Достапни линкови

ТРАУМАКУЛТУРА – концептуална рамка на болката


Постерот за проектот ТРАУМАКУЛТУРА
Постерот за проектот ТРАУМАКУЛТУРА

Игор Сековски, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски и Борис Шемов се уметниците кои го потпишуваат проектот ТРАУМАКУЛТУРА и во кој поединечно се бават со терминот на траума и болка. Десетина дена по мултимедијалната изложба тој го започна својот онлајн живот.

Промотивно претставен неодамна, на 11 декември во Фабриката за производство и дистрибуција на сврзувачки материјали Ариљеметал во Скопје со што, патем, беше направен отклон од институционалната рамка на изложување и перципирање на современата уметност, ТРАУМАКУЛТУРА на Игор Сековски, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски и Борис Шемов и Институтот за култура и уметност Арс Акта е проект кој е тесно поврзан со терминот на траума и болка.

Кураторката Ана Франговска забележува дека овие македонски уметници пристапуваат кон третирање на концептуалната рамка, не ставајќи граници и ракавици во сопственото разобличување и „ослободување“ од потиснатата или видлива емоција на траума која покрај интимна, во себе компилира и просторна траума на нашата општествена егзистенција. Нивната траума е тесно поврзана со политичките состојби, со економската нестабилност, еколошките загадувања, со траумата на духот, со антропологијата, етиката, естетиката, моралот итн. Траумата како да несвесно навлезе длабоко во сите пори на живеењето и од привремена состојба, цинично и критички гледано секако, прерасна во култура на однесување, егзистенција, опстанок. Со слична леснотија како што говориме за рок култура, панк култура, поп култура итн., сега, во даденава констелација, се наметнува еден сосема несвесен, а специфично локален дискурс на траумакултурата, појаснува Франговска.

Притоа дополнува дека тие се обиделе да побараат одговори на повеќе прашања како: Дали и колку може да ја претстават болката, и сопствената, но и туѓата? Дали таа може да се варира и во нови медиуми, т.е. да стане апстрактна, а сепак алузивна, но никако патетична. Може ли болката да се преточи во извезена визуелна поетика (Славица Јанешлиева), или пак во аудио запис на хармонија која преминува во какофонија (Игор Сековски)? Може ли таа да биде видена низ перформативниот чин, како процес на деструкција (Гоце Наневски) или деконструкција (Борис Шемов)?

„Траги на збунетост“ - инсталација на уметницата Славица Јанешлиева

„Траги на збунетост“, како што истакнува Славица Јанешлиева, е дело изведено со шест парчиња текстил на кој се извезени претходно исцртани вистински отпечатоци од удар на птица во стакло. Бидејќи извезените отпечатоци се поставени високо на метална конструкција единствен начин да се видат одблизу е со помош на двоглед.

- Удирањето на птица во стакло е траума. Траума е и збунетоста на птицата која не го препознава стаклото како препрека . Ние луѓето слободата често ја споредуваме со летање, а тоа ни е воедно исконска желба. Мислам да летаме, вели Јанешлиева.

„Пссст!“ - звучна инсталација на уметникот Игор Сековски

Игор Сековски, пак, во сосема неприроден контекст, поставил звучна инсталација, насловена „Псссст!“ Како основа за својата интервенција, тој користи разновидни натурални звуци (птици, шумови од вегетација, лаење на кучиња, штурци), снимени во индустриски ослободена природа која се почесто станува утописки момент во совремието кое го живееме.

- Поставувањето звуци од природата во ваков објект претставува опозит на секојдневните разорувачки звуци од пресување и гнечење на метал предизвикани од машините кои се персонификација на урбаност и индустријализација. Дел од звуците кои се користат во инсталацијата се снимени за време на карантините поради Ковид-19. Иззненадувачка е трансформацијата кон подобро во урабното живеење дури во услови на пандемија дури без звучното загадување, ќе рече Сековски.

Културна дијафрагма - кратка историја на амебовидноста, перформанс на уметникот Гоце Наневски

Со перформативен чин на уништување на реплика од свое дело, како акт на критикување на општествениот статус на уметноста, етичките и морални малформации во културната стратосфера кои заедно со катастрофалниот образовен систем создале неверојатен регрес во позицијата на културата во општеството, Гоце Наневски ја елаборира својата трауматолошка состојба во „Културна дијафрагма- кратка историја на амебовидноста“. Поддржувајќи ја како меродавна и суштинска хипотезата на писателот Георги Господинов дека „културата е дел од националната безбедност на една земја“, Наневски, како што пишува и појаснува кураторката Франговска, го контрапунктира, со еден критичко-циничен перформативен пристап, „парадниот“ карактер на културата во нашата земја, доведен во таква дистописка позиција, делумно поради односот на власта, но и во уште поголем дел поради сервилниот став на голем број институции, културни работници и дејци.

- „Културна дијафрагма- кратка историја на амебовидноста“ е ангажиран проект кој ги сублимира акумулираните истории на деструкцијата на вредностите во образованието, во културата, етиката, во социјалата. Тоа е перформанс практично на уништување на една моја слика од 2002 година и рефлексија, односно револт кој низ еден висуелен јазик ја парафразира сликата на системските состојби воопшто во општеството во сегашниот момент. Делото почива на темелите на парадоксот и додадената „вредност“, односно уништувањето, траумата го дефинираат крајниот продукт или заокружената концепциска целина која има реверзибилен односно двонасочен карактер. Тоа го отвара и конечното прашање на ова дело кое јас го гледам како споменик на деструктивноста, а тоа е: Дали враќањето чекор наназад може да претставува неколку чекори искекорени напред, смета Гоце Наневски.

„Терапоинт“ - перформанс на уметникот Борис Шемов

Борис Шемов во ТРАУМАКУЛТУРА се одлучува да претстави акт на деконструирачки перформанс, во кој посебното оди кон општото. Во „Терапоинт“ вклучува механизација – вилушкари при што во едната корпа од вилушкарот е сместен говорник (активен претставник на културната сцена во Македонија) кој со мегафон изговара познати, мотивациони мисли на најзначајните мислители и дејци низ историјата. На вториот вилушкар е сместен кафез во кој се наоѓаат кокошки. И на третиот, алпинист кој сизифовски се качува и симнува по јаже до најголемата височина на механизацијата.

Овој мобилен перформанс со дивергентни и разновидни акции обработува две трауматични линии и тоа очекувањата кои ни ги наметнува општеството или фамилијата, директно или индиректно, но притоа остава фрустрации од аспектот на ‘незадоволување’ на критериумите (говорите на разумот/ните кои ја колваат совеста) или пак, можностите, способностите и големите амбиции кои си ги поставуваме сами себе си и доколку не успееме во нивното постигнување оставаат неизбришливи траги кои ја разводнуваат самодовербата и го разјадуваат импулсот за продуктивност и егзистенција (аналогно на цикличните процеси на почеток и реализација на една задача по друга, како и искачувањето на алпинистот). Кокошките, пак го третираат проблемот на заведена и безумна маса која успева да биде изманипулирана и да и бидат дадени, како готови, основните параметри за живеење. Звучните елементи од перформансот, агитирањето и кокодакањето, создаваат атонална и ахармонична композиција која укажува на актуелните аномалии во општестеното уредување и неговите приоритети, а тоа се едноумие и широки народни маси, стои во експликацијата за „Терапоинт“ на Шемов .

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG