Достапни линкови

Мемети - Зголемен број поплаки за вознемирување на работното место


Мемети - Не се казнуваат тие што шират говор на омраза
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:28 0:00

Мемети - Не се казнуваат тие што шират говор на омраза

Оваа година има енормно зголемување од над 50 отсто на бројот на поплаки за дискриминација или поточно за вознемирување на работното место, поради разни основи. Граѓаните и годинава најмногу се жалеле на работата на судската власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мемети, што најмногу ги загрозува човековите права годинава?

Често пати судството и потрошувачките услуги си ги менувале местата. Годинава, 2019, се карактеризира како година во која граѓаните највеќе се жалат на работата на судската власт, но тука се и другите области, како детските права, социјалата, понатака работните односи, дискриминацијата. Многу интересно е дека оваа година, енормно, над 50 проценти е зголемен бројот на поплаки за дискриминација или поточно за вознемирување на работното место, поради разни основи. Ние како институција тешко доаѓаме да го истражиме случајот и тешко имаме ефект. Од некаде 12 констатирани такви повреди, само во три се прифатени нашите препораки, додека во осум други ни преостанува да ги упатуваме граѓаните да бараат судска заштита. Како да нема видлив напредок во споредба со 2018 година и покрај тоа што по однос на општите препораки имаме поголема прифатеност кај индивидуалните препораки како да стагнира прифатеноста.

За колкав дел од претставките има правна разрешница? И дали сте задоволни од тој процент?

Кај поединечните случаи ние сме задоволни, затоа што успеваме од 80 до 85 проценти од нашите препораки се прифаќаат. Тоа значи дека граѓанинот успеа да го добие или да го санира правото што му е повредено. Додека во останатиот дел не успеваме и граѓаните ги упатуваме на разни начини, особено во судски постапки да ги остваруваат нивните права. Од друга страна, не гледам нешто и покрај тоа што има одредени општи препораки за изместување или подобрување на системот, мислам дека таму има простор уште повеќе да се примаат мерките на Народниот правобранител.

Има ли подобрувања во правосудството и на што најмногу се однесуваат претставките?

Ние најмногу добиваме претставки, каде што постапуваме, за одолговлекување на судските постапки. Оваа година имаме четири постапки каде што делуваме како пријател на судот. Тоа е многу интересна надлежност што ја доби институцијата Народен правобранител која е голем предизвик, многу треба да соработуваме со судската власт, затоа што имаме големи проблеми, тие не нè прифаќаат. Едноставно не сакаат да ја прифатат институцијата како пријател на судот, тие забораваат дека ние не ја повредуваме нивната самостојност, нивната независност, ние им помагаме на нив, на полесен и поквалитетен начин да донесуваат судски одлуки, со тоа што нашите докази што ги имаме или нашите мислења што ги имаме по однос на одредени работи им ги даваме на нив.

Загрижува фактот што кога и меѓу ученици има говор на омраза и булинг. Дали некој од родители на деца што биле злоупотребувани на овој начин имаат реагирано кај вас?

Да. Во овој дел сме имале и имаме доста претстави од страна на родителите. Позачестени беа во 2014, 2015 и поради барањата на родителите ние одлучивме да направиме поопсежно истражување од сите основни училишта во републиката со цел да ги истражуваме состојбите. Така што во учебната 2016-2017 и 2017- 2018 направивме истражување и дојдовме до констатација дека говорот на омраза, физичките пресметки, вербалните навреди, тепачките биле се поприсутни во училиштата и на крај дадовме доста препораки. Мора да се сузбиваат таквите работи, а за да се сузбиваат секако треба мултидисциплинарно да се постапува. Не може само родителот или само наставникот, поголема комуникација треба да има меѓу родител и наставник.

Деновиве утврдивте прекумерна употреба на седативи во казнено-поправниот дом во Тетово. Треба ли да се превенираат ваквите ситуации?

Се работи за последователна посета. Ние имавме една посета на која подготвивме истражување или извештај кои состојби ги затекнавме по однос на сите сегменти таму. Сега беше направена последователна за да видиме дали од тоа што ние сме рекле дека треба да се поправи нешто е поправено, за жал, состојбите остануваат статус-кво. Посетите и првата и втората ги правиме со експерти од посебни области. Во конкретниов случај за ова, со седативите што прашувате, и за првата и за втората посета бил психијатар, специјалист за млади и деца. Ние како институција не велиме дека седативите не им ги препишал доктор со рецепт, тоа е така, меѓутоа тоа е технички така. Друга е нашата загриженост, што, за жал, и пратениците не ги разбираат таквите работи и без да читаат се осудуваат да даваат разни изјави. Нашата, односно загриженоста на психијатарот кој работи за нас е во следното – дека тие количини треба да се испита дали може да им се дадат на таквите млади организми, затоа што викаат дека се прејаки за нив. Затоа и упатувам јавен апел пратениците да се воздржуваат од такви изјави, а институциите да ги преземат нашите препораки и посебно да ги третираат, односно посебно да истражат секое дете што прима седативи во таа установа, има и такви гласини кои треба да се потврдат дека намерно им даваат за да ги успиваат, тоа се многу лоши работи.

Целото интервју со Народниот правобранител Иџет Мемети може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG