Достапни линкови

Матеј Богдановски: Постојано барам нови творечки предизвици


Матеј Богдановски - визуелен уметник и автор на стрип-книгата „Улица“
Матеј Богдановски - визуелен уметник и автор на стрип-книгата „Улица“

Со идеја да го разбудат вниманието на новите генерации читатели, Фондацијата „Славко Јаневски“ и визуелниот уметник Матеј Богдановски како заеднички потфат го потпишаа стрипот „Улица“ работен по истоимената повест на големиот македонски писател. Потег за респект и издание чија актуелност ќе трае.

Матеј Богдановски е визуелен уметник. Еден од урбаните херои и впечатливите творци на овој град. На неговото и наше Скопје што стенка под налетите на паланечкиот дух, продавањето скиселени полуфабрикати место човечки и творечки вредности и политичката помија.

Роден на 19 декември 1979 година, најнапред го завршил Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“, а потем дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на сликарскиот оддел. По пет години од дипломирањето, во 2008, завршил и постдипломски студии на оваа високошколска установа. Изложувал свои дела на самостојни и групни изложби во земјава и во странство и важи за еден од оние творци што знае силно да го предизвика вниманието на публиката.

И, нешто особено важно, тој е автор и издавач на стриповите „КШШЦ“ (2010), „Патенталија и Тентелина епизоди 1 и 2“ (2011), „Патенталија и Тентелина – Чиста десетка“ (2016), на боенката за креативно опуштање „Разговори“ (2017), збирката на мимови „Скопје радост ти ќе бидеш“ (2017), книгата „Приказни од Чудновија“ (2018) и , се разбира, „Улица“, стрип-книгата работена според повеста на Славко Јаневски.

При крајот на минатата година за чествувањето на стогодишнината од раѓањето на македонскиот писател Славко Јаневски, ликовниот уметник Матеј Богдановски направи стрип според неговата повест „Улица“. Беше ли тоа нов предизвик за вас како творец или едноставно задача на која воопшто не се двоумевте да одговорите?

Поканата за работа на стрипот „Улица“ дојде од фондацијата „Славко Јаневски“, поточно од нејзиниот претседател Sвездан Георгиевски кој ми се јави и ми ја образложи идејата дека сакаат првиот роман на Јаневски да го преточат во стрип. Иако не знаев за каков роман се работи самата понуда звучеше пирмамливо како повод за нова креативна авантура и, ценејќи го човекот од кого доѓа понудата, веднаш ја прифатив работата. Инаку, со овој стрип фондацијата сакаше да го одбележи јубилејот 70 години од романот а се софпадна и со 100 годишнината од раѓањето на Јаневски. Иако рокот кој го имав беше прилично краток за ваков обем на работа, сепак романот ми изгледаше податлив за стрипување и потоа целиот процес ми беше големо задоволство.

Како се одвиваше сeто тоа од првичниот прочит на делото на Јаневски до комплетирањето на „Улица“ видена од Богдановски како уметник?

Како и другите стрипови кои сум ги правел и овој помина низ неколку фази. Пред се, во овој случај требаше да ја прочитам книгата. Потоа следуваше средување на сценариото, прво како текст, извадоци од романот кои ги видов интересни да влезат во стрип, а потоа и цртана верзија или сторибординг, со исцртување на ликовите. Гледав да истражам што повеќе за времето во кое се случуваше приказната, Скопје во триесетите години од минатиот век, кое беше интересно искуство само за себе. Потоа дефинитивното исцртување кое го работев во фотошоп па се до подготовкаа за печатење.

Како автор кој зад себе има неколку стрип изданија што беше она што сакавте лично да го истражите во ваквото допирање на двете уметности, книжевноста и стрипот? Преку сопствениот визуелен творечки јазик во денешно време на некои нови „клинци“ да им ја донесете првата повест на Јаневски и воопшто во македонската повоена литература.

Она што мене ми беше интересно во самата книга и што ми беше предизвик да го пренесам во стрип е тоа што „Улица“ е приказна за Скопје, но Скопје од едно друго време, веќе спомнав триесетите години од минатиот век, и начинот на живеење и изледот на градот кои беа многу поинакви од денешните. Низ интересните ликови, пред се оној на малиот Славко и неговиот судир со останатите и влегување во секакви згоди и незгоди со кои тој учи за доброто и злото во животот, ја прави „Улица“ приказна за растењето и созревањето. Мојата цел беше на приказната да и дадам богат визуелен облик и се надевам дека, низ 120-те колор страници, тоа го постигнав и дека на денешниве деца кои растат на сосема поинаков начин и во друг градски пејсаж овој стрип ке им биде привлечен и интересен.Она што мене ми беше додатно интересно во работата, а може да биде и за читателите, е тоа што и „КШШЦ“, кој го правев пред десетина години е една приказна за Скопје, но за моето современо Скопје, град со друг лик и друг начин на живеење, други звуци. На некој чуден начин двата стрипа прават некаква метафизичка елипса.

Колку атмосферата што ја претставивте вие во стрипот го има сензибилитетот и духот на сегашноста, на урбано Скопје во кое ваквите приказни не се поразлични од некогашните?

Мислам дека Скопје од стрипот и денешното Скопје се различни по многу аспекти, не само по големината туку и начинот на живеење. Особено за денешните млади, кои имаат интернет-мобилни телефони, би им било тешко да си го претстават детството кое, главниот лик, Славко го живеел, претежно надвор низ скопските улици, сокаци и дворови.

Сега кога веќе вашето видување на „Улица“ е реалност која го изнудува вниманието на публиката и наедно за очекување е да го сврти вниманието кон творештвото на Јаневски, колку Богдановски со стекнатото искуство ќе си отвори простор за вакви или слични исчекори? Ќе му се врати ли на авторскиот стрип, продолжувајќи ја линијата зачната со „Патенталија и Тантелина“, „КШШЦ“... или можеби ќе се реши самиот да побара литературно дело за предлошка на својот нов стрип?

Она што јас сакам да го постигнем кога работам стрип, независно дали е приказната моја или на некој друг, е на таа приказна да и најдам соодветен визуелен јазик низ кој ќе биде раскажана во кој јас, а се надевам и публиката ќе уживаат. На секој стрип му приоѓам индивидуално и го прилагодувам цртежот во однос на приказната. Сакам да работам во боја и интересно ми е да измешам повеќе визуелни изрази во еден стрип, на пример, да комбинирам цртеж и фотогафија. Не работам класично со туш и перо и ги користам сите технички можности, и цртачки и дигитални, за да дојдам до крајниот изглед на таблите и на целиот стрип.

Една од новите слики на уметникот Богдановски

И, кога сме веќе кај вашето творештво, на што сте фокусирани во овој период – нова изложба, книга, илустрации, графички дизајн, сценографија за одреден проект...

Периодов работам на нови скици и нови слики. Тие се потполно апстрактни, што е нешто ново за мене бидејќи до сега не сум се осмелил да влезам во потполна апстракција. Но со истражувањето, гледањето нови автори, што денеска благодарејќи на интернетот е многу лесно дојдов и до ваква фаза во творештвото. Јас сакам да истражувам во сликарството, поточно не сакам да седам во едно место, бидејќи тоа со време станува рутина и манир. Барам нови сликарски предизвици и кога ќе дојдам до некое интересно место се задржувам извесно време во него додека не увидам дека работите почнуваат да се повторуваат. Тогаш почнувам да барам нешто ново. Никогаш немам одредена цел каде би сакал да стигнам туку самата работа ме донесува до нешто, за мене ново и интересно. Тоа е како да стапнуваш на потполно ново тло, на некој остров, и не знаеш што има и какви предизвици крие додека не почнеш да се движиш низ него.

Сепак, за изложување и претставување на делата, со оглед на ситуацијата со пандемијата се уште не размислувам и не правам никакви планови.

Дали во сите овие творечки дисциплини се чувствувате како риба во вода. Каде според сопственото уверување е најсилен уметникот Матеј Богдановски?

Се повеќе се фокусирам на сликарството. Сепак, како што веќе спомнав, тоа е медиумот во најмногу истражувам. Стрипот е тука следен по ред но тој е сепак по сложен за реализација и зависи од повеќе аспекти, како на пример средствата за издавање. Сите други изрази се попатни и треба навистина нешто силно да ме привлече за да се впуштам во работа.

Да му се вратиме на стрипот кај нас во земјава. Од неговите зачетоци во втората половина на минатиот век, преку појавата на Тушлаб во 1980-те, она што го твореа Игор Тошевски, Марјан Камиловски, Кочо Фидановски, Александар Станковски... па таблите на Александар Поповски и Дарко Митревски... сето она што е присутно во пионерската публикација „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли, до денешните генерации автори... успеавме ли да ја форматираме сцената. Да стане конкурентна на сличните во регионот, да ги следи светските трендови. Или можеби сето ова е привилегија на истрајните и правоверните и ограничениот круг публика? Како да се стапне чекор напред во популаризацијата на стрипот во Македонија?

Последниве петнаесетина години се појави еден нов бран македонски стрип автори кои успеваат да издадат стрип и генерално интересот за стрип е поголем денес. Сепак мислам дека ние сме далеку од светските па и регионални токови, бидејќи нашата публика е се уште мала, се уште стрипот кај нас се смета како нешто несериозно. Мислам дека и нашите автори треба да бидат по смели и по иновативни во својата работа. Ние и не можеме да се споредуваме со големите индустрии на стрип, бидејќи тоа се индустрии во кои се инволвирани многу луѓе и се вложуваат големи пари, а секако и пред се, културите на тие земји се поразвиени во однос на стрипот, со поголема пулика и поголема платежна можност. Да се направи еден стрип, особено ако е колор, не е ефтино, тие чинат многу. Тоа е нешо што нашата публика треба да го разбере, пред се. Стрипот е поскап од книга затоа и цените се поголеми. Се надевам дека со време работите ќе одат на подобро. Што се однесува до популаризацијата на стрипот, се очекува се од од ДРЖАВАТА, што е наш генерален проблем во културата. Луѓето кои се инволвирани во таа работа, авторите, но пред се издавачите, многу малку прават за развојот на стрипот. Кај нас многу ретко има јавни разговори, предавања на тема стрип а и медиумите малку ја промовираат оваа уметност, иако можеби изгледа дека во последниве години се зборува повеќе за неа. Сметам дека стрипот треба да влезе во школските програми, во основното и во средното образование, обработувајќи го неговиот ликовен и литературен аспект.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG