Достапни линкови

Македонци на социјални мрежи за поддршка за Сандерс и Бајден


Берни Сандерс и Џо Бајден

Свои поддржувачи во трката за кандидат на демократите на претседателските избори во САД, Џо Бајден и Берни Сандерс имаат и во земјава. Групи за нивна поддршка има на социјалната мрежа Фејсбук. Не изостануваат групите и во име на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

Додека во Македонија изборната кампања е во полн ек, иако официјално се уште не е започната, дел од граѓаните со интерес ја следат и кампањата за американските претседателски избори. По гласањето на таканаречениот „Супер вторник“ јасно е дека трката кај демократите ќе се сведе на поранешниот потпретседател Џо Бајден и сенаторот Берни Сандерс. Свои поддржувачи на социјалните мрежи во земјава имаат и двајцата претенденти за кандидат.

Бајден доби мнозинство од 14 сојузни држави, но Сандерс освои најголем број делегати. Бајден засега има освоено помалку делегати, или вкупно 337. Сандерс, пак, најверојатно ги добива таканаречените „бојни полиња“, државите Калифорнија и Тексас кои даваат над 640 делегати.

„Во секој случај тие се глобална сила и лидерството на таа сила има влијание врз глобалните движења во светот. Мислам дека тоа е причина зошто и кај нас има интерес околу тоа. Се разбира политиката на САД кон Македонија не се менува независно од кандидатите. Кој ја води Америка има влијание врз тековните светски движења и тоа има ефект дали директен или индиректен и кон нас. Мислам дека тоа е главната причина. Тоа не се случува само кај нас, туку во сите други држави“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Меѓу Македонците на социјалните мрежи се чини дека битката ја добива Сандерс. „Македонци за Берни Сандерс“ е јавна група на Фејсбук која е формирана пред два дена и има 161 член. Освен што се споделуваат текстови, се пишуваат и коментари од нејзините членови за шансите на Сандерс да ја добие номинацијата за кандидат на демократите на претстојните избори.

„Веднаш се гледа консолидацијата околу Бајден во пресвртот, иако сите последни анкети (во февруари) му даваа на Берни водство. Нормално, Ворен останува во игра, иако шансите ѝ се рамни на нула“, е еден од коментарите по вчерашното гласање.

„Македонци за Џо Бајден“ е фан група исто така на Фејсбук која е формирана далеку пред онаа за Сандерс, односно во април, минатата година. Но, има и далеку помалку фанови. Само 17 и освен изјави и текстови за Бајден, коментари воопшто нема. Симпатиите за едниот или другиот се темелат пред се на нивните карактери, смета Муслиу.

„Не верувам дека кај нас има поделба голема во општеството кон републиканците или демократите. Повеќе е кон личните карактери. Дури и без истражување би помислил дека за Сандерс се повеќе помлади луѓе, кои се полево ориентирани и кои неговите ставови ги поддржуваат“, додава Муслиу.

Сандерс свои поддржувачи меѓу македонските граѓани имал и во 2016 година, кога кандидат на демократите за тогашните претседателски избори беше Хилари Клинтон, која загуби од актуелниот шеф на државата Доналд Трамп.

Групата Берни Сандерс Македонија повеќе не е активна. Трамп пак, исто така, ужива поддршка и во Македонија. Но, иако во негово име има три групи на Фејсбук тие повеќе се осврнуваат на домашната политика, отколку на политиката на Трамп.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG