Достапни линкови

Орбан се дистанцира од Кина пред изборите во Унгарија


Унгарскиот премиер Виктор Орбан се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на посетата на Пекинг во 2019 година.

Во услови на неизвесни избори во кои се во прашање блиските врски на Будимпешта со Кина, владата на премиерот Виктор Орбан одеднаш се обидува да не изгледа прокинески настроена. Од Рид Стандиш и Балинт Салаи

Со оглед на тоа што блиските односи на унгарскиот премиер Виктор Орбан со Пекинг станаа цел на опозицијата во заострената изборна кампања, владата сега се обидува да се дистанцира од некои од нејзините поконтроверзни политики за Кина.

Новиот чекор на владата на Орбан доаѓа откако Пeтер Марки-Зај -- конзервативен градоначалник на мал град кој се појави како кандидат избран од коалицијата на опозициските партии – почна да го претставува она што многумина велат дека е најдобрата шанса да се собори Орбан по повеќе од една деценија.

Тој вети дека ќе ги разниша блиските односи на земјата со Кина и ќе се откаже од проектите финансирани од Кина во земјата.

Може ли Запад да осмисли алтернатива на кинескиот „Појас и пат“?

„Унгарската влада сега молчи за таквите контроверзни прашања поврзани со Кина и се обидува да ја нагласи светлата страна на врските меѓу Кина и Унгарија, како што е количината на кинески инвестиции што се влеваат во земјата“, вели за РСЕ Тамаш Матура, доцент на Универзитетот во Будимпешта.

Под Орбан, кој ја извршува функцијата од 2010 година, Унгарија изгради блиски врски со Кина. Односите дополнително се проширија во рамките на политиката за источно отворање на унгарскиот лидер, со цел да се негуваат блиски врски со Пекинг и Москва за да се привлечат инвестиции во земјата.

Оттогаш, Орбан ја отвори вратата за низа контроверзни кинески иницијативи -- вклучително и универзитет финансиран од Кина во Будимпешта, железница до Белград и набавка на кинески вентилатори и вакцини за време на пандемијата -- кои се цел на опозицијата поради загриженоста за долгови и корупција.

Со анкетите кои покажуваат дека Марки-Зај е во тесна трка со партијата Фидес на Орбан, опозицискиот кандидат се обиде да ги стави во центарот на вниманието контроверзните врски на Орбан со Кина и повика на ревизија на односите на Унгарија со Пекинг.

Опозицискиот кандидат, исто така, го обвини Орбан за корупција во преговорите за финансирањето на железницата од Будимпешта до Белград, каде што владата зеде 20-годишен кинески заем од 1,9 милијарди долари. Марки-Зај вети дека ќе престане да се меша во напорите на Европската унија да го осуди Пекинг поради човековите права во Хонг Конг и кинеската западна провинција Синџијанг.

Европски суд за правда со пресуда против Унгарија

Во Брисел, повеќе претставници на ЕУ запознаени со политиката на блокот за Кина, изјавија за РСЕ дека унгарските власти не изразиле противење на обновувањето на санкциите против Пекинг поради Синџијанг, во голем дел поради тоа што Будимпешта сака да ги избегне обидите на опозицијата да го таргетира Орбан за неговите врски со Кина.

Кандидатот на опозицијата за премиер на Унгарија Петер Марки-Зај
Кандидатот на опозицијата за премиер на Унгарија Петер Марки-Зај

„Сè мора повторно да се разгледа и прегледа и мора да се идентификува целата корупција“, изјави Марки-Зај, додавајќи: „Железницата од Будимпешта до Белград и набавката на вакцини мора да бидат повторно разгледани и мора да бидат темелно проверени од независни институции“.

„Источното отворање“ и Марки-Зај

Предизвикот на Марки-Зај ја натера владата на Орбан да се смени дома и во странство кога станува збор за нејзините политики кон Кина. Оваа промена особено се почувствува во Брисел, каде што унгарските власти беа подготвени да му помогнат на Пекинг за да му се додворат за повеќе кинески инвестиции и да ја задржат дипломатската поддршка на Кина, што беше во фокусот на постојаните судири меѓу Будимпешта и ЕУ.

По санкциите во март меѓу Пекинг и Брисел поради кршењето на човековите права од страна на Кина во Синџијанг, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги осуди мерките како „бесмислени и штетни“.

Во април и мај Будимпешта беше единствената од 27-те земји-членки на ЕУ што ја откажа поддршката за казнените мерки како одговор на Пекинг кој наметна закон за национална безбедност во Хонг Конг и оттогаш блокираше какви било идни мерки.

Но, зад сцената во Брисел, претставници на ЕУ запознаени со ова прашање за РСЕ изјавија дека Унгарија навести дека нема да се спротивстави на продолжувањето на мерките за Синџијанг, бидејќи се обидува да избегне дека има добар однос кон Кина во текот на изборниот циклус.

Унгарија, исто така, се повеќе се наоѓа себеси оддалечена од Централна и Источна Европа во однос на нејзиниот однос со Кина. Новата влада во Чешка најави дека ќе заземе противнички став кон Пекинг, а претстојната коалиција во Германија повика на преиспитување на политиката на Берлин кон Кина по додворувањето на канцеларката Ангела Меркел спрема Пекинг како партнер.

ЕУ ја одлага помошта за Полска и Унгарија

Неколку земји во регионот, исто така, го пречекаа министерот за надворешни работи на Тајван на значајната европска турнеја во октомври, додека Литванија беше вклучена во тензична расправија со Пекинг околу врските на оваа балтичка земја со Тајпеј.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан

На 21 ноември, Кина ги намали дипломатските односи со Литванија поради отворањето на тајванската канцеларија во Вилнус. Во меѓувреме, во Брисел, ЕУ работи на нова легислатива за длабинска анализа на синџирот на снабдување, која исто така би можела да ја таргетира Кина и да ги наруши врските со Пекинг.

Според Матура, ова ја остава владата на Орбан во непријатна позиција. „Ова може да ја зголеми важноста на Орбан во очите на Кина, бидејќи тој е еден од последните пријатели на Пекинг во целата ЕУ. Во меѓувреме, тој не може многу да ја поддржи Кина во екот на изборната кампања така што, верувам дека Орбан барем засега прифати пристап да чека и да види“, вели Матура.

Пролетни избори

Проектите на Унгарија, финансирани од Кина за време на Орбан, беа проследени со скандали, но аналитичарите велат дека централното прашање за Марки-Зај пред изборите е дали тоа одекнува кај електоратот.

„Дефинитивно постои обид да се внесе Кина во изборната кампања, но останува да се види дали ќе биде успешен“, изјави за РСЕ Доминик Истрате, аналитичар во консултантската компанија Кесарев.

Орбан очекува странско „мешање“ на изборите во Унгарија во 2022

Загриженоста за корупција го следеше проектот за железницата Будимпешта-Белград откако за првпат беше предложен во 2014 година, а владината набавка на вакцината Синофарм од кинеско производство, исто така, беше проследена со контроверзии околу високите трошоци и со обвинувања за мито.

Сепак, планот за изградба на кампус во Будимпешта за престижниот Универзитет Фудан во Шангај доби најголем притисок од јавноста, кога околу 10.000 луѓе излегоа на улиците во главниот град, откако објавените документи покажаа дека владата ќе земе заем од 1,5 милијарди долари од Кинеската банка за да покрие најголем дел од трошоците. Веднаш потоа Орбан рече дека ќе одржи референдум за ова прашање, но таквото гласање се соочува со растечка неизвесност.

Проектот Фудан останува непопуларен кај гласачите, а анкетата во август покажа дека повеќе од две третини од Унгарците се против кампусот. Членовите на унгарската опозиција -- вклучително и градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи -- исто така се залагаат за национален референдум за кампусот што може да биде вклучен во гласачкото ливче за федералните избори. Но, тоа во моментов се соочува со неколку правни предизвици кои би можеле да го одложат референдумот до по изборите во 2022 година.

Иако ги критикуваше кинеските мегапроекти кои беа одобрени под Орбан, Марки-Зај, исто така, се трудеше да се позиционира внимателно дека не е против Кина. Градоначалникот на малиот град Ходмезовасархељи изјави дека кинеските инвестиции се добредојдени сѐ додека се врз „заемна корисна основа“ и додаде дека ги почитува достигнувањата на Пекинг.

Владата на Орбан, во меѓувреме, го насочи своето внимание на други прашања што може да ги поттикнат гласачите и да ги дефинираат изборите. Про-Фидес експерти веќе изјавија дека ќе има „големо мешање на САД“ на изборите во 2022 година и посочија дека Марки-Зај живеел во Соединетите држави што, според нив, било доказ дека тој застапувал странски интереси.

Владата на Орбан, исто така, предложи референдум за актуелната легислатива со која се ограничува во училиштата да се предава за хомосексуалноста и трансродовите прашања, кои премиерот ги постави како дел од „идеолошката војна“ со ЕУ.

„На крајот, изборите ќе бидат референдум за способноста на Орбан да владее и каде е земјата по 11 години со Фидес. На крајот, изборите ќе се сведат на внатрешно-политички прашања“, вели аналитичарот Истрате.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG