Достапни линкови

Пандемиите имаат силно влијание врз општеството


Илустрација

Според професорот по социологија и историја на медицината од Џонс Хопкинс Универзитетот, Александре Вајт, стигматизацијата и предрасудите се карактеристика за епидемии. Мерките за физичко дистанцирање треба да помогнат во грижата еден за друг, а не за отсекување на цели заедници, вели професорот.

Сите пандемии во историјата, вклучително и моменталната со Ковид-19, покрај тоа што прво и најсилно ги погодуваат здравствените системи во земјите, тие исто така го менуваат и начинот на кој функционира општеството во целост.

Стигматизацијата, предрасудите и зголемената омраза не беа непознати ниту за оваа пандемија. Постојат многубројни извештаи за антиазиски расизам на улиците на Австралија, Индија, Велика Британија и САД. Според Александре Вајт, социолог и историчар на медицина од Џонс Хопкинс Универзитетот, пандемиите имаат силно влијание врз општеството, дури и по запирањето на ширењето на болеста.

Одговорот на властите и подготвеноста на здравствените системи не се разликува многу од минатото до сега, особено во случајот со Ковид-19, вели Вајт. Фактот дека може да се пренесува асимтоматично и да предизвика благи симптоми во поголемиот број на случаи, како и неговата можност за брзо ширење го дестабилизираше здравствениот систем и глобалните економски процеси.

Една од главните препораки на светските здравствени власти е одржувањето социјална, односно подоцна наречена физичка дистанца помеѓу луѓето. Но дистанцирањето на луѓето за време на епидемии низ историјата не било секогаш со иста мера, вели Вајт.

Една од пандемиите кои најсилно го има променето општественото однесување е епидемијата на чума во Кејп Таун во 1901 година, оценува Вајт. Како резултат на епидемијата бил воведен агресивен расно сегрегиран карантин кој на многу начини станал основа за понатамошниот развој на Јужна Африка во која цели градови и заедници биле сегрегирани.

„Но ова е многу остар пример за тоа како расизмот и предрасудите можат да предизвикаат зголемување на агресивните и угнетувачките одговори против најмаргинализираните во општеството“, вели Вајт.

Тој се надева дека луѓето ќе сфатат дека мерките за социјално дистанцирање кои се преземаат имаат големо значење во грижата еден за друг, и дека треба да бидат претпазливи за тоа како овие практики се применуваат.

„Епидемиите се кризи. За време на кризи, многу од вообичаените верувања се преиспитуваат а во прашање може да биде доведено и одржувањето на статус кво-ситуацијата. Се надевам дека ќе можеме да согледаме како јавното здравство и социоекономските разлики се зголемуваат како резултат на пандемијата со Ковид-19. Доколку да, тоа би ни помогнало да создадеме подобар систем за во иднина“, вели професорот.

Но за жал, додава Вајт, речиси 120 години подоцна, овие разлики и понатаму постојат. Нарекувањето на вирусот како „Кинески“ или „Вухански“ доведува до стигматизација за сите кои имаат потекло од Кина или од Азија.

„Тоа доведува до насилство, вознемирување, омраза на што веќе бевме сведоци. Начинот на кој оваа пандемија ги поттикна овие негативни практики не е изненадувачки за време на епидемија, но претставува сериозна закана за ефективниот одговор на здравствените власти“.

Постојано ни се повторуваат примери, одговорот на заразата со ХИВ/СИДА во 1980 или чумата во Кина од почетокот на 1900-та, дека стигматизацијата и предрасудите, особено кога станува збор за болести кои се поврзуваат со одредени луѓе или заедници, влијаат и врз одговорот на здравствените власти во ваквите случаи.

„Не треба дополнително да ги оддалечуваме луѓето кои се болни од здравствената нега која им е потребна поради нивниот страв дека ќе бидат гонети или стигматизирани поради нивната болест“, вели Вајт.

Медицински персонал, Кина
Медицински персонал, Кина

Покрај тоа, додава тој, пандемиите дополнително ги продлабочуваат нееднаквостите помеѓу луѓето.Тоа може да се види во високите стапки на невработеност и капацитетите на постојаната мрежа за социјална заштита во САД. Досега има многу малку иницијативи за помош на лицата кои се отпуштени од работа како вработените во рестораните, угостителството и слично.

И Светската здравствена организација предупреди дека појавувањето на Ковид-19 ја зголемило стигматизацијата и дискриминацијата на луѓето од загрозените подрачја. Тоа предизвикува луѓето да кријат дека се болни, да не одат во болница со што се овозможува побрзо ширење на вирусот и на крај се намалува способноста на здравствените власти за соодветен одговор.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG