Достапни линкови

Клиниките и болниците должат речиси 50 милиони евра


Трауматологија во Општа болница 8 Септември Скопје

Повеќе од половина од вкупниот долг на здравствените институции во првиот квартал годинава го направиле само 10 клиники. Дел од нив со години се во листата на должици, дел пак во време на пандемијата имаа зголемени трошоци како ковид-центри. Поранешниот министер Арбен Тарвари проблемот го гледа во необективна распределна на пари како и нерациоанлно трошење на директорите, а одговорност за тоа не очекува некој да си преземе.

Речиси 48 милиони евра изнесува долгот на здравствените установи заклучно со март годинава. Ова се доспеани, а не платени долгови направени во време на пандемијата со ковид-19 кога поголемиот дел од клиниките или беа ковид- центри или пак, воопшто не работеа со пациенти. Дополнително до крајот на годинава треба да доспеат обврски во вредност од 21 милион евра, покажуваат податоците од министерството за финансии. Само првите десет најзадолжени клиники заедно имаат доспеан, а неплатен долг од вкупно 28 милиони евра.

Првото место на листата на најзадолжени клиники е градската општо болница „8-ми септември“ во Скопје која изминатава година беше ковид-центар.
Второто место го делат Универзитетската клиника за трауматологија, интензивно лекување и Ургентен центар и Институтот за белодробни заболувања Козле со рекорден долг од по 3,2 милиони евра. Веднаш зад нив е Универзитетската клиника за гинекологија со неплатени обврски во вредност од 2,9 милиони евра.

Четвртото место на најзадолжени клиники го делат Онкологија во државната болница и Институтот за трансфузиона медицина. Клиниката за торакалната и васкуларна хирургија должат 2,4 милиони евра, а Општата болница во Куманово должи 2,3 милиони евра. Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски од Скопје должи 2,1 милион евра а Универзитетската клиника за хематологија должи 2 милиони евра.

Како фондот ги дели парите?

Целиот проблем со долговите на клиниките и болниците почнува од нерационалното распределување на парите наменети за здравствените институции од фондот за здравство, вели поранешниот министер за здравство Арбен Таравари. Тој објаснува дека Фондот треба ,според статистика и анализа, да планира објективно распределување на парите, а не како што е сега по паушал.

Директен линк

„ Фондот за здравство треба по дадени услуги да ги распределува парите, а не како што е сега, по добра волја на директорот на Фондот со која клиника стојат подобро таму пуштаа повеќе пари, врз паушал им се одредуваат буџетите на клиниките и очекувано е да има необлективно распределување,“ вели Таравари.

Втората страна на проблемот?

Тој додава дека втората страна медалјонот се директорите на клиниките и нивното нерационално трошење на парите кои им се доделени од буџетот. Во однос на прашањето за непреземањето одговорноста на директорите кои ги оставаат во долгови болниците и клиниките Таравари вели дека проблемот лежи во недостиг на политичка волја.

„Ако погледнете убаво, ги тргнаа директорите на ВМРО-ДПМНЕ, ги ставија од СДСМ и си ја продолжувате истата приказна со нови глумци, значи не се очекува нешто да се смени кога продолжуваат со истите политики“ додава тој.

Едно од предизборните ветувања на СДСМ беше укинување на функцијата економски директор во клиниките и болниците затоа што, како што тврдеа во програмата, ќе се заштедат пари. Но наместо заштеди, болниците тонат во долгови, а нивното укинување во 2017 година го најави поранешниот министер за здравство Таравари.

Тој вели дека за време на неговиот мандат околу 80проценти од економските директори биле тргнати и требаше таа функција повеќе да не постои.

„Но ми се чини дека поради апетитите на ДУИ и СДСМ за да имаат што повеќе функционери ја задржи ја таа функција. Иако самите долгови на клиниките покажуваат колку се успешни тие врзани потписи и постоење на економски директори“ вели тој.

И по пет години од објавувањето на програмата за „Живот за сите“ оваа функција не е укината во целост. Во дел од болниците и натаму фигурираат економските директори односно втор организациски директор.

„ Со обединување на клиниките во еден клинички центар ќе се реши прашањето дали јавните здравствени установи треба да имаат втори или организациски директори. Сѐ уште не е дојдено до спојување на клиниките, но така би се решило ова прашање. Во некои од институциите поради спецификата или големината на институцијата можно е да остане втор директор, и дебатата продолжува“, изјави министерот за здравство Венко Филипче во 2019 година.

Инаку, во практика се покажа дека економските директори не ја остваруваат основната функција заради која беа донесени, а тоа е да се направат заштеди во болниците и тие да работат рентабилно.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG