Достапни линкови

Контрадикторните изјави на власта за Протоколот


Координатори на пратенички групи и претставници на владата во Клубот на пратениците на дебата за документите од францускиот предлог

Додека во јавноста излегуваат детали од билатералниот Протокол со Бугарија на бугарски јазик, македонското МНР не го објавува, обвинувајќи ги медиумите за лажни вести. Власта со контрадикторни изјави ја збунува јавноста - дали воопшто Протоколот е усвоен, потпишан и кога навистина ќе биде објавен.

Владејачката СДСМ на централен комитет едногласно го поддржа францускиот предлог за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ. Опозициската ВМРО ДПМНЕ вели дека додека не го види клучниот документ - билатералниот Протокол со Бугарија не се согласува за почнување на преговори.

А Протоколот се уште се држи во тајност и не е достапен за македонската јавност. За мистеријата да биде поголема претставници на владејачката коалиција во јавноста споделуваат различни информации околу тоа дали тој е усогласен, потпишан и кога ќе биде објавен.

Протоколот, всушност е записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓу владина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Пред речиси две недели министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе го објави билатералниот Протокол. Тој тогаш изјави дека Протоколот е усогласен во МНР, но треба да го одобри Владата кога ќе го разгледа во рамки на целиот пакет документи кои се однесуваат на францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Османи не го исполни реченото на 1 јули дека ќе го објави Протоколот

Тој во интервју за Телма тогаш изјави дека во Протоколот се опфатени прашања од историјата, односно се охрабрува во рок од една година да се решат спорните прашања меѓу историските комисии.

„ Нема рокови, се дава желба политичка да се забрза тој процес. Другото се е обврски на Владата откако Комисијата ќе одлучи. Значи ќе го видите текстот, јас утре ќе го објавам текстот. Во Протоколот стои што ќе прави Владата откако Комисијата ќе одлучи“ изјави Османи во интервју за Топ Тема на 1 јули.

Тогаш Османи посочи дека Протоколот ги содржи темите, историска комисија, пристап до архиви на двете држави за периодот од 1945 до 1991 година, во делот на рехабилитација на жртви од комунизмот – реафирмација на Парламентот од 2006 та година и недискриминација на бугарската заедница и можностите да се интегрираат во општеството.

„ Ако го гледате текстот е реципрочен, цело време доминира реципроцитет во овој Протокол цело време пишува двете држави”, изјави Османи додавајќи дека истиот ден кога ќе биде потпишан ЕУ ќе може да ја усвои преговарачката рамка и преговорите да почнат.

Но, оттогаш поминаа речиси две недели и Протоколот не е достапен за јавноста, како што вети министерот Османи. Пред пет дена до министерството за надворешни работи пративме прашања кога ќе биде објавен Протоколот, но одговори не добивме.

Османи - како да објавиме Протокол од седница која не е одржана

За него Османи на 7 јули, пак, изјави дека Протоколот е записник од меѓувладина комисиска седница која се уште не е одржана.

„Значи за да има записник една седница, треба да има седница. Меѓутоа претходно ги усогласуваме мерките кои тој записник треба да ги има за наредната година, бидејќи тоа се протоколите. Тоа се записници од средби кои што се одржуваат еднаш годишно и се предвидуваат мерки како да се имплементира договорот“, изјави Османи.

Груби пак вели само што не е објавен Протоколот

Минатата недела односно на 7 јули вицепремиерот Артан Груби изјави дека Протоколот само што не е објавен.

„ Уште денеска е можно Владата да го проследи до Собранието францускиот предлог, заедно со билатералниот протокол со Бугарија и другите документи“, изјави Груби.

Адеми и Митревски со контра став- ниту е финализиран, ниту е потпишан

Од друга страна координаторот на пратеничката група на ДУИ во Собранието Арбер Адеми изјави вчера дека тој не е усогласен и затоа не може да биде објавен.

„Протоколот не е финализиран, кога ќе биде финализиран и потпишан ќе се достави и ќе биде јавно објавен како и сите други документи, изјави вчера Адеми.

Со слично тврдење излезе и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, по денешната координација во Собранието, рече дека содржината на билатералниот протокол со Бугарија сè уште не е договорена и таков документ не е потпишан.

„Кога ќе биде потпишан и кога ќе биде договорен, тогаш ќе биде објавен за цела јавност и верувајте дека сè ова што сега се зборува ќе видите дека, тогаш кога ќе биде објавен, ќе биде се побиено“, додаде Митревски.

Протоколот се спомнува во предлог заклучоците на Советот на ЕУ

Во последната верзија на францускиот предлог која ја објави и македонската влада, Протоколот не се споменува директно во Преговарачката рамка. На негово место сега се зборува за „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“. Членот 12 алудира на Договорот за добрососедство кој Северна Македонија и Бугарија го потпишаа во 2017 година.

Но тој се спомнува во предлог заклучоците на Советот на ЕУ. Во нив се вели дека на патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, Советот ја потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

„Во таа насока Советот го поздравува договорот за Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓу владина комисија формирана според член 12 од овој договор. Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои што остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација“ се вели во предлог заклучоците на Советот на ЕУ кои ги објави Владата на 1 јули.

Генчовска - Имаме џентламентски договор со Османи

Во меѓувреме, бугарската министерка во оставка за надворешни работи Теодора Генчовска минатата недела изјави дека протоколот е затворено прашање.

„Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пред некој ден дека протоколите се затворени. Се надевам дека стои на зборот. Јас ќе стојам на моето ветување- нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ја почитуваат одлуката на Народното собрание“, изјави министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред бугарските новинари, одговарајќи на прашањето дали се подготвени протоколите на Софија и Скопје кои се дел од предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Унијата.

Протоколот на бугарски јазик објавен во македонски медиуми, МНР демантира, тоа не било конечната верзија

Во изминативе две недели во македонските медиуми се објавени делови од Протоколот повикувајќи се на бугарски извори, за кои од македонското министерство за надворешни работи велат дека се неточни.

„ Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи. Во овој чувствителен момент, сметаме дека пласирањето на овие неточни информации претставува тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија“, се наведува во последното соопштение од МНР.

Во меѓувреме, дебатата во Собранието пред закажувањето на пленарна седница за разгледување на францускиот предлог, се води токму за Протоколот, дали може пратениците да донесат обврзувачки заклучоци за Владата во однос на преговорите со ЕУ без да знаат што е усогласено и договорено како обврска кон Бугарија. Опозицијата веќе осум дена протестира против францускиот предлог под мотото „Ултиматум, не, благодарам“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG