Достапни линкови

Промоција на домашната творечка мисла на 45. „Денови на македонска музика“


Плакатот за концертот од 45. Денови на македонска музика во Филхармонија

Дела на еминентни домашни творци како Љубомир Бранѓолица, Властимир Николовски и Живојин Глишиќ, ќе бидат изведени на концертот на Филхармонија, кој во рамките на јубилејното 45 издание на „Денови на македонска музика“, ќе се одржи овој четврток, на 14 април. Диригент ќе биде маестро Борјан Цанев.

Планиран само две вечери подоцна од изведбата на „Шест раце за шест премиери“, концертот на пијано триото „Триптих“ ( во кое патем членуваат Марија Вршкова, Сара Пројковска и Елена Атанасова Ивановска) кој во Музеј на македонската борба на виделина донесе убав сегмент од современото прогресивно македонско музичко творештво зад кое стојат автори како Михајло Трандафиловски, Дарија Андовска, Ана Пандевска, Дамјан Темков, Бете Илин и Филип Иванов, во четврток, во Филхармонија, во рамките на јубилејното 45 издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, ќе се одржи уште еден перформанс кој ја велича и афирмира творечката музичка мисла кај нас. На програмата се премиерната изведба на Концертот за флејта, кларинет и оркестар на Љубомир Бранѓолица, со кој се одбележува 90-годишнината од раѓањето на композиторот, Концертот за пијано и оркестар од Властимир Николовски и Симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ. Со оркестарот ќе диригира маестро Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат Билјана Камчева-флејта, Лазар Соколов- кларинет, Огненка Герасимовска-Димитровска – пијано и Горан Начевски – баритон.

И, кога сме веќе тука најнапред збор – два за авторите.

Љубомир Бранѓолица

Роден далечната 1932 година, Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на 20.век. Во неговиот исклучително богат творечки опус има и опери и балети, и камерни и хорски композиции, како и популарни песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Стручњаците ќе забележат дека неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли.

Концерт за флејта, кларинет и оркестар е напишан во типичен стил на композиторот кој претставува фузија на неокласика и неоромантизам. Има елегичен призвук, потенциран преку мелодиските линии во флејтата и кларинетот, но и во богатата оркестарска делница. Во некои делови од концертот се чувствуваат и влијанијата од барокот потенцирани преку полифоните структури кои се јавуваат како далечно ехо и реминисценција.

Творештвото на Властимир Николовски (1925-2001), пак, е исклучително богато и разновидно. Опфаќа над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика, како и голем број публицистички трудови во кои обработува различни прашања од музичката уметност.

Концертот за пијано и оркестар му е посветен на пијанистот Владимир Крпан и е напишан во 1979 година. Првиот став „Токата“ има фоклорни мотиви и во него пијанистот ги презентира своите изведувачки квалитети, вториот став „Тропар“ поседува изразена духовност преку архаичните звуци инспирирани од црковното пеење, а последниот став „Тешкото“ е инспириран од најавтентичниот танц во богатата македонска фоклорна традиција.

А роден 1954 година Живоин Глишиќ интересот кон музиката и музичкото творештво ги пројавува многу рано. Образованието го завршува во Скопје, а најголемото влијание врз него како автор го имал славниот Драган Ѓаконовски Шпато, со кого соработувал до крајот на неговиот живот.

„Убави денови“ е прва симфонија во неговиот композиторски опус. Напишана е во 2021 година, а беше изведена истата година на прославата на 30 годишнината од независноста на државата во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија. Има два става, и се базира на елементи од македонскиот фоклор, а стилот е неокласичен. Фоклорните инспирации се присутни и како цитат (во вториот став се искористени мотиви од народната песна „Деспина“) и како индивидуален и уникатен музички израз. Симфонијата има богата звучност и оркестрација во која се испреплетени интересни хармонски решенија и мелодии кои ја збогатуваат нејзината автентична творечка структура.

Борјан Цанев

И, конечно диригентот Борјан Цанев, добитникот на македонското признание ВИРТУОЗИ - „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, се смета за еден од најпрефинетите музичари во земјата. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирал на Државната музичка академија во Софија.

Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а бил поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа.

Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев има многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска, Загреб, Њујорк). Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година, Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др.

Маестро Цанев имал можност да диригира и со бројни во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија...

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG