Достапни линкови

Со кожен волан и шест звучници полесно се лекува ковид-19


Илустрација

Со парите за справување со пандемијата на ковид-19 државна институција купила автомобил со кожен волан, 6 звучници и металик боја. Граѓаните на социјалните мрежи се шегуваат дека власта можеби сакала да ја преплаши короната со прегласна музика.

Државна институција набавила автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја од парите за справување со пандемијата на коронавирус, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации. Не беше посочена институцијата што го набавила возилото, ниту за каква кола се работи.

Вториот полугодишен извештај за набавките за ковид-19 во 2021 година на ЦГК покажува дека јавните набавки поврзани со Ковид-19 „изобилуваат со проблеми и ризици од корупција“. Како јавни набавки за КОВИД-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со кризата, стои во извештајот.

Граѓаните на социјалните мрежи се шегуваат дека е општо познато дека кожниот волан лечи корона.

Други, пак, иронизираат дека можеби сакале да го уплашат вирусот со прегласна музика.

Трети посочуваат дека речиси сите нови возила ги исполнуваат наведените услови.

Сепак, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации се работи за спецификации кои немаат врска со функционалноста на автомобилот.

„Настрана од ковидот, такви возила не треба да се набавуваат, бидејќи бојата на возилото и кожниот волан немаат врска со функционалноста на возилото, така што, за приватни потреби секој може да си набавки какво возило сака, меѓутоа со народни пари треба навистина да се трошат рационално“, рече тој.

Дел од граѓаните велат дека власта малку треба да „се прибере“ , пред да почне да размислува за зголемување на даноците за полнење на буџетот.

Граѓаните на социјалните мрежи сепак се сомневаат дека од некого ќе има одговорност за ваквите набавки.

Во извештајот на ЦГК се наведува дека проценетите вредности на набавките биле многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција.

Кога имало само еден понудувач, добиената цена на тендерот била речиси иста со проценетата вредност на набавката „што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи“.

Цената на исти производи набавувани од различни институции варирала до пет пати.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG