Достапни линкови

Софија Семенпеева: Илустрацијата е клучот за градење на визуелната култура


Софија Семенпеева, идеен творец и двигател на фестивалот „Литера“
Софија Семенпеева, идеен творец и двигател на фестивалот „Литера“

Ретроспективна изложба на доајенот на македонската илустрација Младен Туниќ, мастер клас на Свјетлан Јунаковиќ, дебати, креативен караван, промоции и работилници... ова се само мал дел од активностите на третиот Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“.

Во четврток , по само два дена од 1 јуни – Меѓународниот ден на децата, на Скопје и на македонската култура, на регионалните стремежи за градење на мостови на пријателство, ќе им се случи третото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Ќе им се случи манифестацијата која од година во година оди по нагорна линија и која со бројните содржини од самиот почеток се издигна над локалните рамки ипоимања на културата станувајќи случување кое со нетрпение се очекува од публиката, но и од армијата автори и творци во регионот. Зад „Литера“ од самиот почеток стои исклучително мотивиран тим на соработници на чело со графичкиот дизајнер и идеен творец и двигател на Фестивалот - Софија Семенпеева Трајановска.

Семенпеева, со ретроспективната изложба на доајенот на македонската илустрација Младен Туниќ, што ќе биде отворена овој четврток во Чифте амам во Национална галерија, започнува и третиот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Овојпат најавувате различен концепт отколку во претходните две години. Зошто?

- Годинава, според нас како организатори на „Литера“ фестивалот ќе има по обемен и поквалитетен концепт и ќе трае пет месеци. Сите активности ќе бидат така распределени за да го добијат заслужениот третман и посветеност. Едноставно, по минатогодишната успешно реализирана изложба на Димитар Кондовски и позитивните реакции од публиката, нашата одговорноста е многу поголема. На наше огромно задоволство, во делот за илустрацијата имаме три исклучително значајни настани: ретроспективна изложба на уште еден доајен на македонската илустрација - Младен Туниќ, потоа го имаме хрватскиот илустратор и професор на тамошната Ликовна академија Свјетлан Јунаковиќ кој ќе одржи мастер клас, како и тематската изложба на млади илустратори планирана да се одржи во октомври. Дополнително, на „Литера 2021“ ќе има и дебати на тема литература и илустрација за деца, промоции на сликовници, работилници за писатели и еден многу забавен и креативен караван низ Македонија. Накусо, работевме напорно да обезбедиме богати и квалитетни содржини кои несомнено ќе го привлечат вниманието на публиката.

Ова подразбира дека „Литера“ како релативно нов, но и умно замислен фестивал ја има подршката на публиката и полека успева да се избори дури и за регионална видливот. Од друга страна, некако останувате сеуште незабележани колку што треба од институциите во земјава, посебно од Министерството за култура. Која е причината за тоа?

- Навистина ни е многу драго што публиката реагира и ја чувствуваме нивната жед, чувствуваме дека со нагласено внимание го очекуваат фестивалот. Тоа е најголемиот ветар во грб во моментов. Уметниците, илустраторите, дизајнерите ... оние на кои им е наменет Фестивалот, исто така ги поддржуваат нашите активности, бидејќи се свесни дека правиме чекори за подобро заедничко утре. Работиме на тоа издавачките куќи да ни се приклучат во мисијата за квалитетна литература за деца и млади, а авторите да ја добијат потребната слобода и независност. Тоа е многу работа, но одиме чекор по чекор.

Кога се во прашање институциите, ние сме многу „досадни“, буквално секаде се обраќаме и постојано објаснуваме колкава е важноста на Фестивалот и на она што го правиме. Дури интересно е колку сила треба да вложиме за да се бориме со системот, но не се откажуваме. За секоја институција можеме да раскажеме по некое искуство. Но, клучното министерство, од каде треба да се прават големите чекори, се уште нема слух за нас. Не знам колку дописи за средба имаме испратено до Министерството за култура и не добивавме никаков одговор. Така се до пред два дена, кога првпат ни ветија дека конечно ќе оствариме средба во втората половина на јуни.

Ваквите реакции на институциите говорат за систематско потценување на илустрацијата и воопшто на градењето на визуелна култура во Македонија. Може ли „Литера“ да помогне во вртењето на поинаква страница или барем да иницира одговори на отворените прашања?

- При разговор со професорот Јунаковиќ од Загреб, се обидовме да го најдеме одговорот зошто илустрацијата и илустраторите се многу потценети кај нас, зошто не се сфати дека првиот момент на градење на визуелна култура кај децата е со отворањето на првата сликовница. Развојот на најмладите е клучот на се, но тоа е еден заплеткан синџир за кој треба многу напор да се отплетка. Прво, поддршката на државата е мала за да се создава квалитет. Не е возможно со 60.000 денари да се плати автор на илустрација, писател, печатење и да бараме квалитет. Второ, издавачките куќи нормално бираат поевтина илустрација и тука од старт го уништуваме визуелното. Една Хрватска погледнете колку вложува и се развива во тој поглед. Секоја чест на издавачките куќи кои преведуваат квалитетна странска литература за деца, но каде се нашите илустратори, нашите автори? Зарем не треба да го стимулираме развојот на домашното творештвото? Колку сликовници од Македонија се преведени на друг јазик? Каква визуелна култура развиваме? Како да ги научиме децата што е квалитет? Многу прашања, а малку одговори.

Ја имате подршката на професионалците од регионов, па дури и пошироко, но за дома се чини дека ќе треба уште многу „докажување“. Како натаму?

- За наша среќа, фестивалот полека, но сигурно се позиционира на меѓународната мапа. Имаме огромна поддршка од професионалци во областа од неколку земји и се надевам дека и кај нас ќе ги разбудиме надлежните дека клучната гранка за цврсто стебло е разнишана, и тоа многу.

Фестивалот е на сите и треба сите да придонесат „Литера“ да расте и да се развива. Веќе сме изморени од крпење и молење. Ова на еден Министер за култура треба да му е приоритет. Ја почитувам политиката за зачувување на нашето национално богатство, но и илустрацијата е национално богатство. Во прашање е уништувањето на богатството што зад себе го оставиле големите творци, класиците на македонската илустрација. Таа е толку многу значајна материја, а никој досега не се заинтересирал да ја сочува за идните генерации. Илустрацијата за деца има исто толку голема важност колку и сликарството, вајарството, графиката, музиката, театарот... Ќе се повторам, таа е клучот и почеток на градење на визуелната култура, таа е основа за градење и создавање квалитетна литература за деца.

Ние посакуваме идната година да не одиме повторно по трнливиот пат што го поминавме годинава и да не уживаме поддршка само надвор од границите на државата. Доволно е само надлежните да покажат малку интерес, а ние ќе вратиме со многу квалитет и видливи резултати.

Сето ова што искрено и од срце со месеци се трудиме да го постигнеме е за општеството во кое живееме и креираме. Целиот тим едногласно работи врз неколку постулати, а тоа се: да придонесеме за квалитет, да ги лоцираме вистинските професионалци, да создадеме препознатлив државен бренд и светот да го донесеме во Македонија, а изданијата на нашите автори и илустратори да ги сместиме и да ги гледаме на рафтовите низ библиотеките ширум светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG