Достапни линкови

Наташа Сарџоска: Не само што глумиме слобода, глумиме и живот


Наташа Сарџоска, писателка и авторка на романот „Трамонтана“ фото:Евгениј Хоуп
Наташа Сарџоска, писателка и авторка на романот „Трамонтана“ фото:Евгениј Хоуп

Роман за празнината. Длабока критика кон општеството, но истовремено и крик за пронаоѓање на смислата на постоењето. Ова ќе биде забележано за првиот роман „Трамонтана“ на Наташа Сарџоска што како издание на ТРИ се појави деновиве.

Наташа Сарџоска e поет, писател, преведувач и толкувач. Перформер, сонувач и патник. Авторка е на поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“ а нејзината поезија е препеана на италијански, англиски и српски јазик. Застапена е во неколку антологии на поезија на македонски јазик, меѓу кои и Антологијата на еротска поезија.

Деновиве Сарџоска ги минува во промовирање на „Трамонтана“, својот нов книжевен предизвик, првиот роман што го објави книгоиздателството ТРИ.

По неколку книги поезија, преводи, патувања и признанија... Наташа Сарџоска конечно собра смелост да се соочи со својот нов книжевен предизвик. Да напише роман. Што беше причината за чекањето?

Јас одамна имав план да изградам прозно дело околу еден женски лик. Тој лик ми беше во глава со години. Знаев дека треба да се вика Алма, да живее во Париз...и сакав да изградам приказна околу таа жена којашто во мојата замисла беше урбана, отуѓена, осамена. Жена од која многу се бара, впрочем како што многу се бара од секоја современа жена а којашто не може и не сака да одговори на сите тие барања и очекувања што ги има современото општество воопшто од жената. Да биде мајка, бизнисменка, сопруга... И знаев дека сакам да направам приказна. А не се осмелував затоа што знаев дека пишувањето роман бара дисциплина, структура... некаква математика да имаш во глава. А, за поезијата сметав дека тоа е мојот глас, дека таму ми е комотно, удобно. И си терав.

Значи, проблемот беше да се излезе од таа комотност. Излеговте ли лесно вие од таа удобност?

Да. Еве што се случи. Имаше конкурс за време на пандемијата од издавачки центар ТРИ за карантински приказни. Јас напишав една и кога ја прочитаа уредникот Бојан Саздов, а потоа и Винка Саздова и Фросина Пармаковска којашто ми е пријателка, беа импресионирани. Лично мислев дека нема да се објави тој расказ, но тие ми рекоа дека тој ќе биде еден од водечките во збирката. Фросина Пармаковска и Винка Саздова ме охрабрија на некој начин велејќи ми: Оставија сега малку поезијата и посвети се на прозата. И, некако тоа го сфатив како блага наредба, дури како нивно барање да продолжам да пишувам проза. Па, така романот го пишував скоро две години и сега кога веќе го читаат некои луѓе ми велат „не ме сфаќај лично, ама прозава како повеќе да ти лежи“. И, тоа за мене е големо изненадување затоа што отсекогаш сум мислела дека поезијата – тоа сум јас. А, сега со овој прозен јазик како да успеав да развијам поголема емпатија. Некако почнав да мислам дека писателите за разлика од поетите имаат поголема емпатија, поголемо разбирање за човечката судбина, за човечкото страдање... Поетите се претежно опседнати со зборот, со јазикот. Не излегуваат од таа рамка иако Адам Загаевски велеше дека „добриот поет мора да пишува за светот... не може само за себе и за сопствените доживувања“. Така што, ја задржав естетичноста од поезијата, симболичниот јазик, ритамот... а успеав преку оваа приказна да се со-живеам со една жена и да ја доловам преку нејзиното искуство цената што треба да се плати за да се освои таа слобода. Затоа и романот се вика „Трамонтана“, којшто е ветар и е симбол за таа брутална и застрашувачка слобода.

„Трамонтана“ е израз својствен генерално за Медитеранот. Долго ли вртевте околу него и неговата симболика или тој некако си дојде отпосле при склопувањето на мозаикот?

Првичниот наслов беше поинаков. Романот беше именуван според еден хормон „оксицитин“ кој е хормон за расплодување, хормон на љубов, хормон на оргазам, на великодушност... Потоа некако помислив дека сепак не е толку познат хормон како на пример “серотонин“, оној на Велбек, и згора не сакав да зазвучи како наслов на скрипта по фармација. После сакав да биде нешто што е поврзано со некаква празнина, некаков премин, некаква иницијација а ветрот трамонтана токму тоа и го прави. Тој создава пустош. Се носи пред себе, се раздувува. Сум гледала во Јужна Франција кога живеев таму како луѓе се држат за бандери, за столбови за да не ги одвее. И таа симболика на тој ветар, таа бруталност, таа застрашувачка сила, таа свирепост ја најдов како синоним за нејзиниот живот. И помислив дека трамонтана е одличен наслов за да се опише нејзиното постоење и да се долови суштината на слободата којашто не е пријатна работа. Сите мислат „јас сакам слобода“, ама никој не сака да биде слободен затоа што да се биде слободен е многу неудобно. И затоа сакав да биде „Трамонтана“ затоа што кога дува тој ветар едноставно не ти е удобно.

Има ли сето тоа некои допирни точки, одредени врски, со тоа што нам сега ни се случува. Имам чувство дека глумиме слобода, дека сакаме да бидеме слободни ама нема кој, а најмалку самите имаме сили да се ослободиме.

Токму тоа и беше поентата на овој роман. Да се покаже дека не само што глумиме слобода ние глумиме и живот. Не го живееме животот, туку животот не живее нас. И цената што треба да се плати за да се досегне таа застрашувачка слобода е во еден „донхуански речник“ како што рекол Карлос Кастанеда: За да почнете да живеете треба прво се* да изгубите! А, човекот не е спремен да изгуби затоа што од мали деца не учат да победуваме. Да имаме најдобри оценки во училиште, најдобри другарчиња, да завршиме факултети, да купиме најскапа кола, најскап телефон, да бидеме во брак со социјално исти рамноправни партнери, да имаме толку и толку деца... но едноставно може да се случи ништо од тоа да не се оствари. Може човечкото постоење да биде исполнето со празнини и да не ги исполнува тие фиоки што од рана возраст не учат да ги исполнуваме. Како да сме цртички од некаков роковник. Тука стави брак, тука стави кредит, тука бизнис, ова она.

Алма потекнува од богата буржоаска фамилија, имаат винарија, базени... Работи во меѓународна организација, но на крајот на романот таа решава да се откаже од сето тоа за да тргне кон едно незнаење каде. Затоа и плаши слободата, затоа што ти остава еден празен простор во којшто не знаеш ни каде одиш ни дали ќе се вратиш. А, поентата на човечкото постоење е да може да погледне во секоја насока. Како што ветрот дува во секоја насока да може и човекот да се одважи, да се осмели и ... Сметам дека е тажно што на располагање во идеални услови имаме само 80 години живот и што тие 80 години живот ги исполнуваме со шаблони, со скици, со рамки, со фиоки во коишто мора нешто да ставиме и како што велиш не само што глумиме слобода, туку глумиме и живот на некој начин.

Овде неминовно ми се наметнува прашањето дали Наташа Сарџоска, како творец и битие, ја ужива слободата или се обидува на свој начин да изнајде начини да се ослободи од калта во која сите заедно газиме.

Јас сум овде многу несреќна. Не се чувствувам дека припаѓам во Македонија. Не ми се допаѓа културата на оваа земја. Сметам дека е премногу традиционална, премногу конзервативна, на моменти дури и премногу лицемерна... има балкански земји, како соседна Србија, Хрватска... кои се исто медитерански, средоземни...но ми се чини дека не се толку зачмаени како нашава. И мислам дека тука секој обид човек да биде смел, да се одважи, да биде слободен, да излезе како индивидуа, како поединец скапо се плаќа. Во една колумна писателот Венко Андоновски зборуваше за „тиранија на просекот“. Овде просечноста е синоним за успешност. Ми се чини дека наоѓам начин во некаков паралелен универзум или во некакво книжевно творештво да ја постигнам таа слобода. Тоа го правам и во сеќавањата на мојот живот во Франција, Португалија... во сите тие земји каде што слободата има поинаква димензија, поинакво значење отколку кај нас.

А, кој би бил вашиот следен исчекор. И книжевен и животен се разбира. Конечно зад вас е едно интересно творечко искуство кои отвора нови видици.

Имам веќе идеја за нов роман. Летово бев во Охрид и напишав едно десеттина песни што претпоставува дека би објавила и една поетска книга. Мислам дека тоа е начинот за бегство. Тоа ни го наметна и оваа пандемија. Таа една неизвесност, несигурност. Неспособност да планирам нешто бидејќи мојот живот досега беше проектиран цело време кон Западна Европа. Работев во Шпанија, во Германија ... патував непречено, а сега тоа не е изводливо. Многу е тешко да се планира некаков чекор затоа што сфатив дека иднината е сега. Дека иднината не ја поседуваме. Дека се* што поседуваме е ова што ќе го направиме во овој момент. Постои некоја шанса да се вратам да работам во Германија, но и тоа е неизвесно. Се* е виша сила. Сите овие рестрикции и ограничувања создаваат една диктатура на мислата и на животот. Ќе го чекаме крајот на пандемијата со мислите само да преживееме. Како никогаш порано сме опседнати со преживување, не со живеење.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG