Достапни линкови

Тендерот за Пречистителна станица ги скара Арсовска и Мицкоски?


Данела Арсовска, градоначалник на Скопје

Секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, како и в.д директор на ЈП „Водовод и канализација се разрешени од функциите. Градоначалничката на Скопје, Арсовска ги обвини за несовесно постапување за тендерот за Пречистителна станица. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека чесно работеле.

Се нарушија ли односите меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ откако по разрешувањето на двајца функционери лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски се стави во нивна одбрана. Во петокот Секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, како и в.д директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински беа разрешени од функцијата во врска со тендерот за изведба на Пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра.

Според соопштението на Град Скопје, Велковски во петокот бил разрешен заедно со в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје Златко Перински поради обиди за влијание и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска порача дека верува во нивното чесно работење.

„Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој денеска ја напушти таа позиција и Златко Перински имаат моја недвосмислена поддршка верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина. Што се однесува до Перински можам да кажам дека постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети“, рече Мицкоски.

Арсовска на локалните избори иако беше независен кандидат ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. Сега, ако се суди по зборовите на Мицкоски поддршката на опзоциската партија останува за проектите, но не и за Арсовска.

„Но, во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола, и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме“, рече Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска се уште има поддршка од него.

Перински тврди дека за време на неговата работа го следел единствено законот и мислењето на релевантните институции. Тој посочи дека кон крајот на јули добил допис од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во кој побарала промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Според него, за таквата постапка немало никакво образложение и причините треба Арсовска да ги објасни.

„Јас за ова ја известив Европската Инвестициска Банка која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање. Европската Инвестициска Банка одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и било кога. Ниту пак ќе подлегнам на притисоците. Затоа она што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции. Го известив Градот и ја известив градоначалничката за одлуката на ЕИБ“, рече Перински на прес-конференција.

На прес-конференцијата на разрешениот директор дојде и градоначалничката Арсовска. Таа го праша во кое својство држи прес-конференција, со оглед на тоа дека е разрешен и најави дека документите и сомнежите за тендерот за пречистителната станица ќе ги предаде на Обвинителството.

Велковски во соопштението до јавноста потпишано од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ вели не бил разрешен, туку сам си заминал од позицијата генерален секретар на градот.

„Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Таа овие денови ме известија дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје“, вели во соопштението Велковски.

Средствата за тендерот за Пречистителната станица се обезбедени од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG