Достапни линкови

„Мал Шенген” - мост кон иднината на Западен Балкан


Лиадерите на Црна Гора, Србија, Албанија и Северна Македонија на средба во Тирана за иницијативата „Мал Шенген.“

Сите земји од Западен Балкан се повикани да учествуваат во иницијативата „Мал Шенген“, истакнаа лидерите на земјите од регионот по третата средба во Тирана. Тие посочија дека се донесени важни одлуки и оти договори од иницијативата ќе бидат потпишани на следните средби во Белград и Подгорица.

Напредокот на спроведување на четирите слободи во регионот утврдени на претходните два состанока во Охрид и Нови Сад за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан, денеска во Тирана го разгледаа македонскиот премиер Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателите на Црна Гора и Србија Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ.

Ова беше нивна трета средба во рамки на иницијативата за воспоставување на таканаречениот „Мал Шенген“, со која треба да се обезбеди спроведување на идејата за слободен проток на стоки и услуги, односно да се намалат трговските бариери меѓу земјите, да има слободен проток на луѓе и да се ослободат пречките за инвестиции.

Претходно во октомври оваа година лидерите одржаа средба во Охрид, кога домаќин беше македонскиот премиер Зоран Заев.

Заев на дененашната прес-конференција наведе дека остварени се конкретни чекори од оваа иницијатива, како што е 24-часовно функционирање на граничните контроли за фитосанитарни и ветеринарни проверки, доадавајќи дека во центарот на овие иницијативи се граѓаните од целиот регион и оти во нивни интерес е меморандумот за слоборно движење на лица со лична карта.

„Се доворивме да започнеме процес со кој граѓаните од други земји надвор од Европа кои ќе влезат во некоја земја од Западен Балкан нема да има потреба за царинска контрола ако преминува во друга земја во регионот“, изјави Заев.

Во денешното соопштение на Владата на Република Северна Македонија се вели дека процесот го поттикнал завршувањето на преговорите меѓу Србија и Северна Македонија за почеток на изградба на граничниот премин Лојане – Миратовац и дека царинските дирекции на Северна Македонија и Албанија ќе потпишат договор за „One Stop Shop“ за граничниот премин Ќафасан, по примерот за договорот за граничниот премин Табановце со Србија.

„Во таа насока за истакнување се неодамнешните одлуки донесени во рамките на ЦЕФТА, за време на претседателството на Албанија, особено одлуката за автоматско признавање на овластени економски оператори и унифицирање на процедурите за работни дозволи за сите граѓани од државите во регионот“, се вели во соопштението.

Исто така во сооптението се вели дека поради трагедијата од земјотресот во Драч, е поттикнато взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби да биде вклучена како уште еден столб на соработката во регионот и во таа насока во февруари во Белград ќе биде потпишан документ Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување.

Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека „Мал Шенген“ е инклузивна иницијатива и оти секој е повикан да учествува во неа.

„Оваа иницијатива е мост меѓу минатото кое не разделува и иднината која не спојува“, рече Рама.

Српскиот претседател Александар Вучиќ повтори дека во рамки на иницијативата „Мал Шенген“ се разговарало за унапредување на трговската размена и промет на капитал и услуги на земјите од регионот.

„Донесовме важни одлуки, а договорите ќе ги потпишеме во Подгорица и Белград, како што се договоривме“, изјави Вучиќ додавајќи дека пред се ќе бидат олеснети царините и дека ќе биде зголемен бројот на лентите на граничните премини.

Српскиот претседател рече дека ќе биде формиран единствен пазар на труд, за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија да можат без пречки да работат во било која од трите земји.

По денешната работна сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан, следуваше пленарна сесија на која учествуваа и претставниците на политичките и финансиските институции на ЕУ, како и претставници на Светската банка, Советот за регионална соработка и претставници на Стејт департментот на САД, а лидерите се согласиле да побараат од ЕБРД земјите од Западен Балкан да бидат вклучени како учесници на нивната февруарска конференција посветена на енергетиката.

Исто така лидерите рекоа дека регионалната соработка е составен дел од нивните напори за влез во Европската унија и за поинтегриран регион.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG