Достапни линкови

Претставничкиот дом изгласа отповикување на Трамп


Дональд Трамп

Мнозинството во американскиот Преставнички дом изгласа импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп поради неговата улога во минатонеделниот напад на Капитол од негови приврзаници. Гласањето, кое помина со 232 гласови „за“ и 197 гласови „против“, беше иницирано од Демократите, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом и следеше по неколкучасовна емотивна дебата.

Десетина републиканци им се придружија на демократите во поддршката за импичмент поради „наводно потикнување на немири “во институциите.

Ова е втор пат да се бара отповикување на Трамп. Првиот пат беше во 2019 година поради зделките со Украина, но Сенатот гласаше со ослободителна одлука.

Потегот на демократите следува откако потпретседателот Мајк Пенс го игнорираше нивното барање ден претходно да се повика на амандманот 25 со кој би се прогласил Трамп за „неспособен да ги извршува овластувањата и должностите на неговата функција“.

Додека траеше дебатата за импичмент, а војската се подготвуваше за можно насилство во пресрет на инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден на 20 јануари, Трамп објави соопштение со кое го обесхрабрува насилството.
Сенаторот од мнозинството, републиканецот Мич Меконели ги отфрли повиците на демократите за отповикување на Трамп, посочувајќи дека сега не е време да се бара импичмент, на неколку дена пред Трамп да го напушти претседателскиот кабинет.

„ Ние знаеме дека претседателот на САД ги повика своите приврзаници да одат дома, го спречи овој оружен бунт против нашата земја“, изјави тој.
Од друга страна, спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, која како претставничка на Демократите го предводи барањето за импичмент, изјави дека Трамп мора да замине.

„Тоа е јасна и присутна опасност за нацијата која ја сакаме“ изјави таа.

Според неа, луѓето што упаднаа во Капитол „ не се патриоти “ туку станува збор за „ домашни терористи“.

Републиканците кои го бранеа Трамп во Преставничкиот дом изјавија дека демократите непотребно излегоа со барање за негово отповикување во последните денови од неговото четиригодишно владеење.

„Секогаш се работеше за добивање на претседател, без разлика на се. Тоа е опсесија, опсесија што се шири. Не станува збор само за импичмент, туку и за откажување од претседател и секој што не се согласува со нив,“ изјави републиканецот Џим Џордан во неговото излагање во Претставничкиот дом.

Процедурата за импичмент сега се сели во горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, каде за да биде успешна потребно е да биде поддржана од 2/3 од Сенаторите, што значи дека најмалку 17 Републиканци треба да ја поддржат.

Доколку и Сенатот го потврди импичментот на Трамп, тоа се уште не е доволно да му биде забрането да врши јавна функција во иднина.

Но, ако судењето во Сенатот заврши со потврда на импичментот, Сенаторите потоа може да одржат дополнително гласање со кое експлицитно ќе му забранат да се номинира повторно за претседател на државата. Таквата одлука може да биде усвоена со просто мнозинство гласови.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG