Достапни линкови

„Традиционална“ прослава на Илинден со поделби и пораки за обединување


Мечкин Камен во Крушево.
Мечкин Камен во Крушево.

Обединување околу изворните илинденски идеали, мултикултурниот карактер на државата во крушевскиот Манифест, почит за борците за македонската кауза, се дел од пораките на државниот врв за прославувањето на Илинден. Традиционално како и во изминатите 30 години, на овој ден присутни се и поделбите.

Македонија денеска го прославува 2 Август - денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и првото заседание на АСНОМ. Илинден е еден од најважните празници за назависноста и самостојноста на Македонија, ден кога се одржуваат свечености на повеќе локации низ Републиката.

Централната манифестација се одржува е на Мечкин Камен во Крушево каде присуствуваат голем број на граѓани и државни делегации. Оваа година се одбележуваат 118 години од Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

Во изминатите години празникот традиционално беше чествуван со говор на претседателот на државата во Крушево на Мечкин Камен. Оваа година претседателот Стево Пендаровски најави нов концепт за прослава на Илинден, со тоа што нема да одржи говор во живо пред присутните, како што рече, бидејќи не сака да ја ескалира вообичаено напнатата атмосфера на Мечкин Камен која е проследена со навреди кои повеќе разединуваат отколку што обединуваат.

Во кратко видео обраќање по повод празникот, Пендаровски денеска наведе дека слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ, која започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина.

„На 2 Август 1903-та борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја слободна држава“, вели Пендаровски додавајќи дека еднаш добиена слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација.

„Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби. Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали“, вели Пендаровски.

Обраќање на македонскиот претседател Стево Пендаровски по повод празнувањето на Илинден.
Обраќање на македонскиот претседател Стево Пендаровски по повод празнувањето на Илинден.

Илинден во Македонија датира од 1903 година, кога на 2 Август Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како денот на Републиката. Востанието беше кренато на 2 Август - на денот на Свети Илија кој е национален православен празник кога традиционално се одржуваат верски церемонии во црквите и манастирите ширум Републиката.

Еден од најавтентичните настани за празникот е традиционалното пристигнување на коњаниците од Скопје во Крушево, местото каде во 1903 година беше воспоставена Крушевската Република по битиките против Отоманската војска, која траеше кратко.

41 година по Илинденското Востание во Манастирот Св. Прохор Пчински беше одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беше потврдена рамноправната положба на Македонија во рамки на федералната држава Југославија.

Денешното одбележување на 2 Август започна со настани во Скопје во организација на Собранието. Собранискиот спикер Талат Џафери положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев.

„Нашата држава е спој на различности. Ако се погледне крушевскиот Манифест и документите на АСНОМ од 1944 година, ќе се види дека јасно се дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, во кои јасно се дефинирани мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на државата“, истакна Џафери.

Инаку, активности во Крушево започнаа со панихида во храмот Свети Никола, по што следуваше полагање на свежо цвеќе пред гробот на Никола Карев и хероите на Слива и со празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум. Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август ќе биде во 18 часот со поздрав на македонската Армија и на илинденската коњаница, како и со полагање цвеќе на споменикот на Мечкин Камен. На неа ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев денеска ја предводеше владината делегација во Пелинце, во чест на Првото заседание на АСНОМ и попладне ќе замине во Крушево. Тој во Пелинце беше придружуван од неговите заменици Артан Груби и Љупчо Николовски, како и од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Заев рече дека Илинден е најголем празник на државата, кога се оддава почит на борците на македонската кауза и дека Илинден 1903 и 1944 се од низата големи историски случувања кои го изразуваат континуитетот и стремежот на граѓаните и народите на земјата да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите.

„Тоа се генетски записи пренесени од сите наши предходници, во кои се збрани вредностите на кои се повикуваме и на кои ја градиме иднината. Тоа е континуитет на вредности какви што се вградени и што ги негуваат сите модерни европски држави“, рече Заев.

За одлуката на Пендаровски да не одржи говор во Крушево критики упатија претставниците на опозицијата во државата. По одржувањето на македонскиот референдум во 1991 година, со што беше прогласена независност на Македонија од СФРЈ и воспоставен повеќепартискиот систем, поделбите меѓу претставниците на различните партии се присутни особено и за време на овој празник.

Петседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој исто така беше поканет да присуствува во Крушево, изјави дека заедно со делегацијата на партијата празникот ќе го одбележи во Ташмаруништа кај Струга и дека нема да присуствуваат на церемонијата на Мечкин Камен нарекувајќи го настанот „циркуски церемонијал“. Мицковски го критикува Пендаровски велејќи дека политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да замине од политиката.

„Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која ја донесе слободата, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме“, рече Мицковски во Ташмаруништа.

Пендаровски на ваквите изјави реагираше оценувајќи ги како „длабока навреда“ и велејки дека жали за одбивањето на поканата која била негов „искрен обид“ за надминување на политичките разлики браем за Илинден.

За кревањето на Илинденското Востание одлука донесе Конгесот во Солун на Македонската револуционерна организација пролетта 1903 година. Делегатите на организацијата разговарале за прашањето за кревање на востанието во Македонија. И покрај фактот дека некои од делегатите биле против дигање на востание тврдејќи дека Организацијата сѐ уште не е подготвена, одлуката на водствто била за кревање на востанието и таа била конечна. Одлучено било востанието да започне во битолскиот регион, а датумот да биде 2 август. Организаторите на востанието испратиле и писмо до Европа дека ќе започне востание во Македонија во кое биле наведени и причините за тоа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG