Достапни линкови

Синиша Евтимов, режисер: Театарот, за жал, е на работ на гаснење


Синиша Евтимов, режисер
Синиша Евтимов, режисер

Работена според култниот американси филмски омнибус од 1995 година, „Четири соби“ е претставата со која Велешкиот театар, минатиот четврток на 27 мај, ја отвори сезоната 2021 насловена „Да се почне одново“. Адаптацијата и режијата се на Синиша Евтимов.

Синиша Евтимов е режисер. Еден од оние чии претстави долго живеат на сцените на театрите во земјава. Продукти кои ја освојуваат публиката на прва топка. Независно дали притоа се работи за драма, класична комедија, кабаре, фарса... Едноставно тие ја имаат моќта на посетителите да им нацртаат насмевки и да ги испратат дома со мисла дека „сепак треба да му се радуваат на животот колку и да им подместува клинови во чевлите“. Од таму, навистина сериозно треба да се сфати, кога меѓу две театарски поставки, во очекување на својот филм од кој би се згрозиле „сладокусците“ или двата нови дискографски проекти каде освен тоа што е изведувач, продуцент... или само диџеј , Евтимов знае да заокружи дека „современиот театар мора да еволуира и да се адаптира на сите нови технолошки и цивилизациски предизвици, ако сака да преживее“. Мисла што може да ја спуштите директно во вода или, пак, која можеби ќе ве натера со внимание и со огромна доза на проникливост да ја изџвакате и така спремни да и се спротивставите на реалноста. Ваква „пост-пандемиска“ ... или било каква во времево на изместени вредности и манипулации.

Впрочем, разговорот со Синиша Ефтимов започна од неодамнешната премиера на „Четири соби“, претставата со која театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ја почна сезоната 2021 насловена како „Да се почне одново“, па преку неговото поимање на оваа уметност и нејзината иднина, стигна до филмот како негов скриен објект на желба, музиката како провокација и надвисната сенка над творештвото, стигна до новите проекти и фарсата „Кројач за дами“ на Фејдо што треба да заживее во Турски театар.

Неодамна во Велешкиот театар премиерно беше изведена „Четири соби“, вашето видување на истоимениот култен филм од 1995 година. Од каде идејата и потребата кај Синиша Евтимов да се бави со адаптација и режија на делото на извиканите Квентин Тарантино, Роберто Родригез, Алисон Андерс и Алехандре Роквел?

- Адаптација на филмски сценарија за сцена, е нешто со кое се занимавам веќе долго време (Дипломец, Вардарски Пастуви, Мој термин, Едмонд, Балкан Бојс). Сосема случајно или намерно, но секогаш со конкретна цел, која сама по се себе е континуиран процес, потрага по совршената формула за беспрекорен поп продукт. Во конкретниот случај, станува збор за соработка со Велешкиот театар и препознавање на в заемни квалитети за заедничка корист. Имено, директорот на институцијата, Сашо Димовски имаше идеа за работилница , со наслов, “Од филмско сценарио до театарска претстава” и сметаше дека токму јас сум соодветен за реализација на истиот. Во понатамошните разговори и истражувања, дојдовме до заклучок дека филмското сценарио за „Четири соби“ е соодветно за моментот, околностите, ансамблот и сите заинтересирани страни.

Со оглед на тоа што вашето видување на приказната доаѓа по деценија и половина од филмската, кога почнуваме да си ги лижеме раните од сеуште актуелната светска пандемија и да креираме замена за имитацијата на животот од последнава година, колку отидовте во нејзиното прилагодување и на времето, и на просторот и на актерите со кои решивте да ја поставите на сцена и таква да и ја понудите на публиката?

- Станува збор за реконструкција на сценариото, соголување до основната дијалошка структура, која без филмската контекстуализација, добива сосема нова форма. Следно е реанимација на дијалогот, во нов сетинг, со нови карактери, нови имиња и топоними. Сето ова, креира нов контекст, а со самото тоа и сосема нова приказна. Нашата приказна се случува овде и сега и почнува да живее нов живот, нималку налик на оној од инцепцијата.

Како ја работевте „Четири соби“ и колку време ви беше потребно да ја завршите претставата? Каква ви беше соработката со актерите, со целиот колектив на Велешкиот театар кој несомнено е темелен во креирањето на една своја специфична творечка естетика?

- Со оглед на околностите, реализацијата на проектот беше предизвик сам по себе. Пандемијата на страна, за почеток, буџетот кој ни го одобри Министерството за култура, беше навистина потценувачки, за еден ваков релативно голем проект, со голема подела и воопшто голема продукција. Само за споредба, Драмски театар и МНТ, добија двојно поголем буџет за реализација на монодрами?! Како тоа да не беше доволно, па и овој мал буџет, го добивме на користење дури на почетокот на април, а пробите ги започнавме во март.

Еве не на крајот на Мај, со првата премиера во сезоната, на крајот на истата. Уште еден од парадоксите на битисувањето во нашата чудесна земја. За жал, тоа говори повеќе за односот на државата кон културата.

Но да се вратиме на убавите делови од нашата работа. Имав чест и задоволство да работам во една сосема нова театарска зграда, на која може да и позавидат сите скопски театри, со еден полетен, млад, предан и талентиран ансамбл и неверојатно добра сценска техника. Кога ова го имаш како почетна позиција, сосема е веројатно дека соработката ќе биде одлична. Таква и беше, а плодот, е сосема свежа театарска претстава во која сите уживаат, од двете страни на сцената.

Сцена од претставата „Атена со пенис“ во Драмски тетар

Ако се земе фактот дека Евтимов во своето портфолио има претстави како класиката на Њушиќ - „Сомнително лице“, еротското кабаре „Станица љубов“ и „Атена со пенис“ во Драмски театар – обете работени според текстовите на Александар Русјаков, „Стјуардеси“ и „Вардарски пастуви“ во Театар Комедија или „Не се клади на Енглези“... меѓу другите, колку со „Четири соби“ од некоја временска дистанца и по период на премислувања и анализа на сопственото делување и за тоа која условно би била „иднината на театарот“ во изместените услови, тој го следи сопствениот режисерски ракопис?

- „Четири соби“ е продолжување на мојата театарска приказна. Што и да работам, она што е битно е да се обидам да комуницирам со публиката на начин кој соодветствува со духот на времето. Иако театарот како медиум има сериозни недостатоци во однос на сето она што денес е релевантно во современата комуникација, не смееме да заборавиме дека театарот е уметност на моментот, жив организам кој еволуира и континуирано се менува. И токму тука ја гледам неговата иднина. Современиот театар мора да еволуира и да се адаптира на сите нови технолошки и цивилизациски предизвици, ако сака да преживее. Ако тоа значи додворување на армијата бинџ гледачи на Нетфликс, ХБО, Амазон, итн., со цел придвижување од каучот и одење во театар, тогаш тоа мора да се направи. Во еволуцијата преживуваат оние кои најдобро ќе се адаптираат на новонастанатите околности, а театарот за жал е на работ на екстинкција. На гаснење.

Конечно, какви претстави отсекогаш сакал да прави Синиша Евтимов? Која е неговата дефиниција за театарот воопшто?

- Ова е прашање на кое најверојатно денес ќе одговорам сосема поинаку од она во минатото или во иднината. И тоа е сосема разбирливо, затоа што промена и константна потрага по нешто ново, е дел од мојот модус вивенди. Но знам дека она што сакам да го гледам во театар е совршен поп продукт и задоволни, насмеани лица на крајот на изведбата и кај ансамблот и кај публиката.

Сцена од „Вардарски пастуви“ во Театар Комедија.

Знаејќи ја неговата втора страна на личноста која некако органски и припаѓа на музиката, неговото партнерство во ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ и сето она што дружината го потпиша низ годините како издание, настан, концерт, фестивал... се прашувам зошто режисерот похрабро не влегува во некаков хибриден музичко-театарски проект. Има ли простор за такво нешто во иднина?

- Во последно време сериозно разговараме за еден токму ваков продукт. Концентрацијата на докажани музички мајстори кои циркулираат во ПМГ колектив/рекордингс/џез/танц, во изминативе години е на навистина завидно ниво. Екипата се создава внимателно и сигурно е прашање на време, кога контемплациите на оваа тема, ќе почнат со реализација.

Евтимов е и еден од тогаш младите македонски творци што го потпишаа филмскиот омнибус „Д Скопје“. Од тогаш поминаа 12 години. Во нив имаше ли барем само миг кога режисерот си помисли дека би било можеби убаво да се реши на еден таков повторен исчекор – да сними свој авторски филм?

- Иако филмот како уметност е неизбежен дел од мене, во овој момент, сметам дека имам обврска кон театарот кој е на апарати за одржување во живот. Има уште многу да се работи, за да се вратиме во нормала. Филмот е сон на секој кој се занимава со уметност на еден или друг начин. Но исто така е и одговорност, сам по себе. Би сакал во иднина да работам на филм кој нема да брка фестивали и награди, туку ќе се обиде да се наметне како регионален бокс офис хит. Ако правам филм, би сакал секој да го погледне, па и по цена, да ги разочара филмските сладокусци. Би се викал „Македонско крваво буре“ или „Цвета во земјата на чудата“.

Сцена од претставата „Четири соби“

И, што по премиерата на „Четири соби“ во Велес? Каде во догледен период ќе се заврти името и презимето на Синиша Евтимов? Во театарот или со ПМГ... сеедно?

- Веднаш продолжувам со работа во Турската драма, каде ќе работам еден класик од мајсторот на фарсата, Жорж Фејдо. Станува збор за текстот, „Кројач за дами“, но во сосема нова современа адаптација. Искрено се надевам дека ќе направиме добра претстава, затоа што ќе имам чест да работам со еден од најдобрите ансамбли во земјата. Подоцна во годината следува и работа во Прилепскиот театар. Што се однесува до ПМГ, со нетрпение чекам да се приклучам на пробите на ПМГ Колектив оркестарот, значи една сериозно проширена постава на нашиот бенд, со кои подготвуваме цело вечерен концерт кој ќе го одбележи излегувањето на нашиот последен албум, деветти по ред, наречен „Фратерните“. Исто така, со Кантон 6, овојпат засилени со Владан Дробицки, во тек се подготовки за промоција во живо на новиот материјал од новиот, трет наш албум, „Џезус“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG