Достапни линкови

СДСМ гласаа за партиски состав на ДИК против кој се бореа како опозиција


ДИК седница - архива

Трета година составот на Државната изборна комисија останува ист- составен е само од членови по предлог на партиите, нешто на кое силно се противеше СДСМ како опозиција. Од партијата и денес тврдат дека го имаат истиот став за составот на ДИК. Од ЕУ бараат професионализација на комисијата.

„Република Македонија ќе стане нормална држава само со вистински, независни експерти во Државната изборна комисија, без наши и ваши, без експерти на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ или на ДПА“. Ова е ставот на СДСМ во декември 2015 година, кога беа опозиција и кога се догoвараше таканаречениот Договор од Пржино со тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите за изборната комисија траеа со недели, а и имињата на тројцата експерти во ДИК лично лидерите долго ги договараа.

Но, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев стана премиер, пролетта 2018 година на состанок кој траеше околу два часа со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се договорија овој пржински модел на ДИК да замине во историјата и да се вратат на стариот состав- експерти по предлог на партиите. Тогаш најавите беа дека овој состав ќе биде времен, за спроведување на референдумот за промена на името, а потоа партиите повторно би седнале на преговори за друго решение.

Сега, исто така во краток рок, а поради истекот на мандатот на членовите на ДИК, партиите предложија свои кадри и новиот состав на изборната комисија по стар модел беше изгласан во собранието. Јован Митрески , координатор на пратеничката група на СДСМ вели дека ставот за составот на ДИК и денес им е ист како и кога биле опозиција.

„Нашиот став и денес е ист, односно членовите да бидат експерти. Исто така, нашиот став е и да има една изборна единица. Но, измените на изборниот закон секогаш се трудиме да бидат со консензус. Дополнително, изборот на членовите се врши со 2/3 мнозинство. Со оглед на тоа дека мандатот на членовите на ДИК истекува, како собрание сме должни да извршиме избор според постоечката регулатува“, вели Митрески за РСЕ.

ЕУ бара професионализација на ДИК

Ваквиот состав на телото кое се грижи за спроведување на изборниот процес е критикувано и од меѓународните организации. На пример една од забелешките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР кога изборите беа спроведувани со ваков комисиски состав е дека гласањето по политички чувствителните прашања во ДИК честопати се спроведува според партиски линии.

Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ вели дека Европската комисија во однос на изборите ги презема оценките на ОБСЕ/ОДИХР.

„Ако го погледнеме извештајот од 2020 година Европската комисија препорачува дека треба да се обезбеди стабилност и професионализам на ДИК и да се пронајде одржливо решение во однос на составот, должината на мандатот и тоа да биде направено на еден транспарентен и инклузивен начин. Несомнено ад хок решенија не се во прилог на никого и во принцип, ставот кој што го имаме со години е дека треба да се најде едно одржливо решение за поголемо ниво на професионализација во ДИК“, вели Кацарска.

Инаку собранието со 95 гласа за и ниту еден против го изгласа новиот состав на Државната изборна комисија во кој претседател е Александар Даштевски, поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседателка останува Дитмире Шеху од ДУИ. Во новоизбраната Комисија се и Борис Кондарко и Радица Ристеска, поддржани од владеачкиот СДСМ, како и Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда. Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ е Бобан Стојаноски, правник во Собранието. Алијанса за Албанците, која е во коалиција со Алтернатива ја поддржа кандидатурата на Кренар Лога, правник од Струга. Новиот претседател Даштевски беше член на ДИК пред 15-тина години, а неговата последна функција беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.

СДСМ и денес смета дека Даштевски е кадар на Груевски

СДСМ имаше и лични квалификации за Даштевски како претседател на ова тело, откако Комисијата за заштита од дискриминација во 2018 година издаде мислење со кое прогласи дека поранешниот премиер Никола Груевски трпел дискриминација во судот.

„Лица блиски до антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот ментор, Груевски, меѓу кои и поранешниот пратеник од оваа партија, Александар Спасеновски, но и Александар Даштевски и Тони Науноски се посветија во одбрана на осудениот Никола Груевски“, реагираше тогаш СДСМ наведувајќи дека јавноста требала да знае дека сите членови на оваа Комисија биле избрани во јануари 2016 година, без нивно присуство тогаш како опозицијата во Собранието.

Сега за него гласаа и пратениците од СДСМ како владејачко мнозинство. Митрески вели дека според постоечкиот закон партиите предлагаат членови и тие немале можност да се мешаат во персоналните решенија на другите партии.

„Предлогот на ВМРО ДПМНЕ, Даштевски да биде претседател на ДИК е уште една потврда на сите наши тврдења дека кај нив сеуште главниот збор го имаат кадрите на Груевски, попрецизно и самиот Мицкоски е извршител на Груевски“, вели Митрески.

Пржинскиот состав на комисијата, пак, партиите го договорија под мониторинг на тогашниот евроамбасадор Аиво Орав, на тогашниот американски амбасадор Џес Бејли и на меѓународниот посредник Питер ван Хауте. Според тој договор со ДИК раководеа тројца експерти и шест членови предложени од партиите, а исполнување на сите обврски од Пржино беше услов за европските интеграции.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG