Достапни линкови

Спасеновски: Над половина македонски граѓани сметаат дека руската агресија врз Украина е неоправдана


Александар Спасеновски

Професорот Александар Спасеновски, кој е автор на истражување на јавното мислење- 30 години надворешна политика и одбрана на Конрад Аденауер во разговор за РСЕ вели дека мислењето на граѓаните за руската агресија врз Украина е слично со граѓаните на земјите членки на НАТО и на ЕУ.

Професоре Спасеновски во истражувањето се наведува дека околу 50 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26 проценти сметаат дека е оправдана и прифатлива. На каков заклучок упатуваат одговорите во однос на оваа тема во другите држави членки на ЕУ?

Според последното истражување на Евробарометар објавено на почетокот на септември оваа година може да се заклучи дека 57 проценти од испитаниците на европските држави изјавиле дека се задоволни од одговорот на Унијата во однос на руската агресија врз Украина. Во однос на нашата држава пак како за споредба 50,4 отсто од испитаниците изјавиле дека сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива. Споредбата на двата резултати упатува на заклучокот дека расположението на граѓаните во нашата држава е многу слично со мислењето граѓаните на другите држави членки на ЕУ и на НАТО во однос на оваа тема.

Во истражувањето се нотира и дека билатералните односи со Русија се влошени, односно од 17 отсто бројката се искачила на над 59 проценти. На што се должи зголемувањето на процентот?

За да имаме вистинска претстава за магнитудата на овие резултати треба истите да ги споредиме со слични истражувања направени во минатото. Така во ланското истражување на јавното мислење што го реализиравме со фондацијата Конрад Аденауер, а кој се однесуваше на трите децении од воспоставувањето на независноста беше испитувано и мислењето на граѓаните за билатералните односи на нашата држава со Русија. Тогаш како лоши овие односи ги оцениле 17,3 отсто од испитаниците. Споменатото значи дека за разлика од 2021 во 2022 година негативниот одиум на граѓаните кон оваа држава е видливо влошен. Ваквата состојба може да се доведе во корелација со руската агресија врз Украина што е видливо и од прашањето во претпоследниот дел од оваа анализа. Имено, како што рековме 50,4 отсто од испитаниците изјавија дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива.

Зошто има голема разлика во процентот на испитаниците кои сметаат дека односите со Русија се влошени во однос на бројката од 12 отсто кои сметаат дека Русија е непријател на земјава?

Да. Во четвртиот дел од истражувањето посветено на трите децении од воспоставувањето на одбраната и надворешната политика на нашата држава, меѓу другото беше испитувано и мислењето на испитаниците за тоа кои држави ги сметаат дека се наши пријатели, а кои дека се наши непријатели. Прашањата беа од отворен тип, односно немаа однапред понудени одговори и заради тоа е воочлива поголема диверзификација во одговорите на испитаниците . Вкупно земено во однос на прашањето која држава е наш најголем сојузник 37,4 отсто сметаат дека тоа е Србија, 24,1 процент изјавиле дека немаат одговор. Додека 19,8 проценти изјавиле дека сметаат дека тоа се САД. Во однос на тоа која држава е нашиот најголем непријател пак 44 отсто од испитаниците изјавиле дека сметаат дека тоа е Бугарија, 29,3 проценти изјавиле дека не знаат. Додека 12,1 процент изјавиле дека за нив тоа е Русија.

Значи може да се заклучи дека и покрај санкциите кои ги презема земјава против Русија и покрај тоа што имаме зголемување на процентот на испитаници кои сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива сепак многу мал број сметаат дека Русија е непријател на државава?

Па не може така да се констатира заради фактот дека од другите прашања може да се заклучи дека најголем дел од граѓаните ја осудуваат актуелната политика на оваа држава. Но, во однос на тоа која држава е пријател, а која држава непријател со оглед на тоа дека нема однапред понудени одговори имаме многу диверзифицирани одговори на граѓаните, но сепак во однос на бројката или на процентот на тоа кои држави ги сметаат како најголеми непријатели во првата група се оние кои што сметаат дека тоа е Бугарија. Има една голема група која што не знае кој е најголем пријател, односно наш најголем непријател и секако третата група која што сочинува 12,1 процент смета дека тоа е Русија.

Од одговорите на испитаниците, како што се наведува во истражувањето, видлив е изразен песимизам за членството на Северна Македонија во ЕУ, како и за брзината на остварувањето на оваа стратешка цел. Која е причината?

Да. Европските интеграции и членството во НАТО во континуитет имаат висока поддршка од страна на граѓаните. Така се покажа и во ова истражување. Имено 62,8 проценти од испитаниците изјавиле дека се за тоа нашата држава да биде дел од ЕУ. Иако можеме да забележиме дека овој процент е се уште многу висок, сепак споредено со првите две децении од независноста можеме да забележиме одредени поместување во негативна насока. Од одговорите на испитаниците како што рековте видлив е еден зголемен песимизам. Но, песимизмот не произлегува од карактерот на ЕУ или од незадоволството од начинот на нејзиното функционирање и итн. Туку сметаат дека тоа е резултат на континуираните пречки и застои што нашата држава ги има низ годините во однос на оваа стратешка цел Главно како резултат на билатерални проблеми. Оттаму можеме да заклучиме и дека надминувањето на билатералните пречки и отворањето на една јасна перспектива за динамична интеграција на нашата држава без нови дополнителни застои, извесно е дека ќе резултира и со поправање, коригирање на впечатоците на граѓаните во позитивна смисла во однос на самата ЕУ, како и во однос на времето на нашето зачленување во неа.













  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG