другите луѓе во работен однос, тие заслужуваат да одат на одмор и не треба да се казнуваат. И тоа се казнуваат поради неефикасноста на определена пратеничка група или поради определен број на пратеници кои не си ги вршат одговорно своите партиски функции. И да останат во Собранието цело време овие два месеци нема квалитетно ништо да се промени“, вели Петковски.

Премиерот Зоран Заев, пак, за предлогот пратениците и министрите одморот во овој период да го одложат и да се посветат на реформите, вели дека одморот им е потребен, оти само одморен човек може да биде поефикасен.

„Социјалдемократ сум, правото на одмор е вистинско право, заради тоа што одморен човек и работник, па и пратеник, може да биде поефикасен. Можеби не мора цел август месец да биде одмор, обично после Илинден Парламентот заминува на одмор, можеби помалку, но парламентот е над Владата, над мене како премиер и јас не би си дозволил да ги коментирам нивните одлуки, како ќе одлучат тие, ќе почитувам“, рече Заев и најави дека тој ќе користи 10 дена одмор.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG