Достапни линкови

Седмо издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“


Плакат за младинскиот филмски фестивал „Џифони“ 2019

Со италијанскиот филм „Несовршена доба“ во кино Милениум денеска во 19 часот започнува Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Годинашната тема е заштита на животната средина, со акцент на воздухот. Шестдневната програма ќе содржи богата филмска понуда, креативни работилници, мастер-класови и низа други креативни и едукативни активности кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од 10 земји, на возраст од 11 до 19 години.

Во натпреварувачката програма ќе бидат 15 играни филма распределени во три возрасни групи: јуниори (10-14 год.), кадети (14-16) и сениори (16-19), а секој од филмовите ќе биде проследен со дискусија на темите на филмовите што ги засегаат младите.

Покрај филмската програма, во програмата на фестивалот има и едукативен дел. Преку мастер-класови, предавања и работилници младите ќе осознаат нови информации и вештини, ќе се спознаваат и ќе ја развиваат својата креативност. Мастер-клас ќе одржи директорот и основач на Филмскиот фестивал „Џифони Експириенс“, Клаудио Губитози. Во своето предавање насловено „50 години од Џифони: приказна за еден успех и за човекот кој го осмисли“, тој ќе им го пренесе на младите своето искуство од овие 50 години и ќе им ја раскаже приказната за тоа како една идеја што се роди во едно мало гратче на југот на Италија кога тој имаше само 18 години успеа да прерасне во најголемиот фестивал за деца и млади во светот.

Дополнително, присутните ќе имаат можност да следат серија мастер-класови и предавања посветени на животната средина, во организација на активистите и движењата активни во земјата, како „О2 Иницијатива“, „Еко свест“ и „Fridays For Future“ – Скопје. Здружението за проектен менаџмент „ПМИ Македонија“ ќе одржи интерактивна средба на тема „Проект-менаџментот во секојдневниот живот“, а Светските обединети колеџи – СОК Македонија (United World Colleges - UWC Macedonia) ќе ги запознаат младите со своите активности и со можностите за добивање стипендии за школување во странство.

На свеченото затворање на фестивалот, на 17 октомври во 19 часот, во киното „Милениум“ ќе биде презентирано сето она што џифонците ќе го создадат на сите работилници.

XS
SM
MD
LG