Достапни линкови

Каевски - Не ја партизираме Агенцијата за спорт и млади


Каевски - Закон за млади за нивен поголем ангажман
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:08 0:00

Каевски - Закон за млади за нивен поголем ангажман

Директорот на Агенцијата за спорт и млади Дарко Каевски вели дека со буџетот од 9 милиони евра се предвидува и нов младински центар во Скопје. Агенцијата одлуките ги носи во инклузивен и транспарентен процес но се уште треба да се врати довербата на младите во организирано делување, вели тој.

Дали Агенцијата за спорт и млади која постои со години успеа да се наметне како функционално тело?

Мое мислење е дека да. Со оглед на тоа дека во изминатите две години имавме доста голем број проекти кои ги спроведовме или се во фаза на спроведување и секако проекти кои се најавени и ќе се имплементираат во периодот кој следи, кои и тоа како се препознатливи како кај младите така и кај спортистите, проекти кои го помагаат нивното секојдневно делување и со тоа придонесуваат да ги подобрат условите и во спортот и кај младите.

Буџетот на Агенцијата за 2019-та е 9 милиони евра од кои над 7 милиони се за спорт, а 400 илјади евра за млади. Каде ги трошите тие 9 милиони евра?

Девет милиони евра се распределени во неколку сектори меѓу кои е и секторот за капитални инвестиции односно за спортска инфраструктура. Еден новитет е што за првпат, веќе од наредната година, во дeлот на ифраструктурата ќе се грaди капитален објект, кој ќе биде во делот на млади, односно оној проeкт кој го најавивме во делот на младински центри, ќе биде надополнет со еден голем младински центар кој ќе биде на територија на градот Скопје, а ќе биде започнат во наредната 2020 година. Тој младински центар ќе биде надополнет со мултифункционални сали, исто така ќе биде надополнет со канцеларии за млади кои ќе добијат грантови со неповратни средства за отворање на сопствени бизниси и ред други содржини кои ќе бидат пред се наменети за младите, за нивното подобро секојдневно и тековно делување. Во делот на спортот имаме голем број проекти меѓу кои најзначајни се поддршката за младинските категории, поддршката за индивидуалните спортисти од олимписките спортови, се со цел да оствариме врвни резултати во тие категории.

Колкав процент од буџетот на Агенцијата годинава отиде во поддршка на најуспешните млади луѓе?

Конкретно околу 8 милиони денари е целиот проект, само проектот, дополнително што вложуваме за нивните натпреварувања надвор од државата, односно ги поддржуваме активностите кои ги имаат на меѓународен план. Тие се дополнителни средства, така што огромен дел од средствата Агенцијата пред се ги вложува за овие младински категориии, но и за нивните меѓународни натпреварувања.

Иселувањето на младите е системски проблем, но со кои политики вие како Агенција се обидувате да одговорите на оваа проблематика?

Како институција доста сме фокусирани со низа мерки кои ги донесовме не само од Агенцијата туку и другите ресорни министерства и други институции кои имаат надлежност во делот на младите. Сметам дека го намаливме трендот и во добра мерка го сопревме, но сепак тоа не е доволно, мораме континуирано да бидеме фокусирани на овие мерки. Ќе започнам со мерката за младинска гаранција која во 2018 даде добар ефект. Во 2019 е проширено на територија на цела држава. Само преку таа мерка 1800 млади луѓе најдоа работно место по завршувањето на нивното образование. Во 2019 очекуваме тоа неколкукратно да се зголеми и да даде ефект на територија на цела држава. Потоа оперативниот план за вработување на млади, имаме голем број мерки кои даваат неповратни средства на млади, грантови за отворање сопствен приватен бизнис. Една од тие инститиции е Агенцијата, каде наградуваме две најдобри бизнис идеи по претходно отворен повик. Потоа голем број на обуки за младите да се стекнат со дополнителни вештини за да може да најдат и работно место но и да отворат сопствен приватен бизнис.

Невработеноста се намалува, но бројките на невработени млади и натаму се големи?

Во 2017 година 53 проценти од младите беа невработени. Тоа беше податок од Светска Банка. Невработеноста во моментов на ниво на држава, не кај младите, е на рекордно ниво од 17,4 проценти, што значи дека во добар правец се движиме и дополнително со мерките кои ги промовираме, како што е последната со ребалансот на буџетот каде што на стопанствениците во приватниот сектор им нудиме дека државата, за зголемување на плата до 100 евра ќе ги покрие трошоците кои ги има приватникот кон државата, е еден од главните показатели дека ние се трудиме што е можно повеќе пред се да пораснат платите, но и да креираме добри работни места кои ќе бидат во интерес на младите, да посегнат кон нив и да останат во нашата држава.

Според истражувањата, над 90 проценти од младите не сметаат дека нивниот глас е застапен доволно во процесите на одлучување. Кога очекувате Собранието да го донесе Законот за младинско учество на кој работевте и вие?

Очекувам дека во средината или крајот на месецов законот ќе биде во собраниска процедура каде што дополнително ќе биде отворен за коментари, сугестии и предлози. До крајот на оваа година очекуваме дека ќе биде донесен. Со носењето на законот ќе се создаде дополнително позитивна клима за младите да бидат вклучени во сите процеси. Впрочем и сега сите одлуки, јас ќе говорам во име на Агенцијата, сите одлуки кои се буквално за младите и се носат во име и за сметка на младите, се носат во еден инклузивен и транспарентен процес каде сите млади се вклучени преку младинските организации. Последно ќе ги земам како пример младинските центри кои се во фаза на имплементација.

Со законот се предвидува мнозинството на организации во Национално советодавно тело да прозлезе од организациите за кои води регистер Агенцијата. Дали тоа ја гарантира неговата независност?

Донекаде ја гарантира, но тука ќе треба дополнително институции и луѓето кои се во институциите, конкретно Агенцијата за млади и спорт и јас како нејзин директор дополнително да се вложиме и да ја вратиме довербата, дека сето она што ќе биде нема да биде злоупотребено, туку напротив со искрена намера и со искрен пристап да ги вратиме младите преку младинските организации да бидат дел и од овој систем и од законот и секако преку советодавното тело да бидат вклучени во сите процеси кои ќе бидат за младински политики, сите процеси кои било која институција ќе ги носи, а ќе бидат наменети за младите.

Колкав дел од младите не сакаат да бидат дел од организирано делување поради партизираноста на студентските тела досега и што правите да ги разубедите?

Организиравме голем број тркалезни маси и голем број консултации со млади во различни градови по различни основи за различни мерки и можам да кажам дека дел од младите се интересираат, но има и доста голем број млади кои не сакаат да бидат вклучени во сите процеси. Можеби дел од тоа е партизираноста на одредени институции во минатато како што е студентскиот парламент. Имаше голем број протести, како студентски така и средношколски поради погубните политики тогаш, а притоа студентскиот парламент не делуваше и беше буквално слеп послушник на власта во тој момент. Во ниту еден момент, еве јас во исто време сум директор на Агецијата за спорт и млади и сум претседател на социјалдемократската младина, младина на партијата која е на власт, и во ниту еден момент ниту сме помислиле ниту сме делувале ниту сакаме да партизираме било какво тело, особено во делот на младите.

XS
SM
MD
LG