Достапни линкови

Унгарецот Вархелиј е нов еврокомесар за проширување


Оливер Вархелиј
Оливер Вархелиј

Европскиот парламент денеска му даде зелено светло на унгарскиот кандидат Оливер Вархелиј да стане новиот комесар за проширување и соседство на ЕУ. Европскиот парламент треба да гласа за новиот состав на Европска комисија на 27 ноември.

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент денеска му даде зелено светло на Унгарецот Оливер Вархелиј да стане следниот комесар за проширување и соседство на Европската унија.

Вархелиј го одржа своето прво обраќање минатата недела, но не ги убеди во целост пратениците дека е во можност да ја преземе функцијата. Тој мораше да одговори на дополнителни писмени прашања. Одговорите беа испратени попладнево и тоа беше доволно за да се потврди неговата номинација.

Главното прашање се однесуваше на неговата врска со унгарскиот премиер Виктор Орбан, додека работел како амбасадор на Унгарија во ЕУ од 2015 година, особено во врска со блиските врски на Орбан

со рускиот претседател Владимир Путин. Во својот писмен одговор, Вархелиј наведува:

„Јас нема да бидам обврзан или засегнат од каква било изјава или позиција на кој било премиер на која било земја или кој било друг претставник на која било влада.“

Некои членови на комисијата изразија загриженост за говорот на Орбан што тој го одржа во Баку минатиот месец, каде тој рече дека ќе се заложи за помошта на Вархелиј за Азербејџан и за Турција.

Вархелиј одговори:

„Јас нема да се срамам јасно да се осврнам на ситуацијата со човековите права во Азербејџан и да им поставам релевантни прашања јавно и директно на азербејџанските власти, на пример, за политичките затвореници и слободата на собирање и говор.

Гласање за новиот состав на Европската комисија кон крајот на ноември

Оливер Вархелиј е втор кандидат на Унгарија за еврокомесар. Пред него, кандидат од Будимпешта беше поранешниот министер за правда Ласло Троскани, чија номинација беше одбиена од Европскиот парламент во рана фаза затоа што забележа конфликт на интереси.

Европскиот парламент одби вкупно тројца кандидати: од Унгарија, Романија и Франција. Ова беше причината зошто новиот состав на ЕК не стапи на должност на 1 ноември, како што беше планирано.

За новиот состав на Европска комисија треба да се гласа на пленарна седница на 27 ноември, а Комисијата треба да стапи на должност на 1 декември, но остануваат правни нејаснотии за улогата на Велика Британија во овој процес.

Велика Британија не достави предлог за нов комесар, сметајќи дека ќе го напушти европскиот блок на 31 октомври. Во пресрет на последното одложување на Брегзит, идниот претседател на ЕК, Урсула фон дер Лејен, побара од британската влада да предложи име за комесар, но владата на Лондон тоа го отфрли, и затоа Европската комисија покрена постапка против Велика Британија за кршење на европските закони.

Официјален Лондон до 22 ноември треба да излезе со името на нивниот кандидат за комесар, кој исто така треба да ги помине сите потребни процедури за потврда.

Европската комисија ја сочинуваат еднаков број на комесари колку што има држави членки на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG