Достапни линкови

Многу веројатно Русија да изврши нов напад врз Киев


уништено руско оклопно возило надвор од Киев кон крајот на минатиот месец
уништено руско оклопно возило надвор од Киев кон крајот на минатиот месец

Русија досега не успеа да ги постигне своите воени цели откако ја нападна Украина, но сѐ уште се „големи“ шансите претседателот Владимир Путин да се обиде да изврши нов напад врз главниот град Киев. Ирина Ромалијска

Роман Костенко, командант на украинските специјални сили и член на либералната проевропска партија Холос (Глас), во интервју за Current Time, мрежата на руски јазик предводена од РСЕ во соработка со Гласот на Америка наведе дека Москва повторно ќе се обиде да го нападне главниот град Киев.

Руските воени сили сега се главно фокусирани врз преземање на контролата врз регионите Луганск и Доњецк, познати заедно како Донбас. Москва го направи заземањето на целиот источен Донбас клучна цел на својата неиспровоцирана инвазија откако беше потисната од Киев.

Сепак, главниот град на Украина би можел да се соочи со нови руски напади и таквото сценарио веројатно ќе зависи од Белорусија, објасни Костенко, кој исто така е секретар на Комитетот за национална безбедност, одбрана и разузнавање.

Александар Лукашенко, авторитарниот владетел на Белорусија и близок сојузник на Путин, изјави дека неговите војници не учествуваат во руската инвазија, но оти територијата на земјата служела како лансирно поле за Русија да испрати илјадници војници преку границата од почетокот на инвазијата во февруари.

„Белорусија е наш непријател и ние го разбираме тоа. Земја која им дозволи на нашите непријатели да ја користат нејзината територија за да убиваат наши цивили. Нејзините водачи се исто така наши непријатели“, рече Костенко.

Со оглед на тековниот безбедносен ризик од Белорусија, украинските сили се распоредени долж нивната заедничка граница, која се протега на околу 1.080 километри, објасни Костенко.

„Оваа закана ја сметаме за висока. Или Русите ќе можат да влезат од таму ако соберат сили и објават мобилизација, или ќе ги повикаат Белорусите да учествуваат“.

Поттикнат од рускиот напредок во Донбас, Кремљ, наводно, размислува за втор напад врз Киев, објави независниот медиум Медуза со седиште во Латвија на 27 мај.

Москва тврди дека во Киев уништила тенкови кои стигнале од Источна Европа

Во првите денови на инвазијата, како што вели Костенко, руската војска сериозно погрешно пресметала што ќе ги чека во Украина.

„Тие се надеваа дека населението на Украина јасно ќе ги поддржи и дека со помош на овие луѓе нема да мора да спроведуваат долгорочни воени операции овде. Тие очекуваа мали престрелки, дека украинската армија ќе го остави оружјето и дека Русија ќе ја преземе контролата врз целата територија“, рече Костенко, додавајќи:

„Како резултат на тоа, имаше долги воени колони што ги погодивме со голема прецизност. Немаа никакви комуникации, немаа координација, немаа заеднички операции. Тие дојдоа на колење“.

Огромен неуспех

Неспособноста на Русија да постигне надмоќ на небото над Украина беше уште еден огромен неуспех за руската војска, истакна Костенко, наведувајќи: „Се обидоа да ги уништат нашите аеродроми со крстосувачки ракети, се обидоа да ги уништат нашите радари и не успеаја. И руските авиони, со сигурност знам, дека се плашат да летаат на територијата на Украина; тие се плашат да не бидат бомбардирани долж линијата на фронтот, бидејќи нашата воздушна одбрана сè уште ги плаши“.

Сепак, како што вели, оттогаш руската војска научила и се адаптирала. „Почнаа да поставуваат одбранбени позиции; тие почнаа подобро да ја користат својата опрема; тие инкорпорираат артилерија. Тие учат и сега борбата ни стана потешка“.

Руската војска ја зголеми употребата на тактички воздушни акции за да го поддржи нејзиниот напредок во Донбас, соопшти британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање на 4 јуни.

Украинскиот пратеник и командант на специјалните сили Роман Костенко
Украинскиот пратеник и командант на специјалните сили Роман Костенко

Борбената способност на Украина, исто така, се подобрува, истакна Костенко, во голема мера благодарение на пософистицираното и смртоносно оружје што го обезбедуваат „западните партнери“ на Украина. „Ако имаме артилерија со долг дострел тогаш тоа бара друга тактика. Кога се боревме со оружје од времето на Студената војна, тоа бараше поинаква тактика“, вели Костенко.

Ракети со поголем дострел

Украинските власти бараа од сојузниците ракетни системи со поголем дострел кои можат да истрелаат низа ракети на стотици километри далеку, со надеж дека ќе го свртат бранот во тримесечната војна.

Бајден: САД ќе испратат ракетни системи со поголем дострел во Украина

Американскиот претседател Џо Бајден се согласи да ѝ обезбеди на Украина напредни ракетни системи кои можат со прецизност да напаѓаат цели до 80 километри.

„Ќе им обезбедиме на Украинците понапредни ракетни системи и муниција што ќе им овозможат попрецизно да ги погодат клучните цели на бојното поле во Украина“, напиша Бајден во Њујорк Тајмс на 31 мај.

Иако руските воени сили сега можат да контролираат до 20 насто од украинската територија, како што истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски, Костенско е убеден дека Украина на крајот ќе победи.

„Кога го преживеавме првиот месец од руската инвазија, сфативме дека веќе сме победиле. Нашата земја се обедини, нашата земја можеше да продолжи да се бори против Руската Федерација. Ги уништивме сите планови што ги имаше Русија. Тоа е целосна окупација на Украина; окупацијата на југот и заземањето на нашите источни територии“, вели Костенко, оценувајќи:

„Руската Федерација е активна само на источните територии и сега таму се водат крвави битки. И украинските војници тврдоглаво ја бранат својата територија. Затоа, ние веќе победивме, има уште многу големи тестови пред нас, но сите луѓе се обединети со цел да ја победиме Руската Федерација и да ги вратиме териториите“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG