Достапни линкови

Пијанистка Јеол Еум Сон од Јужна Кореја солист во „Фрески“ на Филхармонија


Јеол Еум Сон, пијанистка од Јужна Кореја
Јеол Еум Сон, пијанистка од Јужна Кореја

„Фрески“ од Ивановски, Концертот за пијано и оркестар бр.2 и „Танцот на смртта“ од Сен-Санс се делата што ќе ги изведе оркестарот на Филхармонија в четврток на 11 ноември. Солист ќе биде една од најдобрите млади светски пијанистки – Јеол Еум Сон од Јужна Кореја, а диригент маестро Сашо Татарчевски.

Филхармонија ја продолжува брилијантната низа на перформанси што со себе ја донесе актуелната сезона „Во движење“. По громогласното отворање со проектот „Данте 700“ на кој најистурен на сцената беше нашиот и светски пијанист Симон Трпчески и потем премиерната изведба на антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх …овој четврток, на 11 ноември во 20 часот, Оркестарот ќе ги изведе „Фрески“ од македонскиот композитор Благоја Ивановски (делото по кое е насловена ова концертна вечер) и Концертот за пијано и оркестар бр.2 и „Танцот на смртта“ од францускиот класик, композитор, диригент и педагог Шарл Камиј Сен-Санс. Солист ќе биде една од најдобрите млади пијанистки на светската музичка сцена – Јеол Еум Сон од Јужна Кореја, а диригент маестро Сашо Татарчевски.

И, по ваквата најава збор-два за учесниците и авторите.

Јеол Еум Сон, врвната и не само јужно корејска пијанистка, светската критика ја има оценето како „ прекрасен изведувач со грациозна и без временска интерпретација, кристален и разно боен тон и возбудливи изведувачки перформанси“. Важи за „брилијантен виртуоз и за пијанистка која прави соврешен баланс меѓу енергијата и гравитацијата со својата изведба“.

На глобалните сцени Сон настапува и како рецитален изведувач и како пијанист со најзначајните симфониски оркестри во светот. Нејзиниот репертоар е разновиден и еклектичен, таа изведува музика од Бах, Моцарт, од германските и руските романтичари, Вагнер, Шимановски, Лигети, Салонен...

Настапувала со најдобрите светски оркестри, како што се Њујоршката филхармонија, оркестарот на театарот „Марински“, Чешката филхармонија, Концерт хаус оркестарот од Берлин, „Московски виртуози“... Нејзините концерти ги воделе диригенти како што се Дмитри Китајенко, Валери Гергиев, Васили Петренко, Владимир Спиваков, Кшиштоф Урбански, Мико Франк, Пабло Гонзалез и други.

Маестро Сашо Татарчевски, пак, е еден од најпознатите не само македонски туку и европски диригенти кој во сопственото портфолио поседува бројни интернационални награди и признанија. Роден е во Битола и како наследник на големиот инструменталист на кларинет и педагог Панде Татарчевски со основно и средно музичко образование се здобива во родниот град. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.

Раководел со различни ансамбли, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето... и со ансамблите за современа музика АЛЕА и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „ПроАрс“.

А, кога веќе сме кај програмата и творците чии дела ќе бидат изведени најнапред за авторот по чие дело „Фрески“ е именувана оваа музичка ноќ во Филхармонија.

Благоја Ивановски (1921 – 1994) е македонски композитор од втората генерација македонски повоени творци. Заедно со Глигор Смокварски и Кирил Македонски, бил еден од втемелувачките на современиот македонски симфонизам. Поголемиот дел од творечкиот опус на Ивановски е посветен на симфониското творештво, во чии рамки доминираат историски теми. Во таа насока се движи и неговото симфониско дело „Фрески“, напишано во 1961 година, во кое го сумира својот препознатлив стилски печат кој е умерено модерен. Пристапот кон третманот на формата и во ова дело има типична и шематизирана форма, која се пресликува и во основните композиторски постапки.

Од друга страна, Концертот за пијано и оркестар во ге-мол Камиј Сен-Санс го напишал во 1868 година. Големиот руски пијанист Антон Рубинштајн, еден од големите пријатели на композиторот, дошол во Париз за серијата од осум концерти кои требало да се реализираат под диригентската палка на Сен-Санс. Пред крајот на концертните серии, Рубинштајн сакал да дебитира како диригент во Париз, а Сен-Санс да настапи како пијанист. Тој започнал да го пишува Концертот во ге-мол веднаш по иницијативата на Рубинштајн и успеал да го заврши за неверојатни 17 дена. Премиерната изведба била на 13 мај – Рубинштајн го водел концертот, а Сен-Санс настапил како солист.

„Танц на смртта“ е, пак, една од четирите тонски поеми кои Камиј Сен Санс ги создал во 1870 година, сите инспирирани од Франц Лист и неговите истоимени дела од 1849 година. Авторот овде прави тематска трансформација и интегрира специфична оркестрација во концептот, идејно преземан од Лист. Првично е напишана како песна за глас и пијано на текст од поетот Анри Казалис кој се базира на старо француско суеверие, за да во 1874 година композиторот ја адаптира во дело за оркестар, притоа заменувајќи го гласот со партија на виолините во Оркестарот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG