Достапни линкови

Протест за еколошка правда


Протест на „Петоци за иднината“ против увоз на отпад

„Сакаме чист воздух“, „Уа профитери“ и „Еколошка правда“ извикуваа седнати на улица присутните на денешниот протест пред Собрание кој го организираа младите од „Петоци за иднината“ - Скопје. Мотивирани од информациите за увоз на опасен отпад и од одложувањето на законските измени во законот за отпад, демонстрантите доставија барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Бараме мораториум на увозот на отпад се додека државата не оспособи лаборатории коишто ќе ги испитуваат потенцијалните отрови коишто увезеното ѓубре ги содржи. Притоа, ги повикуваме пратениците да ги изгласаат предложените законски измени за увозот на отпад пред Собранието да биде распуштено. Севкупното загадување во државава, а со акцент на загадувањето на воздухот, е веќе неподносливо и граѓаните и граѓанските иницијативи и организации се помалку ги толерираат политики и одлуките коишто се на штета на здравјето и на животот на граѓаните“, стои во барањето.

Во најавата истакнаа дека увозот на опасен отпад е јасно поврзан со аерозагадувањето и загадувањето на животната средина.

„Дворските игри кои партиите ги играат во парламентот под превез на преговори за законот за отпад е најнов доказ дека чистиот воздух за нив е небитен кога ги загрозува профитите на големите бизниси, како тој за увоз на опасен отпад“, напишаа младите активисти во најавата за протестот.

На протестот беа присутни околу 100-тина граѓани, но младите очекуваа поголема посетеност.

„Би сакала повеќе луѓе да доаѓаат, а не само да седат пред телевизор или пред компјутер, бидејќи ова е нашата иднина. Ние сме иднината на Македонија и сакаме да ја доживееме“, изјави младата Бојана Николова.

Таа објасни дека бараат да се регулираат и увозот на отпад и квалитетот на горивата. Со тоа, како што вели таа, ќе бидеме „eco friendly“.

Активистите најавија дека ќе ја поддржат блокадата на цементарница „Усје“, што ќе се одржи во среда, 5 февруари, од 12 часот.

XS
SM
MD
LG