Достапни линкови

Паметна инвалидска количка - иновација од емпатија


Tимот „Од нула до херој“

Давид, Мартин и Благојче, заедно со Вероника, која е во инвалидска количка, се хероите зад македонската иновација - паметна инвалидска количка. Количката се управува со очила, лицето пред да управува е тестирано за ментална состојба, а потоа е предвидена обука за тестирање. Младите членови на тимот со овој проект потсетуваат дека секој од нас треба да биде општествено одговорен.

Лицата со физичка попреченост секојдевно водат свои битки движејќи се со инвалидската колична низ улиците. Нивната мака, но и храброст, мотивираше млади да создадат иновативна технологија, односно паметна инвалидска количка за полесно движење.

„Секако главната мотивација ни беа лицата со физичка попреченост. Она што не мотивира е нивната храброст и нивната борбеност колку тие се способни да се справуваат со пречките кои што им ги создава нашето општество“, изјави студентот Мартин Динев, дел од тимот „Од нула до херој“ (From zero to hero) што стои зад паметната инвалидска количка.

Динев, заедно со Давид Лазароски, Благојче Павлески и нивниот помошен член Вероника Љоровска, го релизираа прототипот на младинскиот предизвик „Generation Unlimited“, организиран од УНИЦЕФ.

„Оваа количка ми помага во мојот секојдневен живот за да можам полесно да се движам“, изјави Љоровска, лице во инвалидска количка, која е дел од тимот.

Количката се движи со поглед, поточно со помош на очила кои го регистрираат окото на лицето со физичка попреченост.

„Технологија и начинот на кој што функционира самиот проект е токму поставување на очила на главата на лицата со физичка попреченост. На самите очила има поставено веб камера која постојано го следи движењето на окото на лицето со физичка попреченост и дава соодветни сигнализации во системот и така количката се движи во пропорционално во насоката во која гледа“, објасни Лазароски.

За да се користи нивната технологија, лицето со физичка попреченост мора да помине низ тестирање за да се утврди неговата ментална состојба.

„Нивната ментална состојба мора да биде на значително високо ниво затоа што сепак се работи за управување и движење во јавност на самата количка. Мора да поминат на тестирање кај психолози, кај очен доктор, ушен доктор... бидејќи тие се лица на кои што моториката на екстремитети им е значително ограничена, но оваа количка им помага да ја контролираат самата количка со нивното око и пред се мора да имаат ментална стабилност кое што тестирање откако ќе се реализираат треба да се утврди дали тие се способни да ја контролираат количкатаа или не, а тоа воведува и дополнителна обука која што претставува туторијал, ние што би рекле, како да се контролира самата количка“, објасни Лазароски.

„Се надеваме количката ќе е херој во општеството“

Во светот постојат и други слини паметни инвалидски колички. Но, нивната се разликува со вграден систем за следење на здравствена состојба на лицето. Откако ќе го завршат прототипот, планираат и да ја патентираат.

„Целта на паметната инвалидска количка не е да се произведува нов прототип, нов тип на колички, туку креираме систем кој што може да се вгради на било која количка. Тоа е се разбира евтино, некоја сума од 50 до 100 долари. Елементите и материјалите кои што се користат во тој систем ги снабдуваме од Али Експрес и останатите продуктивни страни на кои што може да порачаме уреди и елементи, бидејќи се работи за едноставни елементи, како мотори и сензори кои што се значително евтини, но можеме со примена на доста добар софтвер да ги направиме да бидат совршени иновации“, дополни Лазароски.

Членовите на тимот изјавија дека внимаваат токму на цената на оваа технологија, затоа што инвалидските колички се веќе, како што рекоа тие, прилично скапи.

„Во просек, дополнителниот трошок за набавка на инвалидска количка изнесува 59.900 денари во случај кога дел од трошоците ги покрива семејството, а дел ги покрива Фондот. Износот е значително поголем во ситуација кога трошоците за набавка на инвалидска количка се во целост на товар на семејството. Во оваа ситуација, просечниот трошок изнесува 261.700 денари“, стои во истражување на Хелсиншкиот комитет за човекови права, спроведено во 2017 година, насловено „Анализа на трошоците за живот на семејствата на лицата до 26 години кои користат инвалидска количка“.

Тимот „Од нула до херој“ очекуваат нивната инвалидска количка да стане херој во македонското општество.

„Ние сме средношколци и студенти кои што моментално се наоѓаме на нула, едноставно креираме прототип и патент, кој што сигурно, се надеваме и сме сигурни дека ќе стане херој во нашето општество со тоа што сите лица со физичка попреченост ќе ја контролираат нашата инвалидска количка, ќе ја имаат во нивното секојдневие и ќе бидат дел од нашето општествено опкружување, дел од секојдневниот живот на сите нас“, рече студентот Лазароски.

XS
SM
MD
LG