Достапни линкови

Колку се лоши работите меѓу Русија и САД?


Интерконтинентална балистичка ракета Авангард истреалана во Русија (фотографија од датотека)

Требаше да се сретнат во минатата недела - технички експерти, инженери и претставници од договорот меѓу Русија и Соединетите Држави - за да најдат начин да продолжат со инспекциите на нуклеарното оружје. Москва се повлече што е лош знак и за идните преговори. Мајк Екел

Во минатата недела, за прв пат по руската инвазија врз Украина пред повеќе од девет месеци требаше да се сретнат: технички експерти, инженери и дипломати од Русија и САД во обид да договорат детали за инспекции на боеви глави, проектили и силоси, ограничени со последниот преостанат договор меѓу земјите со двата најголеми нуклеарни арсенала во светот.

Состанокот за НОВ СТАРТ не се случи. Тоа значи дека и инспекциите нема да се случат. А тоа значи дека експертите за контрола на оружјето се повеќе се загрижени не само за трајноста на постојниот пакт, туку и за тоа што следува кога тој ќе истече за нешто повеќе од три години.

„Тоа испраќа навистина вознемирувачки сигнал во врска со политичката волја постигнеме нов договор СТАРТ“, вели Лин Растен, поранешен експерт за контрола на оружјето во Белата куќа и Стејт департментот, која учествуваше во тешките преговори за првичниот договор што беше потпишан во 2010 година.

„Ќе биде невозможно да се има нов разговор за нов договор и стратешка стабилност ако Русите сакаат да ја вметнат Украина во агендата. Загрижена сум дека тоа е лош предвесник“, изјави таа.

„Луѓето беа среќни што состаноците продолжуваат, а сега ова?“, вели Дерил Кимбал, извршен директор на Здружението за контрола на оружјето, тинк-тенк и група за застапување од Вашингтон, додавајќи: „Тоа не навестува ништо добро за иднината“.

„Една работа изгледаше разумно јасно“, смета Николај Соков, поранешен функционер на руското Министерство за надворешни работи, кој сега е соработник во Виенскиот центар за разоружување и неширење.

„Геополитички реалности“

Новиот СТАРТ, кој беше продолжен за пет години во 2021 година, поставува ограничување на големината на руските и американските нуклеарни боеви глави и системи за испорака.

Тој, исто така, наведува строго дефиниран збир на инспекции во кои секоја страна може да патува во другата земјата со мерни инструменти, камери и друга опрема за да ја провери и потврди усогласеноста со договорот.

Секоја земја добива 18 инспекции на самото место секоја година и двете разменуваат информации како што се декларации за бројот на распоредени боеви глави и или распоредени возила за испорака - работи како подморници, камиони и стратешки бомбардери - како и телеметриски податоци и известувања за тоа кога се случува тест лансирање.

Руската нуклеарна подморница Дмитриј Донској закотвена во близина на Кронштат, пристанишен град на 30 километри западно од Санкт Петербург, во јули 2017 година.
Руската нуклеарна подморница Дмитриј Донској закотвена во близина на Кронштат, пристанишен град на 30 километри западно од Санкт Петербург, во јули 2017 година.

Според американскиот Стејт департмент, двете страни досега извршиле 328 инспекции на самото место. Но, последен пат инспекцијата се случи во почетокот на 2020 година, непосредно пред пандемијата на ковид-19. Двете страни се договорија да ги прекинат инспекциите.

Договорот, исто така, предвидува двапати годишно состаноци на Билатералната консултативна комисија (БКЦ), каде техничките експерти се состануваат - обично во Женева - и разговараат за детали од договорот.

Последен пат комисијата се состана кон крајот на минатата година - многу пред Путин да нареди целосна инвазија врз Украина на 24 февруари, потег што доведе до пад на односите меѓу Москва и Вашингтон. Тие веќе беа обележани со некои од највисоките тензии видени од Студената војна.

Во последниве недели, дури и во услови на жестока и лута реторика околу војната на Русија против Украина, американските и руските дипломати тивко планираа повторно да го соберат БКЦ, за да се обидат да ги рестартираат договорните инспекции.

Американските функционери дури се согласија да го преместат состанокот од Женева во Каиро, поради руските наводи дека ставот на Швајцарија за војната во Украина значи дека таа не може да се смета за неутрална територија.

Меѓутоа, во пресрет на разговорите, Русија објави дека нема да присуствува, што ги изненади Соединетите држави. Во коментарите објавени од весникот Комерсант на 29 ноември, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков рече дека Украина е во срцето на одлуката.

„Се разбира, има ефект од она што се случува во Украина и околу неа. Нема да негирам. Контролата на оружјето и дијалогот во оваа област не можат да бидат имуни на она што е околу неа, а поголемата слика – која е прилично сложена и во целина вознемирувачка – влијаеше врз ова“, рече тој.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи подоцна подетално елаборираше, критикувајќи ги Соединетите држави. „Разговорите не може да се одвојат од „геополитичката реалност“, рече Марија Захарова, додавајќи дека одлуката за одложување ја зема предвид „екстремно негативната ситуација во руско-американските односи што беше создадена од Вашингтон и продолжува да се влошува постојано“.

Американски бомбардер со долг дострел Б-52 Стратофортрес над Норвешка во март 2019 година.
Американски бомбардер со долг дострел Б-52 Стратофортрес над Норвешка во март 2019 година.

Претставници на Стејт департментот го потврдија одложувањето, а Белата куќа подоцна потврди дека Русија се обидела да ја додаде Украина на агендата. „Сите теми што Русија ги постави беа на дневен ред на состанокот“, рече портпаролот на националната безбедност Џон Кирби за РСЕ.

„Руското одложување беше избор да се откаже од дискусијата за сите приоритетни прашања што ги идентификуваа и ги ставија на дневен ред. Овие дискусии се на теми за контрола на оружјето, а не за Украина“, рече тој.

Москва подготвена за разговори на високо ниво со Вашингтон, но не за Украина

Соков вели дека природата на откажувањето во последен момент сугерира оти одлуката за одложување на состанокот на 29 ноември, без одреден нов датум, дошла од администрацијата на претседателот Владимир Путин.

Руските официјални лица, исто така, наведоа уште една секундарна причина за повлекување од разговорите: наводната неподготвеност на САД да разговараат за долгогодишната загриженост на Русија за тоа како САД ги конвертираат своите тешки бомбардери Б-52Н и системите на подморници Trident-II, за да ги направат спососбни за нуклеарни проектили. „Но, тоа се долгогодишни, а не нови, грижи што Русите ги покренаа во минатото, вели Рустен.

„Техничките прашања стануваат политички“

Дополнително на ова беше инцидентот во текот на летото кој вклучуваше руски план за спроведување на теренски инспекции на локации во САД.

Според луѓе запознаени со ова прашање, во јули некои европски земји не дадоа дозвола за руски авион со инспектори да лета низ нивниот воздушен простор на пат кон САД. Тоа беше од суштинско значење бидејќи комерцијалните летови до и од Русија - кои руските инспектори ги користеа во минатото - беа целосно забранети поради западните санкции. Увидот на крајот беше прекинат.

Потоа, во август, Соединетите држави се обидоа да спроведат сопствена инспекција на руски локации. Москва одби, иако не е јасно какво точно објаснување им беше дадено на американските власти.

Светлосна трага откако американската војска истрела интерконтинентална балистичка ракета во воздухопловната база Ванденберг, околу 200 километри северозападно од Лос Анџелес, во мај 2017 година.
Светлосна трага откако американската војска истрела интерконтинентална балистичка ракета во воздухопловната база Ванденберг, околу 200 километри северозападно од Лос Анџелес, во мај 2017 година.

„Се разбира дека во многу оптоварена атмосфера техничките прашања стануваат политички“, вели Соков. Сепак, кога станува збор за минатонеделниот состанок, 11-тата одлука за одложување сугерира дека тоа е одлука донесена „на политичко ниво“, рече Кимбал, или во Министерството за надворешни работи или во Кремљ.

„Ова е дебата во Кремљ за тоа дали ангажманот со САД за Новиот СТАРТ треба да биде поврзан со војната во Украина. Но, не е јасно дали тоа е само одложување или позначајна промена на политиката“, рече тој.

Многу експерти велат дека е веројатно дека двете страни ќе најдат начин да се сретнат, најверојатно по Нова година, и ќе се решат прашањата околу прелетите, визите и другите компликации. И тогаш инспекциите може да продолжат.

Што го прави нуклеарното оружје „тактичко“ или „валкано“?

Меѓутоа, ако тоа не се случи, тоа натрупува притисок за напорите да се преговара за договор за наследник на Новиот СТАРТ, кој истекува во февруари 2026 година и не може повторно да се продолжи.

„Путин, сè уште разбира дека ограничувањата на нуклеарните арсенали остануваат во интерес на Русија, но очигледно е дека тие повторно размислуваат како ќе се справат со ова“, рече Кимбал.

Додека администрацијата на претседателот Џо Бајден го направи продолжувањето на Новиот СТАРТ како непосреден приоритет откако тој ја презеде функцијата во јануари 2021 година, американските власти испратија повеќе двосмислени сигнали за итноста на новиот договор.

„Поширокото прашање е што Белата куќа не изгледа подготвена да преговара“ за наследнички договор, рече Растен. „Можете да им префрлите поголема вина на САД што не се подготвени да преговараат за договор за наследник. Постои реален ризик дека договорот ќе пропадне и нема да има договор за наследник“, рече таа.

„Дури и во најлошите времиња на Студената војна, САД и Русија можеа да седнат и да разговараат за прашањата за контрола на оружјето“, смета Кимбал, заклучувајќи: „Ниту една страна не треба да ја спречува поврзаноста меѓу нуклеарната војна и овој конфликт во Украина“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG