Достапни линкови

Метаморфозите во фокусот на изложбата „Несовршен простор 4“


Плакатот за изложбата
Плакатот за изложбата

Со цел да го пронајдат заедно совршениот простор за изложување, во Куќата на Европската унија во Струмица, во организација на Здружението за култура Транзен, на 15 јуни ќе биде отворена изложбата „Несовршен простор 4“. Добитник на наградата „Владимир Георгиевски“ е скулпторот Андреј Митевски.

Она што беше најнапред искра, потем заумна идеја полека станува чекор што не може да се запре. На Струмица и на македонската култура, од 15 јуни, во ново отворената Куќа на Европската унија, во организација на Здружението за култура Транзен, ќе им се случи четвртото издание на изложбата „Несовршен простор“. Станува збор за собир на македонските ликовни уметници кои преку сопственото творештво и веќе изградениот ликовен јазик се обидуваат да го пронајдат заедно совршениот простор за изложување, ако такво нешто постои.

Впрочем, како што велат организаторите, „идејата се наметна од немање адекватни простори за изложување во градот и долгогодишно талкање по совршено место за изложба на ликовни дела“. Згора на ова, Здружението за култура Транзен кое е носител на проектот, уште на самиот почеток се реши со поставката посебно да го чествува ликот и делото на големиот македонски ликовен мајстор, професорот Владимир Георгиевски. Така во негова чест наградата што се доделува на еден од уметниците кои работат на зададената тема ја наслови со неговото име, а досегашни нејзини добитници се творците Александар Иванов, Гордана Хаџи Николова Малашев и Владимир Илиевски.

Тони Попов - „Contemplation“

Радоста да се твори, да се изложува заедно, да се групираат уметници по сличноста на изразот и начинот на размислувањето за уметноста, философијата на животот и мотивите за креативност, е главна цел на овој проект на Здружението Транзен, сметаат организаторите на „Несовршен простор“.

А, во текстот на каталогот, ликовниот уметник и куратор на изложбата Никола Пијанманов, за темата на актуелната поставка пишува: „Кога се разбуди Грегор Самса едно утро, после немирните соништа, примети дека се претворил во една огромна бубачка која лежи на креветот...Што е тоа што се случило со мене? Тоа не е сон… “

Вака Франц Кафка го започнува својот расказ Метаморфоза, во кој главниот јунак (или антијунак) се буди од еден кошмарен сон, за да потоне во уште покошмарно јаве. Неговиот лик сака да ја надмине состојбата во која е заглавен, состојба на секојдневието и тој потсвесно бара излез од неа.

Нашите животи се една континуирана преобразба во која согорува старото Јас. Таа преобразба, зависно од соништата кои ги сонуваме и јавето кое го живееме е или страшно сновидение, или излез и спас од кошмарниот свет на секојдневието. Уметникот е мајстор на преобразбите. Тој ги конвертира своите модели и замисли во нешто друго, поинакво од сенките на секојдневните форми и видливи објекти. Уметникот е алхемичар во метаморфозата на секој објект, од кој произведува или нови форми или нови неформи. По операцијата која ја врши врз моделот, тој не може да остане ист. Тој се преобразува. Но, можеби најчудесниот феномен во тој креативен процес, не е самата преобразба во делото, туку преобразбата на самиот творец кој го креира тоа дело. Творецот се преобразува во нешто друго додека го создава своето дело. И тој процес ги надминува естетските скалила на издигнување. Преобразбите се неосетни, а преобразувањето остава лузни, траги. Бележењето на трагите е можеби единствениот начин да се запознаеме себеси. Од дете до старец, од ембрион до ковчег, зар постои крај на преобразбите? Не! Затоа можеби и најсилната, најтаинствената преобразба е онаа последната, онаа за која секој се родил и постоел на светот. Преобразбата на смртта во... живот, вели Пијанманов.

Милан Андов - „Присуство“

Тој и со дополна дека оваа година наградата „Владимир Георгиевски“ ја добива ликовниот уметник, скулпторот Андреј Митевски за скулптурата „Форма која се раѓа“.

Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото, се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка...која талка во просторот. Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво, потсетува на стиховите од Лао Це: Слабоста е сила, цврстината е слабост, појаснува Пијанманов.

Награденото дело на скулпторот Андреј Митевски

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG