Достапни линкови

Два парацетамола и едно пајдушко


Илустрација
Илустрација

Младенци во Тетово, позитивни на коронавирус, отишле во болница да се „освежат“ со инфузија па си истерале свадба со сите салтанати. Слична ситуација се случила во Охрид, а зетот завршил во болница. Да беше Чернодрински жив ќе имаше инспирација за „Македонска ковид свадба“, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Основното јавно обвинителство Тетово завчера оформило предмет по допрен глас со цел да се проверат наводите за свадбата на која младоженецот и невестата наводно дошле позитивни на коронавирус и си ја истерале прославата со сите салтанати и со стотици гости, објави Слободен печат.

Овој случај предизвика жестоки реакции во јавноста на сметка на младенците, кои на веселбата наводно заразиле дел од гостите кои завршиле во болница, како и кон здравствените власти, бидејќи според објавите на социјалните мрежи, тие пред свадбата дома си направиле брзи тестови, на кои испаднале позитивни, но не им верувале на тестовите, ама за секој случај биле во болница за да примат инфузија и парацетамол „за освежување“, по што заминале на веселбата.

По свадбата со цела фамилија заминале на одмор во Албанија.

Други прашуваат како може човек да оди во болница да побара инфузија за да „се освежи“. Не е тоа сок од цеден портокал.

Да биде иронијата поголема, се чини дека ковид-свадбите стануваат тренд во Македонија. ТВ Алфа објави дека младоженци од Австрија кои свадбената веселба одлучиле да ја прават во родниот Охрид, завршија во болница поради коронавирус. Иако уште на пат кон Македонија, идниот зет не се чувствувал добро, тие сепак ја направиле свадбата, по што тој бил хоспитализиран. Во Охридската болница сега очекуваат да почнат да пристигнуваат и заболени сватови.

Да беше Чернодрински жив, ќе имаше инспирација за драма.

Други, пак, велат дека критикуваат само оние што никој нејќе да ги земе.

Во меѓувреме, пронајден е креативен начин за намалување на бројот на активни случаи во земјава. Четворица гостиварци кои биле во самоизолација поради позитивен ковид-тест без проблеми си заминале од државата.

Лани во август Финска воведе задолжителен карантин за сите што доаѓаат од Македонија, откако во летот Скопје – Турку биле откриени 24 позитивни патници.

Владата најави дека од 16 август ќе ги забрани свадбите, а за влез во кафеана и на секаков јавен настан ќе се бара потврда за вакцинација. Дел од граѓаните критикуваат дека има политичка калкулација со владините мерки и прашуваат зошто досега не се бараше ПЦР тест за влез во земјава, барем од држави во кои беше раширен делта-сојот на коронавирусот.

Македонија е во ек на четвртиот бран на коронавирус. Скопје е најголемо, а Тетово најинтензивно жариште. Лекарите од тетовската болница постојано предупредуваат дека токму свадбите кои се прават во летниот период и големиот број иселеници кои се враќаат во татковината се главните причини за ширењето на заразата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG