Достапни линкови

Технички „роад мап“ со Бугарија сега, суштински по изборите


Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов

Дипломатски извори вклучени во разговорите со Бугарија велат дека до пред тамошните пролетни избори се прават обиди да се најдат решенија за медиумската размена, универзитетската и економската соработка, а дека клучните теми ќе се разговараат по нив.

Краткото и долгото име на државата, македонското малцинство во Бугарија, работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања и гаранциите за спроведувањето на договореното, односно конкретно инсистирањето на официјална Софија тие да бидат дел од преговарачката рамка на земјава со ЕУ, се четирите најспорни точки меѓу Софија и Скопје, брифираат дипломатски извори. Истите, за Радио Слободна Европа велат дека овие четири прашања ќе останат да се разговараат по парламентарните избори кај источниот сосед кои треба да се одржат во април.

Дека има напредок за другите теми деновиве, пак, се виде и од постигнатиот договор за емитување на бугарската национална телевизија БНР на платформата на македонски Телеком. За тој договор информираше и бугарското министерство за надворешни работи, кое соопшти дека покрај националната телевизија во земјава во иднина ќе се емитуваат и бугарските телевизиски канали ТВ „Европа”, ТВ „Wness” и ТВ „Туризам”. Засега, од македонските телевизиски канали од март во Бугарија треба да почне да се емитува Македонска радио телевизија МРТ.


Во фаза на разговори е, како што брифираат истите дипломатски извори, влегувањето на три бугарски универзитети во Македонија.

Универзитетот од Велико Трново веќе има соработка со Славјанскиот универзитет од Свети Николе која се очекува наскоро да биде официјализирана, Новиот бугарски универзитет се подготвува да отвори мастер студии по европско право и Европскиот универзитет од Скопје се очекува да ја официјализира својата соработка со универзитет од Пловдив во областа на стоматологијата.

Влегувањето на бугарските телевизии во македонскиот етер и почнувањето со работа на бугарските универзитети на македонска теририторија беа неколкупати споменувани од министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, а беа наведени и во акцискиот план кој официјална Софија го достави до Скопје. Според деловите од акцискиот план кои ги објави интернет страницата Еуроактив, покрај бугарските медиуми и универзитети се споменува и интензивирање на бизнис соработката меѓу двете земји, изградба на автопати и на железничката линија. Тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, проект ветуван од независноста на Македонија, веќе е објавен на Европската банка за реконструкција и развој.

Но, сите овие теми за кои се брифира дека има напедок всушност не се оние кои предизвикаа силни несогласувања меѓу Скопје и Софија поради кои и источниот сосед ги блокира македонските европски интеграции. Главните точки на несогласувања се поврзани со идентитетските прашања.

Премиерот Зоран Заев минатата недела рече дека за македонскиот идентитет и јазик ниту се разговарало ниту ќе се преговара. Рече дека можело да се добијат и сто ултиматуми и уште десет пати вето и блокада, но дека за тие прашања нема да разговараат.

Брзо потоа стигнаа реакции од бугарската страна кои повторно се врзани за македонскиот идентитет. Шефицата на бугарската дипломатија, Захариева, рече дека „македонизмот сам по себе е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва“. Нејзиниот колега, министерот за одбрана Красимир Каракачанов на денот на одбележувањето на годишнината од роденденот на револуционерот Гоце Делчев пак кажа дека тој не го дал својот живот за наметнување на некаква измислена нација, туку, за да можат браќата од сите етнички бугарски земји да живеат слободно во една држава-Бугарија.

За тоа чиј и кој е Делчев, пак, со месеци расправа заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања. Експертите од двете земји кои членуваат во неа запнаа за ликот и делото на револуционерот, но потоа пред нив се испречија и други теми. Нивната последна онлајн средба се одржа лани во декември и резултатот од неа, како што соопштија копретседавачите, беше нула. Историчарите и другите експерти не се согласија ниту за придавката „македонски“ во записниците. Бугарија ја спори придавката, па во јануари, претседателите на комисииите имаа уште едно онлајн средба само за тоа прашање и успеаа да усогласат записник само за деветата средба, но не и за останатите две.

Комисијата треба да има нова средба на 25 и 26 февруари. Досега тие донесоа заклучоци за заедничко одбележување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, но тие не се објавени јавно оти тоа треба да биде сторено на меѓувладина седница меѓу Скопје и Софија.

Таа пак досега беше одложувана и поради пандемијата со коронавирусот, но истите дипломатски извори за РСЕ брифираат дека нејзиното одржување треба да биде некаков финиш на дипломатските напори кои се прават пред сѐ на економско поле.

Сите други прашања кои се сметаат за спорни треба да се разговараат по бугарските избори и за нив повторно ќе има кратко време оти во двете држави годинава ќе има уште по едни избори. Во Македонија наесен се локалните, а во Бугарија претседателските. Намерата на македонската страна е да ги затвори сите други теми до пред изборите, за да ги намали областите во кои ќе треба интензивно да работат по нив.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG