Достапни линкови

Кулик со „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“ во Национална галерија


Олег Кулик "Merry-go-round"
Олег Кулик "Merry-go-round"

Организирана во соработка со самиот автор и Музејот на современа уметност на Војводина од Нови Сад, во Национална галерија, Мултимедијален центар „Мала станица“, од 17 јуни до 15 јули се одржува изложбата „Merry-go-round“ на Олег Кулик, еден од најконтроверзните уметници од Источниот блок.

На Скопје ова изгор лето му се случува и изложба која неминовно заслужува да биде видена. Која никого нема да остави рамнодушен. Во Национална галерија, во Мултимедијален центар „Мала станица“, од 17 јуни до 15 јули, на поставката насловена како Merry-go-round“, а организирана во соработка со самиот автор и Музејот на современа уметност на Војводина, може да се погледнат делата на Олег Кулик, еден од најконтроверзните уметници од Источниот блок. И, кога сме веќе тука најнапред и со појаснување дека акциите и перформансите на Кулик сѐ уште предизвикуваат непријатност, отпор, па дури и шок, а како што велат кураторите „дефинитивно ги поставувале и сѐ уште ги поставуваат дискурсите за дозволивото и општествено прифатливото во уметноста“.

Олег Кулик Body Speaks Louder Then Worlds 2

Инаку, Олег Кулик е роден во Киев 1961 година и по потекло е од Украина. Образован и растен во поранешиот Советски Сојуз, со уметност и перформанс започнал да се занимава по неговата кустоска кариера во галеријата „Риџина“, во осумдесеттите години на XX век, активност на која исто така ѝ пристапува на неконвенционален начин. Во уметноста влегол како скулптор, зашто тоа и завршил на Кралската академија во родниот град, но набрзо станал „препознатлив, скандалозен и секогаш во конфликт со законот“.

Или, како што пишува Сања Којиќ Младенов од Музеј на современа уметност во Нови Сад, кураторката на овој проект, „Олег Кулик е еден од клучните меѓународни уметници кој ги проблематизира маргинализацијата на источноевропскиот контекст од страна на западната уметничка сцена, транзициските општествени промени на комунистичкиот режим и критиката на соцреализмот во уметноста, важен исто така и за разгледување и деконструкција на современата уметност во нашиот регион“.

На изложбата во „Мала станица“ се претставени неговите антологиски акции од 1990-тите години и познатите амблематски изведби од сериите „Бесно куче“, „Јас ја касам Америка, Америка ме каса мене“, „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“, фотоколажи од 2000-тите, како и еден нов перформанс и скулптура изведени во соработка со организаторите на проектот Merry-go-round“.

Олег Кулик „Длабоко во Русија“

Затоа и самиот автор со кого е закажана видео средба за времетраењето на поставката во „Мала станица“ ќе забележи: Ова е ретроспективна изложба на моите перформанси, но од гледна точка на мојот нов период – периодот на скулптури. Всушност, ова е враќање кон моето потекло, откако започнав како вајар во раните 80-ти години. Така, јас гледам на моите перформанси како скулптор и гледам нови аспекти на телото. Сега ме интересира телото како скулптура. Порано имав интерес кон телото во одредена ситуација.

А, Ана Франговска, одговорен кустос за проектот во Национална галерија, во својот текст за изложбата именуван како „Зоофренијата како форма на радикална уметност“ вели: Ексцентричноста и контроверзијата на Олег Кулик е негов крик и бегство од стереотипноста. Користејќи го ефектот на шок, тој критикува гласно и в лице, дебатира за воспоставени правила и норми, за нормалности и абнормалности, за позиции на моќ и доминација. Тенденциозно, тој сака преку скандал или чувство на гнасење, директно да нѐ соочи со апсурдите на современоста во која живееме, за изгубената човечност и социјализација, за живеењето во предрасуди и осуди на другиот или другите чии животи и култури ни се далечни и непознати.

Олег Кулик Kulik is a Bird In Fact

Таа и со дополна дека Олег Кулик преку својата уметност, покрај општествено-политички, е и еколошки ангажиран, преиспитувајќи ја надреденоста на антропоцентричната индивидуа над природата и алудирајќи на разорната моќ што човекот ја има над живиот свет, постојано прашувајќи за тоа кој му ја дал таа улога и тоа право на доминација на човекот?

Затоа Кулик, применувајќи го „утопизмот на авангардата и правагината на Малевич“, ја преиспитува реалноста и фикцијата со влегување во вагина на крава (во проектот „Длабоко во Русија“) со намера да воскресне и одново да се роди во една поинаква, поодговорна и поосвестена индивидуа, одново ставајќи нѐ пред тест на подготвеност за себеидентификација и идентификација на другиот од сосема поинаква перспектива, ќе рече Франговска.

Кон сево ова само уште неколку факти од неговата исклучително богата биоградија. Олег Кулик учествувал на многу меѓународни проекти и биеналиња, вклучувајќи го и Биеналето во Венеција, како и Фестивалот Манифеста, а неговите дела се чуваат во колекции низ целиот свет во некои од најважните музеи, како што се „Тејт модерн“, „Помпиду“, Галеријата „Третјаков“ и други. Бил стипендист на Фондацијата „Полок-Краснер“ (1990) и на Берлинскиот сенат (1995). Покрај многуте меѓународни награди, тој е одликуван и со Медал за заслуги (Достојниот) од Руската академија на уметностите, а денес живее и работи во Москва.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG