Достапни линкови

Марина Шокева Икономова со трета стихозбирка - „Светот и јас“


Марина Шокева Икономова, поетеса

„Светот и јас“ е насловена третата стихозбирка од охридската поетеса Марина Икономова Шокева, што како издание на ПНВ Публикации од Скопје се појави деновиве. Станува збор за книга во која авторката води своевиден дијалог со сегашноста.

По дебитантската „Слики од Бунарот“ од 2017 објавена за книгоиздателството Ѓурѓа и „Директни обраќања“ од 2019, охридската поетеса Марина Икономова Шокева еве ја со третата стихозбирка и втора за ПНВ Публикации насловена како „Светот и јас“.

За неа, Мерсиха Исмајлоска во рецензијата за книгата ќе напише дека „слично на Бодлер, и Шокева се игра со сензибилитетот на градот, кој во нејзиниот случај е Охрид, а таа го открива на неколку начини, во неколку нијанси, прикажувајќи едно негово помалку познато лице, што само најхрабрите можат да го сакаат. Како противтежа на градот е жената, онаа од нашата улица, онаа смелата“.

Таа и со појаснување дека Шокева не се расфрла со феминистички концепти, туку напротив, таа ја покажува силата на секоја жена. Дека често таа сила е суптилна и нежна, но во исто време зрачи со некоја волчја одлучност и сигурност. Вели дека таков е, всушност, и односот на лирскиот субјект и светот.

„Светот и јас“ не е нешто неодредено, тоа се дефинира преку стиховите во кои интимниот свет води дијалог со оној другиот. Така, лирското „јас“ вели дека „промените го вознемируваат“, оттаму и таа носталгија за нештата што се промениле, а нештата секогаш се менуваат… А, како и во случајов, носталгијата е една од најголемите поетски инспирации, таа се опева за да потсети дека лириката токму преку носталгијата станува певлива, запаметлива. Таа така и се менува. Сместена меѓу стиховите, како да ја губи својата моќ да натажува, таа добива моќ да вдахнува. Токму поради специфичниот однос кон носталгијата и ракописот на Марина Икономова Шокева е посебен, пишува Исмајлоска.

А, поетесата за дијалогот во стихозбирката „Светот и јас“ во времево денешно знае да каже дека е „исклучително личен“.

Па, мојот дијалог со светот е исклучително личен, мој и се менува во согласност со моето расположение во моментот кога го водам - дали е спокоен и помирлив, дали е полн со незадоволство и револт, дали има бунт. Но тоа е сепак и двонасочен разговор, бидејќи и светот, од друга страна влијае врз моето расположение во моментот кога водам дијалог со него. А дијалогот го водам постојано, и кога сум и кога не сум свесна за тоа. Колку е секојдневието инспиративно.... Јас тоа го доживувм малку контрадикторно. Велам дека е инспиративно бидејќи токму таа баналност и сивило и неинспиративност на секодневието се голем предизвик тоа да се обликува, да се преточува и да се следи рефлексијата во нас, а потоа истата рефлексија да се изрази во физичкиот свет, вели Шокева Икономова.

Таа истакнува дека не размислувала за тоа колку е доследна во следењето на сопственото поетско писмо затоа што и не е сигурна дали поинаку и може. Сепак, како што појаснува, „стремам кон тоа таа доследност да не останува во истите рамки и граници туку да еволуира, напредува и да се менува во склад со себе си“.

Од друга страна, во однос на процесот на творење Шокева Икономова истакнува дека тој се одвива независно од објавуањето на стиховите, на песните.

О, да. Секако дека творењето е процес кој се одвива независно од објавуањето на стиховите, на песните, на поетските збирки. Јас и сега наоѓам мотиви и ги ставам на хартија. А, дали ќе запловам во прозни води ... не е исклучено. Постојано добивам охрабрувања да се обидам да се изразам и прозно, и не ја отфрлам таа можност за некоја не многу блиска иднина. Прозата веќе некое време ми е предизвик на кој би му се предала кога ќе дојде моментот за тоа.

Од друга страна, Марина полека излегува од удобноста на класичното говорење поезија и полека дозволува да ја поведе разиграниот ветар на „слемот“.

Слемот како начин на поетско изразување ми е многу инспиративен привлечен и нуди многу можности за да се разбере и прочита една песна како и да се пренесе силна порака со истата. Јас до сега сум учествувала само на еден слем фестивал, во Прилеп , немам некое големо искуство со тоа и затоа сеуште не сум ја заслужила титулата „слемерка“, но се надевам дека на тоа поле во иднина ќе дадам поголем придонес, убедува Шокева Икономова.

Инаку, родена 1966 година во Охрид, Марина Икономова Шокева дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Нејзини песни се објавени во неколку поетски алманаси и литературни печатени и електронски списанија како „Литературни искри“, „Бранувања“, „Стремеж“, „Современост“ „100 Илјади поети за промена“, „Поетски слем, Македонија“ (Македонија), потоа „Поезијата стенка“ и „Месопотамија“ (Србија), „Вавилонска библиотека“, како и во зборникот на фестивалот за кратка книжевна форма „Затон“ (2020, Црна Гора), „Човек-часопис“ (Хрватска), „Дуњалучар“ и „РегионЕле“ (БиХ), а на англиски јазик, нејзина песна е објавена на страницата на фестивалот „Ледбери поетри фестивал”.

Во 2019 година Икономова Шокева на онлајн натпреварувањето во Италија “Quando e la vita ad invitare”, беше добитничка на втората награда во интернационална конкуренција, а истата година стана и добитничка на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија, Италија.

Згора на тоа Марина Икономова Шокева учествувала на бројни поетски читања во земјава и во регионот.

НА КРАЈОТ НА ЛЕТОТО

на мојот град, Охрид

Лесно е ваков да те сакам.

Блескав наспроти бронзеното сонце,

извиен во својот зенит,

усвитен лак си по кој се качувам.

Горе ми е убаво.

Летен ветер ме гали,

и штедро те покажувам на сите:

куќите ‒ дрочни гроздови на ридот

како бели заби во твојата насмевка;

зад секоја порта што се отвора

трепери изгрејсонце од твоето око.

Ваков, лесно е да те љубам.

Во крвта ти игра диво племе.

Нурната во твојата топлина,

сигурна во твојата љубов,

те споделувам со други.

А утре ќе ти ги пресечат вените...

Племето ќе јурне надвор

носејќи го во своите восклици

животот од твоето тело.

Ќе свенеш за миг. Ќе станеш друг,

далечен, бесчувствителен и туѓ.

со стврднато срце под камшици од ветер,

со избраздено лице под солзите на дождот,

со очи во кои ќе се вгнездат врани,

во твојата уста ‒ земјаници.

Моите усилби ќе те тревожат сред твојата мака.

Tешка ќе стане твојата убавина,

И само најсилните ќе можат да те љубат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG