Достапни линкови

НАТО со Декларација и нов стратешки концепт: Безбедноста и напредокот најважни, Русија е најдиректна закана


Лидерите на земјите-членки на НАТО на Самитот во Мадрид, 29 јуни 2022
Лидерите на земјите-членки на НАТО на Самитот во Мадрид, 29 јуни 2022

На Самитот во Мадрид НАТО членките донесоа Декларација со ставовите на Алијансата за актуелните прашања - од војната во Украина до климатските промени, како и одлуките за новиот стратешки концепт на НАТО

Шефовите на држави и влади на змјите-членки на НАТО, од Самитот во Мадрид, попладнево објавија декларација и новиот стратешки концепт на Алијансата, кој ги дефинира приоритетите на Алијансата за следната деценија. Зад декларацијата застанаа сите 30 членки, а на Самитот беа и претставници на партнетите на НАТО - Австралија, Финска, Грузија, Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Шведска, Украина, Бих и ЕУ.

„Ние стоиме заедно во единство и солидарност и ја потврдуваме трајната трансатлантска врска меѓу нашите народи. НАТО е одбранбена алијанса и не претставува закана за ниту една земја. НАТО останува основата на нашата колективна одбрана и суштинскиот форум за безбедносни консултации и одлуки меѓу сојузниците“, се наведува во Декларацијата од Самитот. Декларацијата ги содржи ставот на членките за актуелните случувања во светот, идните заложби и одлуки кои ги опфаќаат прашањата од војната во Украина, преку соработката со ЕУ, до климатските промени и човековите права.

Осуда за руската војна против Украина

„Ја осудуваме руската агресивна војна против Украина најсилно можно. Тоа сериозно ја поткопува меѓународната безбедност и стабилност. Тоа е очигледно кршење на меѓународното право. Ужасната суровост на Русија предизвика огромно човечко страдање и масовни раселувања, несразмерно погодувајќи ги жените и децата. Русија сноси целосна одговорност за оваа хуманитарна катастрофа. Русија, исто така, намерно ја влоши кризата со храна и енергија, погодувајќи милијарди луѓе ширум светот, вклучително и преку нејзините воени дејства. Сојузниците тесно соработуваат за да ги поддржат меѓународните напори да овозможат извоз на украинско жито и да ја ублажат глобалната криза со храна. Ќе продолжиме да се спротивставуваме на лагите на Русија и ќе ја отфрлиме нејзината неодговорна реторика. Русија мора веднаш да ја прекине оваа војна и да се повлече од Украина. Белорусија мора да стави крај на своето соучесништво во оваа војна“, се наведува во Декларацијата.

Учесниците на Самитот го поздравија учеството на украинскиот претседател Володомир Зеленски на овој Самит, пренесувајќи му уверувања за „целосна солидарност со владата и народот на Украина во херојската одбрана и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

„Русија е најзначајната и најдиректната закана за безбедноста“

НАТО на Самитот ја окфалификува Русија како „најзначајната и најдиректната закана за безбедноста на сојузниците и за мирот и стабилноста во евроатлантската област“.

„Тероризмот, во сите негови форми и манифестации, продолжува да претставува директна закана за безбедноста на нашето население и за меѓународната стабилност и просперитет. Категорично го отфрламе и го осудуваме тероризмот на најсилно можно. Со одлучност, решителност и солидарност, сојузниците ќе продолжат да се спротивставуваат на руските закани и да одговорат на нејзините непријателски дејствија и да се борат против тероризмот, на начин во согласност со меѓународното право“.

Во Декларацијата се потенцира и тоа дека Алијансата се соочува со сајбер, хибридни и други асиметрични закани.

„Се соочуваме со системска конкуренција од оние, вклучително и Кина, кои ги предизвикуваат нашите интереси, безбедност и вредности и се обидуваат да го поткопаат меѓународниот поредок заснован на правила. Нестабилноста надвор од нашите граници, исто така, придонесува за нерегуларна миграција и трговија со луѓе“, се вели во Декларацијата.

Нов стратешки концепт

Наспроти ова, велат шефовите на НАТО-членките, донесовме повеќе важни одлуки.

„Одобривме нов стратешки концепт. Тој го опишува безбедносното опкружување со кое се соочува Алијансата, ги потврдува нашите вредности и ја наведува клучната цел и најголемата одговорност на НАТО за обезбедување на нашата колективна одбрана врз основа на пристап од 360 степени. Понатаму ги поставува трите основни задачи на НАТО за одвраќање и одбрана; спречување и управување со кризи; и кооперативно обезбедување. Во годините што доаѓаат, тоа ќе ја води нашата работа во духот на нашата трансатлантска солидарност.

НАТО во заклучоци потенцира дека организацијата ќе ја продолжи и дополнително ќе ја засили политичката и практична поддршка за „блискиот партнер Украина“.

„Заеднички со Украина одлучивме за зајакнат пакет поддршка. Ова ќе ја забрза испораката на несмртоносна одбранбена опрема, ќе ја подобри сајбер одбраната и отпорноста на Украина и ќе го поддржи модернизирањето на нејзиниот одбранбен сектор. На подолг рок, ќе и помогнеме на Украина и ќе ги поддржиме напорите на нејзиниот пат на повоена обнова и реформи“, се наведува во делот од Декларацијата кој се однесува на Украина.

Засилување на источното крило

На Самитот била договорена и „нова основна одбранбена линија и одбранбено држење, пристап чиј составен дел се и борбата против тероризмот, борба со сајбер и хибридните закани, како и зајакнување на борбените сили на источното крило.

„Значително ќе ја зајакнеме нашата одбрана на долг рок за да обезбедиме безбедност и одбрана на сите сојузници. Ќе го направиме тоа во согласност со нашиот пристап '360 степени', низ копнените, воздушните, поморските, сајбер и вселенските домени и против сите закани и предизвици. Улогата на НАТО во борбата против тероризмот е составен дел на овој пристап. Сојузниците се обврзаа да распоредат дополнителни робусни борбени сили на местото на нашето источно крило, кои ќе бидат зголемени од постоечките борбени групи до единици со големина на бригада каде и кога е потребно, поткрепени со веродостојни брзо достапни засилувања, однапред поставена опрема и засилена команда и контрола“, стои во Декларацијата.

Покрај воените и безбедносните активности, според Декларацијата, НАТО високо ги рангира и проблемите како климатските промени, родовата еднаквост и човековата безбедност.

„Ја нагласуваме централноста на човековата безбедност и гарантираме дека принципите на човековата безбедност се интегрирани во нашите три основни задачи. Ние ја унапредуваме силната агенда за жените, мирот и безбедноста и ги инкорпорираме родовите перспективи низ НАТО“.

Помош на партнерите и политика на отворени врати

НАТО лидерите ја соопштија и одлуката за зајакнување на соработката со ЕУ и заедничката решеност на Алијансата и Унијата за одговор на руската војна против Украина, како и соработката со останатите партнери и политиката на отворени врати.

„Одлучивме за нови мерки за засилување на приспособената политичка и практична поддршка за партнерите, вклучувајќи ги БиХ, Грузија и Молдавија. Ќе ја зголемиме нашата поддршка за градење капацитети на партнерите од југот. Ја потврдуваме нашата посветеност на политиката на отворени врати на НАТО. Денеска решивме да ги поканиме Финска и Шведска да станат членки на НАТО и се согласивме да ги потпишеме пристапните протоколи. Го поздравуваме склучувањето на трилатералниот меморандум меѓу Турција, Финска и Шведска за таа цел. Пристапувањето на Финска и Шведска ќе ги направи побезбедни, НАТО посилен, а евроатлантската област побезбедна. Безбедноста на Финска и Шведска е од директно значење за Алијансата, вклучително и за време на процесот на пристапување“.

НАТО останува најсилната алијанса во историјата, стои на крајот од Декларацијата, заедно со ветувањето дека Алијансата „ќе продолжи да ја чува слободата и безбедноста на сите сојузници и заедничките демократски вредности, сега и за идните генерации“.

Дефинирање на Кина

Пред Декларацијата, светските медиуми ги анализираа варијантите „како НАТО на Самитот во Мадрид ќе ја опише Кина - како противник или како системски предизвик?“.

„На самитот оваа недела, НАТО би можел да ја означи Кина како „системски предизвик“ за безбедноста на членките во документот на таканаречениот стратегиски концепт кој ги дефинира приоритетите на Алијансата за следната деценија. Во претходната верзија, објавена во 2010 година, не се споменува Кина, додека во новата внимателно се размислува за дефинирање на безбедносните прашања поврзани со Кина за да се избегне реторика која некои сојузници би ја сметале за премногу запалива“, објавуваа светските медиуми, а пренесе СлободнаЕвропа.орг.

„Фајненшал тајмс“ напиша: Пекинг ќе биде опишан како „предизвик за нашите интереси, нашата безбедност и нашите вредности“.

XS
SM
MD
LG