Достапни линкови

Силјановска како Мајкл Џексон, Пендаровски ќе го камшикува Заев


Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова
Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова

Силјановска ги побрка Кавадарци и Неготино, а потоа и Кочани и Кичево, како што Мајкл Џексон ги има погрешено Будимпешта и Букурешт. Пендаровски најави дека освен ЕУ, и тој ќе му биде камшикар на Заев.

Граѓаните имаа можност да вежбаат јога со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и му пеат „Среќен роденден“ на митингот на кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски. Со оглед на тоа што политиките кои ги застапуваат кандидатите помалку или повеќе се познати, најголем интерес на социјалните мрежи предизвикуваат гафовите или невообичаените или интересни моменти од кампањата.

Кампањата сигурно е напорна работа и кандидатите посетуваат по неколку населени места во еден ден, па лесно е човек да се збуни.

„Почитувани граѓани, почитувани кавадарчани. Извинете, длабоко ви се извинувам, бидејќи во патот, најпочитувани неготинчани“, ги поздрави Силјановска Давкова насобраните на митингот во Неготино, па се поправи по реакциите на граѓаните.

Тоа изгледа не беше доволно, па на митингот во Кочани, таа ги помеша Кочани и Кичево.

„Почитувани кочанчани, почитувана фамилија Јовановски, мојата свекрва е од Кичево, Јованова. Леле, извинете, од Кочани“, рече таа.

Слична грешка во минатото со Кочани и Кичево има направено и претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љубисав Иванов Ѕинго, а веројатно најпознатата грешка е на поп-ѕвездата Мајкл Џексон кој на концертот во Букурешт во 1992 година ги поздравува граѓаните на Будимпешта.

Откако премиерот Зоран Заев лани рече дека „ни треба камшикар“ од ЕУ и НАТО да нè потсреди, Пендаровски се понуди и тој да го бичува.

„Зоки во една прилика има речено дека нам ни треба камшикар од Брисел да ни кажува кои демократски стандарди треба да ги употребуваме за да напредуваме. Јас му гарантирам дека после, не после 5, туку после 12 мај почнува мандатот, ќе има и внатрешен камшикар во мене“, рече Пендаровски.

Силјановска Давкова по предизборниот митинг во Охрид, ги повика подржувачита на вежбање „Јога со Гога“ на бреговите на Охридското Езеро. На социјалните мрежи осамна видео снимка на која таа со уште неколкумина поддржувачи се опуштаат со јога. Таа рече дека јогата ја опушта и за неа е филозофија на живеење и тренинг за духот. Критичарите зајадливо коментираа дека на вежбањето не била направена ниедна од потешките вежби, односно асани.

Сепак, се чини дека најголеми реакции во јавноста предизвикаа дел од поддржувачките на Пендаровски на собирот во Прилеп. Откако директорот на Агенција за спорт и млади Дарко Каевски го спореди премеирот Заев со Тито, една од поддржувачките, како што рече Заев, си ја истури душата.

„Јас во моментов нема татко, немам родител. Посакувам вие да бидете мојот иден татко, на мене, на мојата држава и на сите луѓе коишто ве сакаат, затоа што имате големо срце, имате голема душа“, рече една од учесничките на собирот во панегирикот за Пендаровски.

Претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ пред неколку дена го прослави 56 роденден, а Бени Шаќири му пееше „Среќен роденден“ на еден од предизборните митинзи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG