Достапни линкови

Керол Ен Дафи, Поетесата лауреат на Обединетото кралство, овенчана и со „Златен венец“ на СВП


Поетесата Керол Ен Мекдафи
Поетесата Керол Ен Мекдафи

Керол Ен Дафи, британската поетеса, есеист, драматург, феминистка, професор и креативен директор на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“, е годинашен добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2021 година.

Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле во животот како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни. Годинава изразот „ме изневерија зборовите“ се здоби со тажно значење за мене како поетеса, па така оваа прекрасна награда од Северна Македонија духовно ме поткрена и усреќи со тоа што сум добредојдена во оваа голема европска традиција на вреднување поезија.

Ова ќе го напише британската поетеса, есеист и драматург Керол Ен Дафи во своето обраќање до македонската културна јавност, по примањето на веста дека е годинашен добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2021 година.

Според возобновената традиција, оваа одлука беше соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година, свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чиј јубилеј беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

А, во образложението на ваквата одлука, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, појаснува:

„Поезијата на Дафи е проткаена со сензибилни доживувања и метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, минливоста на времето (крајот на младоста, смртта на родителите, синдромот на празно гнездо и заминувањето на децата од домот). Во оваа симфонија на поетски слики, природата не се исцрпува само во улогата на лирска сценографија туку станува рамноправен соучесник во непреболната драма на светот, чиишто пејсажи се маркери на душевните неспокојства и тревожни прашалници на лирскиот субјект, одблесоци на еден талкачки дух кој општи со светот отаде видливото, во низа од збунувачки асоцијации, есхатолошки назнаки и немушти, исконски закани кои лебдат наоколу.

Во текстот ќе биде забележано и тоа дека поезијата на лауреатката е „луцидна, остроумна и автентична“.

„Поезијата на Дафи е луцидна, остроумна, автентична (и настрана од помодните текови), проткаена со родово сензибилна црта, духовита деконструкција на родовите обрасци и разобличување на родовата асиметрија на моќта. Таа ги предизвикува родовите стереотипи, како манипулативни, позајмувајќи им го при тоа својот моќен глас, духовитоста, проникливоста и игривоста на дотогаш премолчаните, изоставени, иако даровити жени, заробени во улогата на тивки статисти зад сцената на историјата“, пишува Шелева.

Инаку, родена во Глазгов, 1955 година, во семејство со ирски корени, Керол Ен Дафи денес се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високо вреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика. Важен детал, во прилог на тоа е констатацијата дека нејзината поезија е веќе вклучена како задолжителна лектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата.

Уште со првата, провокативно насловена книга "Standing Female Nude" („Стоејќи, жена, гола“), објавена во средината на 1980-тите години, Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели, но и неспорна поддршка од книжевната критика, што во неа инстантно препозна „расен, нов глас во поезијата“. Почнувајќи од таа дебитантска книга натаму, речиси секоја од следните поетски објави на Дафи беше наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија, вклучително, престижната награда „Т.С. Елиот“, што таа ја добива за збирката „Вознесение“ во 2005 , како прва жена во историјата на доделување на оваа награда. Потем, тука се и наградите „Дилан Томас“, „Сомерсет Мом“, „Харолд Пинтер“ и други, што убедливо сведочи за недвосмислената репутација на нејзината поезија во редовите на пребирливата критичка јавност.

За првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 год, Дафи беше избрана и како жена Poet Laureat на Обединетото кралство.

Автор е на близу 50 книги, од кои најнови се: „Искреност“ и „Панаѓур на студот“, обете објавени во 2019година.

Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носител на високи одликувања од кои највисокото е почесната титула „Дама-заповедник на Редот на Британската Империја“, што го добива во 2015 г.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 25 до 30 август во Струга.

Деметра

Каде што живеев ‒ зима и корава земја.

Седев во мојата студена камена одаја

бирајќи тешки зборови, гранит, кремен,

за да го скршам мразот. Моето скршено срце ‒

пробав и тоа, но се лизна,

се спружи врз замрзнатото езеро.

Таа дојде од далечен, далечен пат,

но конечно ја видов, како чекори,

мојата ќерка, моето девојче, низ полињата,

босонога, донесувајќи ги сите пролетни цвеќиња

до куќата на мајка си. Се колнам дека

воздухот стануваше сѐ попријатен и потопол со секој нејзин чекор,

синото небо се смешкаше, точно навреме,

со малата срамежлива уста на млада месечина.

Препев од англиски: Јулијана Величковска

Керол Ен Дафи – „Сопругата на светот“, наскоро во едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG