Достапни линкови

Кај сите кисинџери, таму и една Бесмира


Поранешниот американски дипломат Хенри Кисинџер и ТВ-водителката и кандидатка за македонски конзул во Њујорк Бесмира Ејупи

Жестоки реакции во јавноста предизвика владината одлука да ја испрати 28-годишната ТВ презентерката Бесмира Ејупи за генерален конзул во Њујорк. Други, пак, велат дека таа воопшто не е полош избор од луѓето кои досега беа испраќани во дипломати, а се „прославија“ со швалерски афери, тепачки и пијано возење. Поради тоа и стигнавме до ова дереџе, одговараат трети.

Владата синоќа на затворена седница одлучила да ја испрати 28-годишната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи за генерален конзул во Њујорк. Од Владата не ја потврдија оваа информација која излезе од анонимни извори, но не ја ни демантираше, иако ја објавија речиси сите медиуми. Ејупи наводно е назначена на предлог на ДУИ.

Министерството за надворешни работи дури денеска попладне реагира на „бројните објавени нецелосни информации поврзани со испраќањето на дипломати во Дипломатско – конзуларните претставништва“.

„Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов има Генерален конзул во Њујорк, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена“, велат во МНР.

Мандатот на Панев истекува наредната година.

Ако САД го одобри предлогот, Ејупи без проблем ќе замине во Њујорк, бидејќи именувањето конзули е во надлежност на МНР и на Владата, односно за конзулските позиции не се прашува претседателот на државата. Таа работела како презентерка во повеќе телевизии, меѓу кои Нова, Алсат-М и ТВ21. Ејупи магистрирала казнено право на Универзитетот ФОН, а дипломирала меѓународна комуникација на Штуловиот универзитет.

Нејзиниот избор предизвика жестоки реакции во јавноста. Ако во изборот нема ништо спорно, зошто одлуката се носи на затворена седница?

Главен проблем е „тенката“ биографија и неисполнување на законските услови.

Според Законот за надворешни работи, кога кандидатот за генерален конзул не доаѓа од редот на професионални дипломати треба „да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи“ и прашуваат која е нејзината афирмација. Други, прашуваат како девојка која не навршила ни 30 години може да ја претставува Македонија и се загрижени за угледот на дипломатијата.

Трети, пак, прашуваат кој углед и потсетуваат на досегашните „бисери“ на македонските дипломати – љубовна афера на амбасадорот во Австралија Перо Стојановски, возење во пијана состојба на амбасадорот во Швајцарија Алајдин Демири, тепачка меѓу амбасадорката Добринка Тасковска и вработен во амбасадата во Хаг, а амбасадорот во Чешка Игор Илиевски преку прес-конференција водеше старателска битка со сопругата околу двоиполмесечниот син.

Дел од граѓаните во критиките за Ејупи, а молкот за другите „промашувања“, гледаат тенденциозност.

Порано младите кои сакаа да го прошетаат светот се запишуваа на играорна, а сега одат во дипломатија, се шегуваат некои.

Луѓе на нејзина возраст беа избирани и на поважни функции. Драгана Кипријановски и поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров беа избрани за заменици министри во МНР на 28-години. Диме Спасов на тие години стана министер, а Бранко Црвенковски премиер. На Љубчо Георгиевски на 25-години му измислија функција потпретседател на претседателот. Филип Петровски на 28 години исто така беше избран за генерален конзул во Њујорк. Критичарите, пак, одговараат дека затоа сме на тоа дереџе.

Ако почнеме со укинување на институции поради бламирање, тешко дека ќе остане институција, одговараат други.

Некои, пак, шеговито прашуваат дали за амбасадори и конзули треба да праќаме грди луѓе и го цитираат Достоевски дека убавината ќе го спаси светот. Патувај Бесмира, и не се наведнувај преку прозорецот, велат трети.

Ситуацијата кога на високи функции се назначуваат луѓе со речиси никакво искуство не е ексклузивна за дипломатијата. Во анализата „Кој тоа таму управува?“ на Институтот за демократија – Социетас цивилис (ИДСЦС) направена минатата година се наведува дека работните позиции, особено оние на повисоките раководни функции, се делат преку ноќ, зад затворени врати. ИДСЦС анализирал 116 именувања направени по парламентарните избори во 2020 година, а анализата покажува дека 55 отсто од кандидатите имаат минимум искуство во раководење. За да се заобиколат процедурите за именување, во половина од случаите биле назначувани в.д. директори.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG