Достапни линкови

Јубилеен Робомак


Отворање на меѓународниот натпревар Робомак 2020

На Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, денеска, почна меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција RoboMac 2020.

За 60 учесници денеска започна авантурата во роботика и вештачка интелегенција на меѓународниот натпревар РОБОМАК. Ова е 10-то јубилејно издание и се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ во Скопје.

Учесниците ќе работат во групи каде ќе ги усовршуваат своите знаења и вештини со цел да освојат прво место во својата категорија. Натпреварот има 6 категории: Self racing cars, Sumo, Line Follower, Maze, Machine learning и Sphero. Во рамки на натпреварот, предвидени се и предавања од областа на натпреварувачките категории.

Категоријата Maze е всушност програмирање алгоритам според кој роботот треба да излезе од лавиринт во рекордно време. Потоа, категоријата Sumo е борење на роботи според традиционалните сумо натпревари. Line Follower е склопување на количка и програмирање на истата да вози по црна линија на бела основа во рекордно време. Категоријата Sphero предвидува процесирање на дигитална слика преку програмскиот јазик питон за потоа нивната кружна топка (Sphero) да помине преку пречки. Во категоријата Machine learning натпреварувачите ќе треба да анализираат база на податоци со предвиден модел.

„Јас се пријавив за категоријата Self racing cars, односно што е поврзано со автономни возила, тоа се сведува на процесирање на слика, односно да се направи некаков алгоритам како некоја мала мапа што ќе биде симулиран град за да може колата сама да се движи низ градот, да избегнува препреки и да знае што е штo“, изјави Иван Костовски, кој е студент во 4-та година на ФЕИТ.

Учесниците во овие категории ќе се натпреваруваат во сабота, традиционално во Домот на АРМ од 18 часот.

Овој настан во најголем дел е организиран од студенти волонтери. Меѓу нив е и Ана Марија Трајковска, која истакна дека младите на овој настан имаат можност да ги развијат своите практични вештини во овие области.

„За општеството според мене е многу важно да се одржуваат повеќе настани од овој карактер бидејќи сметам дека електрониката, роботиката, вештачката интелегенција, процесирањето на сигнали, програмирањето се уште претставува некоја не толку акутелна тема, можеби програмирањето да, но сепак од другите тематики се уште како луѓето да се плашат да дадат придонес да учествуваат во некои проекти, кои што се од тој карактер. И сметам дека доколку го видат овој настан каде што учествуваат многу млади учесници, кои што се сепак трета или четврта година, тоа се 20 до 22 години, дека и многу луѓе самоиницијативно ќе се приклучат во ваквиот тип на настани и ќе придонесат за развој на општеството на повисоко ниво“, изјави Трајковска.

Годинава на настанот пријавени се 12 учесници од Србија и тројца од Грција. Победниците добиваат медали и сертификати.

XS
SM
MD
LG