Достапни линкови

„Огледало – лице в лице“ - уметничка порака за нов почеток


Дело на Ладислав Цветковски од изложбата „Огледало - лице в лице“
Дело на Ладислав Цветковски од изложбата „Огледало - лице в лице“

Педесетина истакнати автори од Италија и Македонија со околу стотина нивни ликовни дела се претставени на изложбата на современа графика: „Огледало – лице в лице“, што од 15 септември и во наредните два месеца се одржува во Културно-информативен центар во Битола.

Серџио Биголини, Лука Бруно, Мартина Карола, Ана Коколи, Валентина Формисано, Паоло Гидони, Марцела Миранда, Масимо Спадари, Џовани Тедесчини, Марта Вивани... се само некои од триесетината италијански уметници кои заедно со своите македонски колеги како Атанас Ботев, Ладислав Цветковски, Славица Јанешлиева, Јана Луловска, Марија Светиева, Жанета Вангели, Илија Трајковски, Маја Анастасова, Сашо Блажес, Мирослава Цветковиќ, Домен Димовски, Валентина Илијевска, Стефан Јакимовски, Маја Киркова, Владимир Симоновски, Шкипе Мехмети, Горан Ристовски, Драганчо Таневски и Владо Ѓорески, со свои дела се застапени на изложбата на современа графика: „Огледало – лице в лице“(Mirror – face to face), што од 15 септември и во наредните два месеца се одржува во Културно-информативниот центар во Битола.

Станува збор за исклучително значаен меѓународен проект кој во мај и јуни годинава беше презентиран во Вила Калдоњо – во благородничката сала (Villa Caldogno, Salone nobile) во Виченца и кој, патем, предизвика голем интерес кај публиката и тамошната и не само ликовна јавност.

На отварањето во Офицерски дом во Битола присуствуваа и неколку автори од Италија.

Валерија Бертесина, ликовна уметница и иницијаторот на овој зафат од европски размери, на отворањето во КИЦ Битола ќе забележи дека седмото издание на „Огледало - лице в лице“ е остварување на важна цел, речиси „остварување на еден Хипократов циклус“. Од таму таа за затворање на овој круг, посакала тоа да се случи во првата земја која била поканета да го отвори проектот „Mirror – face to face“ во 2016 година - Македонија.

Бертесина и со појаснување дека првата изложба во Италија била на исклучителна локација: простор дизајниран од големиот архитект Карло Скарпа, во Меѓународната библиотека Ла Виња во Виченца. Потем во следните неколку години, дијалогот меѓу делата на италијанските и на странските уметници се случувал во просториите на вилата Калдоњо, една од двете поголеми вили на познатиот архитект Андреа Паладио, исто како што и сега битолската поставка е сместена „во една прекрасна историска палата – Офицерскиот дом“ . Од таму, кураторката и уметницата смета дека овие изложби се всушност една меѓународна (и меѓугенерациска) средба во која досега учество зеле повеќе од 460 италијански и странски уметници, творци кои доаѓаат од Македонија, Естонија, Чиле, Португалија, Бугарија, Србија и Холандија.

Сметав дека е значајно да се затвори кругот со појдовната земја, како своевидно враќање кон корените, но и како желба за нов почеток. Добредојде назад, Македонијо!

Затвораме и во исто време одново почнуваме во освежен одраз на поетики, желби, стравови, соништа. Седум години се доволни за да се забележат промените што се случуваат во светот на графиката, особено поради исклучително брзите и епохални глобалните трансформации. Речиси како цунами, епидемии, војни, светски немири, екосистеми во криза -го зафатија нашето општество и ги преобликуваат сензибилитетот и нашата перцепција на светот, истакнува Валерија Бертесина.

Од отворањето на изложбата „Огледало - лице в лице“ во Офицерски дом во Битола

Владо Ѓорески, уметнички раководител на Меѓународното графичко триенале – Битола, соработник и коавтор на оваа изложба, забележува дека „Огледало – лице в лице“ по својот обем, естетика, размислување и творечки достигања е значаен ликовен настан кој што ги надминува границите на Македонија, потврдена во Италија а според одгласите во странските медиуми има актуелност и значење со меѓународен контекст кој што е во „најафирмативна насока во истакнувањето и сериозната на актуелното графичко творештво во Македонија“.

Тој потенцира дека поставката содржи „одреден екстракт на генезата на македонското творештво, особено графичкото, која со сеизмографска точност ја регистрира севкупната насока на творечкото и креативното движење во контекст на македонското ликовно милје“.

Атанас Ботев

Дека притоа е забележлива „не само генерациската разноликост, туку своевидната специфична и единствена колерација со графичката историја од 1950-те години наваму, со значајните македонски автори како и со одредена посебност која веќе ја дефинира македонската креативност и ликовност низ светските ликовни центри“.

Воедно, оваа изложба е исклучително значајна, бидејќи најафирмативно ја потврдува позицијата на македонската графика во светки рамки, која без никави дилеми е на најрамноправно ниво со се она што се случува во историскиот контекст на денешното креативно размислување, живеење, постоење.

Исто така изложбата е значајна и поради својата единственост како европско движење кое ги обединува творечките пулсирања, творечките пораки и обраќањата на уметниците кои имаат одредено тестаментално, најискрено и најдиректно значење во грижата, мислата, чувствувањето и своевидната графичка молитва за нашето вистинско опстојување наспроти се и наспроти севкупните деструкции кои ни се случуваат секојдневно со планетарна масовна катастрофичност.

Изложбата е една од ретките пораки која од Битола е испратена со светлината на човековиот дух, верба и надеж за опстојувањето на Човекот, истакнува Ѓорески.

Силвиа Балдисерото

Зад изложбата со својот институционален габарит стамено стојат УНЕСКО, галеријата „Ку-би“, асоцијацита „Венет арт“, а во реализацијата на овој значаен меѓународен настан учествуваа и битолското Меѓународно графичко триенале чиј уметнички раководител е Владо Ѓорески и Кутурен и информативен центар – Офицерски дом Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG