Достапни линкови

Професори со најава против договорот за државна матура


Илустрација - средношколци полагаат државна матура во средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ - Скопје на 31 мај 2014 година
Илустрација - средношколци полагаат државна матура во средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ - Скопје на 31 мај 2014 година

Професори одбиваат почитување на договорот за државна матура, велат средношколците. Од друга страна, Министерството за образование и наука вели дека подготовките се во тек.

Некои средни училишта низ Македонија не ги почитуваат точките од договорот за државната матура, реагираа од Сојузот на средношколци. Тие ипратија реакција до премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска.

Според реакцијата, матуранти од различни градови го информирале Сојузот дека некои професори изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки од договорот, конкретно за интерниот испит.

„Ова е неприфатливо. Станува збор за следниве училишта: СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ристе Ристески - Ричко“, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, СОУ „Јосип Броз Тито“ -Битола, СОУ „Др. Јован Калаузи“, СОУ „Св. Клименти Охридски“ - гимназија Охрид, СОУ „Никола Штејн-Тетово“ и СОУ „8-Септември-Тетово“, соопштија од ССРСМ.

Согласно договорот, училиштата се должни да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања, најдоцна три недели пред денот на испитот. Истите да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања“. Сојузот истакна дека токму оваа точка некои професори изјавиле дека нема да ја почитуваат.

„Ние како ССРСМ им ветивме на матурантите дека постигнатиот договор ќе се реализира точка по точка. Впрочем, на последниот наш заеднички состанок на 16 февруари 2021 година, беше ветено дека „договорот нема да остане само на хартија, туку ќе се спроведе“. Така, од Вас бараме да интервенирате, за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и спроведуваат договорот“, стои во реакцијата на Сојузот.

По ова, министерката Царовска одржа состанок со директори на средни училишта. Од МОН соопштија дека средните училишта се подготвуваат за полагањeто на државната матура.

„Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици“, рече министерката Царовска.

Директорите на средните училишта дополнително информирале дека целосно ќе бидат спроведени сите безбедносни и заштитни мерки за полагање на матурата.

Договорот беше постигнат откако Сојузот не можеше да најде компромис со МОН, по што средношколците ги повикаа пратениците и премиерот Заев да се вклучат во дискусиите. На средба во Владата, на 13 февруари го постигнаа договорот, според кој, годинашните матуранти ќе полагаат два екстерни и два интерни испити.

XS
SM
MD
LG