Достапни линкови

Сè што треба да знаете: Финска и Шведска сѐ поблиску до НАТО


Шведската премиерка Магдалена Андерсон (лево) ја прими финската премиерка Сана Марин во Стокхолм на 13 април. Нема да биде изненадување ако процесите за ратификација на членството во НАТО за двата нордиски соседа завршат до крајот на летото или почетокот на есента.
Шведската премиерка Магдалена Андерсон (лево) ја прими финската премиерка Сана Марин во Стокхолм на 13 април. Нема да биде изненадување ако процесите за ратификација на членството во НАТО за двата нордиски соседа завршат до крајот на летото или почетокот на есента.

Повеќе личи на „кога“, а не на „ако“ за членството на Финска и Шведска во НАТО. Следуваат неколку клучни моменти во одлучувањето на нордиската двојка, додека Aлијансата е сѐ поблиску до проширување од 30 на 32 членки по инвазијата на Русија врз Украина. Рикард Јозвијак

Кои датуми се важни?

Денеска Комисијата за надворешни работи на финскиот парламент се очекува да започне со изготвување краток извештај за пленарната седница за бројните расправи што ги одржа откако Хелсинки ја заврши белата книга за безбедноста на земјата во април. Книгата не содржи конкретна препорака за влез во НАТО, но ја опишува променливата безбедносна средина во Европа од февруари.

Два дена подоцна, на 13 мај, се очекува Стокхолм да објави шведски безбедносен извештај во обид да го достигне својот нордиски сосед на исток. Сепак, посуштинските датуми на кои треба да се внимава се 14 и 15 мај. На 14 мај Социјалдемократската партија на финската премиерка Сана Марин, најголемата група во парламентот, се очекува да го утврди својот став за членството на Финска во НАТО.

Финска и Шведска на картата на Европа со европските членки на НАТО (означени со сино)
Финска и Шведска на картата на Европа со европските членки на НАТО (означени со сино)

Социјалдемократите на шведската премиерка Магдалена Андерсон пак, треба да го сторат истото ден подоцна. Се верува дека и двете лидерки претпочитаат членство за нивните земји, но и двете нивни партии, барем историски, беа млаки за пристапувањето во НАТО.

Комисијата за одбрана на финскиот парламент препорачува членство во НАТО

Потоа, тука е 17-18 мај, кога главно церемонијалниот, но многу влијателен претседател на Финска, Саули Ниинисто, патува во официјална посета на Шведска. Се верува дека тој го поддржува членството во НАТО и истакна дека „курсот на Финска ќе биде јасен до моментот на посетата.“ Затоа, не се исклучува некаков вид на официјална заедничка декларација во Стокхолм за време на посетата.

Потоа е самитот на НАТО во Мадрид на 28-30 јуни. Официјални претставници на НАТО посочија дека протоколите за пристапување на Финска и Шведска би можеле да бидат потпишани во тоа време, доколку формалните апликации паднат на масата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг до крајот на мај.

Дали НАТО навистина може толку брзо да ги прифати Финска и Шведска?

Да, се чини сосема веродостојно, особено затоа што нема индикации дека некој од 30-те сојузници се противи на шведското или финското членство.

Нивните армии веќе се главно интероперативни со НАТО, делумно благодарение на нивното членство во Партнерството за мир на НАТО од 1994 година и Партнерството за зголемени можности од 2014 година - две структури кои обезбедуваат непречена соработка со воената организација.

Шведска и Финска редовно спроведуваат вежби со НАТО, работеа под команда на НАТО во Западен Балкан и Авганистан, како и од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а финските министри и дипломати присуствуваа на повеќето состаноци на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министрot за надворешни работи на Финска, Пека Хависто (Л) и шведската министерка за надворешни работи Ен Линде (Д) одржаа заедничка прес-конференција по нивниот состанок во седиштето на НАТО во Брисел на 24 јануари 202 година.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министрot за надворешни работи на Финска, Пека Хависто (Л) и шведската министерка за надворешни работи Ен Линде (Д) одржаа заедничка прес-конференција по нивниот состанок во седиштето на НАТО во Брисел на 24 јануари 202 година.

Тука е додадената вредност за НАТО. Финска, со универзален воен рок, може да се пофали со 280.000 војници и 900.000 обучени резервисти во време на војна - што потенцијално ќе ја направи една од најголемите сили на НАТО.

Со големи набавки на оружје за поморски средства и нови Ф-35, таа ќе ја исполни целта на НАТО за одбранбени трошоци од 2 насто од БДП веќе оваа година - нешто што го постигнаа само околу една третина од сегашните членки на Алијансата.

Столтенберг: Финска и Шведска би можеле брзо да се приклучат на НАТО

Шведска најави дека ќе ги зголеми воените трошоци и ќе ја достигне целта од 2 процента во рок од неколку години и најверојатно големината на нејзините вооружени сили, во моментов околу 24.000 мажи и жени, значително ќе се зголеми.

Не треба да се отфрла и шведската индустрија за оружје, која, со пријавен обрт од 3,5 милијарди евра годишно, произведува модерни топови, противвоздушни пушки и нејзиниот крунски скапоцен камен: борбените авиони JAS.

Еден функционер на НАТО, кој сакаше да остане анонимен, за РСЕ ја истакна привлечноста што ја имаат финските и шведските технолошки гиганти Нокиа и Ериксон „и во орбитата на НАТО“.

Каков е процесот на ратификација?

Ова вообичаено трае околу една година, бидејќи 30 национални парламенти мора да дебатираат и да гласаат за ова прашање. Но, високи политичари и функционери од двете земји беа зафатени со обиколки на повеќе главни градови на НАТО во последниве месеци за да побараат значително забрзани процеси.

Клучен настан овде е Парламентарното собрание на НАТО, чија пролетна сесија е планирана за Вилнус од 27 до 30 мај. Тоа тело, кое ги собира пратениците од целата Алијанса, треба да се состане и внимателно да ги слуша финската и шведската делегација во главниот град на Литванија.

Затоа, не е за изненадување ако процесот на ратификација биде завршен до крајот на летото или почетокот на есента.

Дали Финска и Шведска во меѓувреме ќе добијат безбедносни гаранции?

Веројатно едно од најитните прашање е она што премиерите Андерсон и Марин интензивно го истражуваа во нивните разговори со другите лидери. Јасно е наведено дека членот 5 на НАТО, неговата клаузула за заемна одбрана, ги опфаќа само членките на Алијансата.

Тоа ги остава Шведска и уште повеќе Финска со нејзината 1.300-километарска граница со Русија, нервозни додека размислуваат за членството и ги чекаат неколкумесечните формалности меѓу НАТО и нејзините земји-членки.

Шведски оклопни возила и тенкови учествуваа во воената вежба наречена Студена реакција 2022, која собра околу 30.000 војници од земјите-членки на НАТО, како и од Финска и Шведска, во Арктичкиот круг во Норвешка на 25 март.
Шведски оклопни возила и тенкови учествуваа во воената вежба наречена Студена реакција 2022, која собра околу 30.000 војници од земјите-членки на НАТО, како и од Финска и Шведска, во Арктичкиот круг во Норвешка на 25 март.

И шведските и финските власти нагласија дека всушност не бараат „гаранции“, кои би биле правно обврзувачки и затоа неверојатни, туку „безбедносна поддршка“.

Ниту една земја експлицитно не кажа како би ги заштитила Финска или Шведска од потенцијален напад. Но, официјален претставник на НАТО за РСЕ изјави дека „да се покани една земја и потоа само пасивно да остане на страна ако таа земја се најде на удар во привремениот период“ ќе му наштети на кредибилитетот на Алијансата.

Потенцијално решение, посочи изворот, е зголеменото присуство на НАТО во нордискиот регион во наредните месеци преку воени вежби.

Можеме ли да исклучи референдум за членство во НАТО во која било земја?

Со голема веројатност, да. Двете земји одржаа референдуми во 1994 година, кога нивната јавност гласаше за членство во ЕУ. Но, овој пат се чини дека има потреба од брзина.

Еден фински дипломат призна дека доколку се одржи референдум со сета потребна подготовка и долготрајна јавна дебата, „ние ќе го изложиме нашиот систем на надворешно мешање“.

Воени вежби на НАТО сојузниците во Норвешка

Неодамнешна шведска анкета сугерира дека над 60 насто од испитаниците се против плебисцит, а шведската премиерка посочи дека сака прашањето да се „среди“ пред парламентарните избори на крајот на септември.

Со оглед на тоа што владејачките социјалдемократи во двете земји се очекува да се залагаат за членство, веројатно ќе има големо про-НАТО парламентарно мнозинство во двете земји, а неодамнешните истражувања покажуваат дека околу две третини од Финците и Швеѓаните го поддржуваат членството во НАТО.

Руски противвоздушен ракетен систем С-400 Триумф распореден во ексклавата Калининград. (слика од датотека)
Руски противвоздушен ракетен систем С-400 Триумф распореден во ексклавата Калининград. (слика од датотека)

Дали Русија ќе се обиде да се меша на кој било начин?

Русија изрази јавни приговори и навести „воени и политички последици“, вклучувајќи распоредување нуклеарно оружје ако Шведска или Финска се приклучат на НАТО, а имаше и многу шпекулации за различни хибридни закани.

Но, западен воен претставник со увид во безбедносната средина во северна Европа вели дека досега немало активни мерки од Русија и дека нема непосредна воена закана против Финска или Шведска и покрај неколкуте нарушувања на територијалниот интегритет на двете земји во последните недели, како и напади со одбивање на услугите на веб-страниците на шведската и финската влада. Вакви инциденти, вели изворот, имало и во помирни времиња.

Изворот, исто така, истакна дека способностите на Русија на нејзината североисточна граница со Финска се „прилично ограничени, бидејќи повеќето единици испратија сили во Украина, каде што претрпеа сериозни жртви“.

Официјалниот претставник додаде дека „ќе бидат потребни години за Русија да преземе поголемо воено засилување блиску до финската граница, бидејќи повеќето напори сега се фокусирани врз војната во источниот дел на Украина“.

Една закана што изгледа можна, рече изворот, е зголемувањето на бројот на нуклеарни проектили стационирани во регионот на Балтичкото Море, особено во Калининград, но и на полуостровот Кола.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG