Достапни линкови

Лидерите летаат за Давос, нивните приватни авиони влијаат врз климата


Светски економски форум во Давос, Швајцарија

Политичките и деловните лидери од денеска до петок ќе се сретнат во швајцарското одморалиште Давос на Светскиот економски форум, на кој на дневен ред се прашањата од геополитичката нестабилност до климатските промени. Ќе дојдат со приватни авиони кои загадуваат 50 пати повеќе од возовите.

Сепак, додека бараат консензус и решенија за глобалните предизвици, активистите за заштита на животната средина тврдат дека нивните аранжмани за патување може да се покажат позначајни - бидејќи стотици присутни треба да пристигнат со приватни авиони со високо загадување.

За време на минатогодишниот настан, 1.040 приватни авиони слетаа на аеродромите што го опслужуваат одморалиштето Давос, покажа извештајот нарачан од групата Гринпис.

Тие летови предизвикаа четири пати повеќе емисии на јаглерод диоксид (CO2) што ја загрева планетата отколку во текот на просечната недела - што е еквивалентно на емисиите на 350.000 автомобили, се вели во извештајот.

„За форум каде што луѓето всушност тврдат дека ги решаваат климатските прашања се чини дека тоа е сосема лицемерно“, вели Клара Марија Шенк, од Гринпис Европа.

Но, не е само Давос. Употребата на приватни авиони од страна на супербогатите и политичките лидери сè повеќе го поттикнува гневот на јавноста. Поп-ѕвездата Тејлор Свифт се соочи со критики за нејзините навики за џетсетинг, додека британскиот премиер Риши Сунак неодамна беше на удар на критики за 36-минутен домашен лет во Англија.

Значи, какво е влијанието на приватните авиони врз животната средина, и што експертите мислат дека би можело да се направи како одговор?

Колку загадуваат приватните авиони?

Приватен авион може да испушта два тона јаглерод диоксид за еден час - што е еквивалентно на неколку месеци од емисиите на стакленички гасови на просечен човек во Европската унија, според Европската невладина организација Транспорт и животна средина (T&E).

Приватните авиони се меѓу пет и 14 пати позагадувачки од комерцијалните авиони по патник и 50 пати повеќе од брзата железница, според податоците на T&E.

Кризата ја зголемува употребата на јаглен, расте и ризикот по здравјето

„Ако го разделите по патници и километри, тоа е всушност најзагадувачкиот начин на патување што постои“, вели Шенк.

Во Давос минатата година, повеќе од половина од летовите биле пократки од 750 километри, а најкраткиот забележан лет бил само 21 километар, покажа истражувањето на Гринпис. „Многу од овие летови би можеле да се заменат со неколку часа возење со воз“, додаде Шенк.

Што значи тоа за климатските промени?

Воздухопловниот сектор учествува со околу 2,8% од глобалните емисии на CO2. Иако таа пропорција изгледа релативно мала, експертите укажуваат на големото влијание предизвикано од мал број луѓе.

Само 1% од глобалното население е одговорно за 50% од CO2 емитиран од комерцијалната авијација, според студијата во списанието Global Environmental Change.

„Честите летови и корисниците на приватни авиони се убедливо

престапници кога станува збор за емисиите во авијацијата“, вели Дениз Оклер, менаџер на корпоративна кампања за патувања во T&E, додавајќи: „Приватните авиони се „амблемски“ за климатската криза бидејќи „луѓето кои не летаат и не придонесуваат за проблемот ги трпат последиците“, како суши и шумски пожари“.

Колку се попопуларни приватните летови?

И покрај загриженоста за нивното влијание врз климата, приватните авиони стануваат сè попопуларни во последниве години.

Додека славните личности од американската медиумска личност од Кајли Џенер до Тесла и извршниот директор на Твитер, Илон Маск, се најдоа на насловните страници, со нивните приватни летови следени и објавени на социјалните мрежи, трендот станува се почест и кај пошироките деловни патувања.

Респираторните инфекции во пораст, загадениот воздух им годи на вирусите

Патувањето со приватен авион „почна да цвета“ за време на пандемијата ковид-19, кога повеќето комерцијални летови беа приземјени“, вели Шенк, додавајќи: „Додека седевме дома, овие луѓе летаа со своите приватни авиони“.

Во Соединетите држави, приватните деловни авиони сега сочинуваат четвртина од сите летови, приближно двапати повеќе од нивниот удел пред пандемијата.

Дали патувањето по воздух може да стане одржливо?

Авиокомпаниите велат дека одржливите горива за авијација може да и помогнат да достигне нето нула до 2050 година. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) смета дека овие горива може да ги намалат емисиите до 80% за време на нивниот животен циклус во споредба со конвенционалното гориво.

Во меѓувреме, авиокомпаниите како „Ер Канада“ и американскиот авиопревозник „Јунајтед ерлајнс“ купуваат електрични авиони наменети за кратки патувања.

Сепак, еколошките здруженија велат дека зголемувањето на одржливите горива може да доведе до уништување на шумите, бидејќи огромни количества земјишта се расчистуваат за да се одгледуваат биоенергетски култури како што се палминото и соиното масло.

Исто така, постои загриженост за тоа колку време ќе биде потребно за овие почисти горива да се користат во обем - што сочинуваше помалку од 0,1% од горивата за воздухопловство во 2021 година, според Меѓународната агенција за енергија.

„Мораме да си признаеме... одржливите горива нема да не одведат на патот на декарбонизација на кој треба да одиме денес“, изјави Оклер од T&E.

Таа рече дека ќе биде потребна комбинација од мерки за да се забрза намалувањето на емисиите во текот на следната деценија, вклучително и преиспитување на тоа какви летови се навистина неопходни.


Што праваат владите?


Владите во Европа почнаа да истражуваат чекори за намалување на летовите со приватни авиони и да ги охрабрат патниците да преземаат почисти форми на транспорт.

Токсичниот воздух зема 4000 животи годишно - граѓаните губат надеж

Во декември, Франција доби одобрение од Европската комисија да ги забрани летовите на кратки релации со помалку од два и пол часа за кои има директни опции за железница. Белгија, пак, од април ќе воведе нови даноци за приватните авиони и летовите на кратки релации.

Оклер вели дека даноците би можеле да обезбедат поттик за намалување на воздушниот сообраќај додека го финансираат забрзувањето на одржливиот развој на авијацијата.

Таа, исто така, рече дека корпоративните лидери треба да постават цели и да создадат јасни политики за патување како дел од нивните климатски планови.

„Ако како лидер велите дека вашата организација презема чекори за справување со климатските промени, тогаш едноставно нема смисла да одите со приватен авион во Давос. Треба да станеме сериозни“, вели Оклер.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG