Достапни линкови

Учебниците по англиски заглавија во министерските смени и новите програми


Учебници за основно образование
Учебници за основно образование

Нема решение за проблемот со учебници по англиски јазик. Цели одделенија учат без учебници, родителите кршат закон, а наставниците импровизираат. Три години не се одобруваат учебници по англиски според новите програми, а министерските смени само го продлабочија проблемот.

Многу основци и годинава останаа без учебниците по англиски јазик. Оние кои добија, се жалат дека се испокинати. Ама за „бељата“ да биде поголема, и нивното користење не е одобрено од МОН според новите наставни програми кои се донесоа во меѓувреме. Па така, веќе трета година се прават импровизации во изучувањето на странскиот јазик во училиштата.

Исто толку години за ќерката на Марина Наумовска, ученичка во Карпош, нема помагало за изучување на англискиот јазик, а родителите се снаоѓаат „како знаат и умеат“. Конечно годинава, на почетокот на септември стигнала најава дека одделението ќе има учебник по англиски. Ама радоста траела кратко.

„По три недели се испостави - ништо од тоа. Така што и оваа година не добивме учебници и повторно, како претходните, кој сакаше можеше да си купи, бидејќи има дистрибутери на тие учебници кои се печатени во Англија. Учебникот и работната чинеа околу 1300-1400 денари за двете. A кој нема, буквално да прави прекршок и да го копира учебникот што законски не е во ред, и на тој начин да се снајдат“, раскажува Наумовска.

Како да учиме од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Три министри за три години, четвртиот на повидок

За разлика од останатите, учебниците по англиски јазик се носат од странство, а МОН ги набавува преку македонски фирми кои се нивни дистрибутери. Учебникот кој се користи треба да биде одобрен од Педагошката служба. Но, како што појаснуваат од Асоцијацијата на наставници по англиски јазик ЕЛТАМ, веќе трета година немаат одобрен учебник според новите програми.

Наставните програми за изучување англиски јазик во основното образование се сменија во 2019 година кога министер за образование беше Арбер Адеми. Следната година, на ова место дојде Мила Царовска, која ја воведе новата концепција за основно образование.

Ова значеше дека само што донесени, повторно почнаа да се менуваат наставните програми за основците, вклучително и оние за странски јазик. Планот на Царовска беше да нема печатени учебници за погорните одделенија, па почна креирањето дигитални, ама и тоа траеше кратко.

На министерското столче во МОН седна Јетон Шакири, кој најави дека остануваат печатените учебници, кои патем уште ги нема и по останатите предмети за одделенијата прво, второ, четврто и петто, каде е воведена новата концепција. Притисокот на јавноста беше кај останатите учебници, па оние по странски јазик останаа во заден план.

И за да биде уште „поинтересно“, министерската фотеља во МОН повторно може да „трпи“ како резултат на новите партиски пазари ако се постигне договор Алијанса на Албанците да влезе во Владата. Ова беше демантирано од власта со образложение дека преговорите се на почеток. Ама од власта исто така демантираа дека има разговори со АА за влез во Влада, за потоа да признаат.

И така, во три години се сменија три министри во МОН, ама учебници по англиски нема.

„Голи“ насоки за наставниците

Мирослава Павлова Аневска, претседателката на ЕЛТАМ, е загрижена дека проблемот нема да биде решен ниту во следните три години, колку што ќе трае воведувањето на новата концепција за сите одделенија во основното образование.

„Замислете, децата што почнаа 2020/2021 година петто одделение, сега се осмо, учат трета година без одобрен учебник, а догодина треба да го завршат основното образование“, вели таа.

Во пракса, додава Павлова Аневска, тоа значи дека сега немаат учебник по кој од МОН им е дозволено да работат, ниту пак биле изработени материјали за работа во училница. За старите учебници по англиски пак, констатира дека се веќе оштетени и почнува да ги снемува.

„За жал дури и тие стари учебници веќе не ги задоволуваат потребите на училиштата и на децата, што по бројност, што по оштетеност“, вели таа.

Така на пример, годинава МОН во мај планирале јавна набавка за откуп на учебници наменети оваа учебна година, но на Бирото за јавни набавки нема информации дека била била направена набавка. Инаку, употребната вредност на учебниците за основно е 5 години. Потоа тие треба да бидат заменети со нови, ама во пракса не е така.

Крпено образование

Наставникот Влатко Секулоски, кој предава англиски во училиштето во прилепската рурална општина Долнени, вели дека неговите ученици ги чуваат старите учебници, ама од МОН едноставно не добиваат доволно примероци и имаат сериозен проблем. Тој е лицето во училиштето кое преку посебна програма секоја година пријавува колку учебници му се потребни од МОН за следната. Ама вели дека кога се работи за учебниците по странски јазици, самата програма не му дава да нарача повеќе од два учебника.

Најголем проблем годинава им се јавил во шесто одделение каде лани имале 14, а сега 23 ученици.

„Генерално од второ до петто снабденоста е добра, а од шесто до деветто во речиси сите одделенија фалат, од 30 до 50% кај учениците нема учебници“, вели Секулоски кој додава дека дури и старите книги се подобри од никави.

Англискиот јазик во 2007 година беше воведен од прво одделение, во задолжителното и бесплатно основно образование, откако се покажа дека има потреба од тоа. Наставниците сега велат дека за часовите да бидат квалитетни, им требаат помагала како учебници, посебно во пониските одделенија каде е тешко учењето од фотокопирани ливчиња. Во ек на мерки на штедење, кога училиштата кубурат со пари, ниту ова не е опција во многу школи.

За разлика од останатите учебници, оние по странски јазици се уште можат да се најдат во некои од книжарниците. На наставниците не им е дозволено да бараат од родителите да ги купуваат, ама на родителите веќе им е преку глава од импровизации. Како на Марина Наумовска.

„Ако се прокламира дека постои бесплатно образование, тоа навистина би требало да биде бесплатно образование. Ние во овие три години, не само со учебникот по англиски јазик, туку и во многу други сфери согледуваме дека образованието не е бесплатно, така како што стои на хартија“, децидна е таа.

РСЕ уште пред два месеци побара став и од МОН за проблемот. Повторно побаравме и вчера. До објавувањето на текстот, одговор не стигна.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG