Достапни линкови

Управен суд пресуди – Арсовска незаконски го назначила Алексов за директор на МКЦ


MKC
MKC

Незаконско е решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на МКЦ, утврди Управниот суд. Од Градот Скопје побара да го поништи решение. Но, Алексов и натаму си доаѓа на работа велат вработените. Од Градот нема одговор дали ќе ја спроведат судската одлука.

Управниот суд донесе пресуда со која го поништува решението на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за именување на привремен директор на Младинскиот културен центар (МКЦ ) Никола Алексов. Оваа одлука ја донесе судот по тужбата што ја покренаа вработените кои тврдеа дека Алексов е незаконски поставен на директорската позицијата. Алексов не одговори на нашето барање за коментар.

Алексов застана на чело на оваа институција, по два дена работно искуство во онаа институција во која дојде од приватниот сектор каде што со дипломата за детектив се занимавал со обезбедување. Тој на директорското столче во јануари годинава го замени Ванчо Богоев кој обвини дека е сменет затоа што не потклекнал на притисокот од генералниот секретар на Град Скопје да го потпише вработување на музичарот Арбен Шакири познат во јавноста како Бени.

Судот пресудата за поништување на решението на Алексов ја донесе на 28 април годинава. Но, во меѓувреме, извори од МКЦ за РСЕ велат дека Алексов и натаму си доаѓа на работа како директор на институцијата.

Од градот Скопје до објавувањето на овој текст не одговорија на новинарските прашања дали е спроведена во пракса одлуката на Управниот суд за поништување на решението за назначување на директор на Алексов и кој е поставен на неговата позиција.

Градоначалничката Арсовска во интервју за Радио Слободна Европа во февруари тврдеше дека ги почитувала сите законски процедури при неговото назначување.

„Законот не прави никаква разлика дали некој е вработен на определено или неопределено време, и тоа кое што се пласира во јавноста во делот на манипулации и лаги е нешто што ќе го разбиеме, затоа што ова се прави со една и единствена цел а таа ќе ја разбиеме“ одговори Арсовска.

Арсовска - Јас сум успешна градоначалничка
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:39 0:00

Но, Управниот суд не се согласува со ставот на Арсовска. Според пресудата, градоначалничката не смеела да го назначи Алексов за в.д директор затоа што на таа позиција може да дојде само некој што е вработен во институцијата, а Алексов во МКЦ на позицијата обезбедување дошол од Агенцијата за привремени вработувања.

„Тужениот орган не утврдил ниту дека лицето кое го именувал за вршител на должност директор на Јавна установа не ги исполнува условите кои ги предвидуваат наведените членови, бидејќи лицето Никола Алексов никогаш не било вработено во Јавната установа Младински културен центар- Скопје што значи дека не бил од редот на вработените за да може да биде избран за вршител на должност директор. Ова од причина што наведеното лице било во периодот од 12.01.2023 до 23.03.2023 бил ангажиран како отстапен работник со привремен ангажман преку агенција за привремени вработувања ЕСИ времено вработување Скопје“, се вели во пресудата.

Управниот суд смета дека решението со кое Алексов е назначен е незаконско и дека не бил испочитуван Статутот на МКЦ според кој вршител на должност може да се именува без оглас само од редот на вработените. Дополнително Судот сметал дека во решението за назначување на вршител на должност директор Градот Скопје не ги навел причините поради кој е Алексов назначен.

Во меѓувреме, поради неможноста да си ги остварат своите права во едноставна управна постапка, вработените во МКЦ поднесоа уште една тужба за оспорување на, како што велат за РСЕ, веќе незаконски назначениот директор.

„Апсудрно, но вистинито, се надеваме дека правдата ќе победи по втор и конечен пат“, велат вработените во МКЦ.

Вработените во МКЦ се спротивставуваа на поставувањето нестручен директор во нивната институција. Тие велат дека се разочарани од несеризните игри кои се водат на нивниот грб. Колективот се сомнева во повторен обид за поставување на друг непрофесионален кадар кој што беше актуелен за позицијата директор на МКЦ во минатото преку политички игри.

Тие се жалеа на притисоци и намерно кратење на буџетот со што се доведува во прашање голем дел од активностите кои треба оваа институција да ги реализира.

Арсовска најави дека со јавноста ќе ги сподели извештаите од ревизијата во МКЦ која се спроведуваше во јануари годинава. Но, досега не го стори тоа. Годинава МКЦ одбележа 50 од постоење на културната сцена.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG