Достапни линкови

Пратениците во Собрание, онлајн седници само ако мора


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија
Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Владејачкото мнозинство бара собранието да може да одржува онлајн седници, за да се овозможи функционалност и во време на пандемијата на коронавирус. Опозицијата е децидно против. Експертите со кои разговаравме препорачуваат работа онлајн само ако е нужно.

Пратениците не треба да бидат повластени во однос на која било друга професија и одржувањето на онлајн седници може да биде оправдано само доколку за тоа се појават цврсти и прецизни, однапред утврдени здравествени критериуми, вели специјалистот за односи со јавност Бојан Кордалов.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на средбата со британската амбасадорка Рејчел Галовеј пред неколку дена, ја отвори можноста за промена на собранискиот Деловник за да се дозволи гласање од далечина, „бидејќи неизвесноста со пандемијата во претстојниот есенски и зимски период е голема и ќе изискува ставање во располагање на сите капацитети за справување со овие ризици“.

Опозицијата против онлајн седници

Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците реагираа дека не е можно да има онлајн Собрание, затоа што тоа е спротивно на Уставот. Тие се сомневаат дека тенкото владејачко мнозинство од 62 пратеници на овој начин сака да обезбеди кворум за работа на парламентот од 120 пратеници.

Пандемијата или тесното мнозинство причина за онлајн седници?

Лидерите на политичките партии од владејачкото мнозинство, кои се и пратеници, ретко доаѓаат во Собранието, па без нив тешко дека ќе може да се обезбеди кворум. Кордалов вели дека не смееме да дозволиме дигитализацијата да биде тема што раздвојува.

„Потребна ни е платформа којашто ќе ни овозможи секаде каде што има можност за работа од далечина тоа да се случува, кога тоа ќе биде стручно и научно оправдано. Во ситуацијата со Собранието таква можност ќе значи однапред да се предвиди во кои услови ќе се работи од дома. Ако на пример имаме ситуација во којашто вработените во одредена фирма имаат можност да работат од своите работни места, не гледам зошто и пратениците не би работеле од своите работни места. Меѓутоа, ако се појави стручна проценка на определен број на заболени, определен број на суспектни, определен број на луѓе коишто мора да бидат во изолација и тоа научно се потврди како бројка, тогаш пратениците, исто како и сите други професии, треба да имаат можност да работат онлајн“, вели Кордалов.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека се можни проблеми во работата на Парламентот поради пандемијата на коронавирус, но и поради тенкото владејачко мнозинство. Тој проблем треба да се реши, но одлуката мора да се донесе во договор меѓу власта и опозицијата за одлуките кои ќе ги носи Собранието на таков начин да имаат легитимитет.

„Кај нас секогаш се оди во екстрем. Едните се екстремно за нешто, другите се екстремно против нешто. Треба да седнат и да се договорат со цел да се овозможи работа на Собранието. Генерално, би требало Собранието да функционира и да се гласа со физичко присуство, значи мора пратеникот да биде таму. Доколку има одредени предуслови поради коишто е оправдано спречен пратеникот да дојде, самоизолација итн. тогаш можеби ќе треба, за тие што се во самоизолација, да се види дали може на некој начин да им се овозможи да гласаат онлајн. Треба да седне и да се размисли, да се видат други искуства“, вели Божиновски.

Сепак, тој посочува дека се можни злоупотреби на таквата можност.

За да може да се овозможат онлајн седници, особено онлајн гласање, ќе мора да се донесат измени во собранискиот Деловник, за што е потребен консензус од политичките партии.

Според извештаите „Мојот пратеник“ за работата на Собранието во 2019 година, минатата година се одржале 105 седници, а најредовните пратеници присуствувале на над 100, но лидерите на политичките партии ретко доаѓаат на седници. Така на пример, лидерот на ДУИ Али Ахмети присуствувал само на 14 седници, а лидерот на ДПА Мендух Тачи дошол во Собрание само 7 пати. Тие двајца се дел од владејачкото мнозинство, кое со отсуство на двајца пратеници самото не може да обезбеди кворум за работа.

Меѓу оние кои ретко доаѓале на работа се и опозициските пратеници Африм Гаши од Алтернатива и Борис Змејковски и Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG